Настани и новости
Архива 2004
Архива 2005
Архива 2006
Архива 2007
Архива 2008
Архива 2009
Архива 2010
Архива 2011
Архива 2012
Архива 2013
Календар на активности
Програми
За Фондацијата
Конкурси
Публикации
Партнери
Извештаи
Отворени писма
Контакт-информации
Мапа на сајтот
 
 
 
Фотографии од настани
Event photos
 
 

 Календар на активности
- Архива на календарот на активности
 
 
 
 
 
 
Црн понеделник
 
20 години ФООМ
 
 
 
Metamorphosis, Foundation for sustainable ICT solutions
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 

Настани и новости

Архива 2007

Архива на настани и новости 2007
НA 14 И 15 ЈУНИ

Регионален НВО саем во Неготино



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и Центарот за поддршка на НВО - Неготино во име на членките на Граѓанската платформа на Македонија го организираат Регионалниот НВО саем во Неготино. Саемот ќе се одржи на 14 и 15 јуни 2007 година во Хотел Парк, во Неготино. Можат да учествуваат граѓански организации од Македонија и соседните земји.

Целта на овој настан е јавноста да се запознае со активностите на граѓанските организации, да се создаде простор за размена на искуства и да се зголеми регионалната соработка преку координација и вмрежување помеѓу здруженијата на граѓани.

Регионалниот НВО саем се состои од три компоненти: форумски активности, изложбен дел и социо-културни настани. Влезот на Регионалниот НВО саем е бесплатен.

Пријавувањето е до 28 мај 2007 година, во Центарот за поддршка на НВО-Неготино на адреса: ул. Ленинова бб, Неготино. Пријавите ќе бидат достапни и на следните веб-страници: www.soros.org.mk ; www.nvocentri.org.mk и www.gragjanskisvet.org.mk. Лица за контакт: Елеонора Настова Димова и Роза Јаневска, тел. 043/371-152 и 043/371-151 (од 08 до 16 часот, секој работен ден), факс 043/371-151, e-mail: endimova@sonet.com.mk и rjanevska@sonet.com.mk.

Преземете ја пријавата за форум, (.doc, 100 КБ)

Преземете ја пријавата за штанд, (.doc, 110 КБ)

Преземете ја пријавата за социо-културен настан, (.doc, 105 КБ)
Изјава за солидарност и поддршка на новинарот Исо Руси


Ние, граѓанските организации во Република Македонија, изјавуваме солидарност и целосна поддршка на Исо Руси, новинар и претседател на Хелсиншкиот комитет, во неговото право на слобода на изразување.

Говорот на омразата во Македонија не започнува сега, но претставува кулминација на ксенофобијата и омразата кон неедномисленици и кон секој кој не е со „чиста крв“.

Изјавата на Демократската партија на Албанците (ДПА) е загрозување на слободата на изразувањето со директна закана по животот и безбедноста.

Тежината на изјавата е поголема бидејќи ДПА е парламентарна партија, учествува во Владата на Република Македонија и има пристап до државната моќ.

Со Европската конвенција за правата на човекот, државата, односно Владата е индиректно одговорна за случаи во кои се повредуваат правата на човекот и ако се направени од трета страна, а се констатира дека Владата можела да преземе мерки да го спречи тоа.

Бидејќи ДПА учествува во извршната власт, Владата, и директно и индиректно е повикана да реагирa.

Затоа, од ДПА бараме да го демонстрира својот демократски капацитет, да се огради и да се извини за изјавата. А од Владата на Република Македонија бараме да го осуди загрозувањето на слободата на изразувањето и да преземе мерки за заштита на безбедноста и животот на новинарот и граѓанинот Исо Руси.

Асоцијација за демократски иницијативи (АДИ) - Гостивар
Доверба - Скопје
Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС) - Скопје
Младинска алијанса - Скопје

Младински културен центар (МКЦ) - Битола
НВО Инфо центар - Скопје
ОХО - Скопје
Прва детска амбасада во светот „Меѓаши“ - Скопје
Полио Плус - Скопје
Сојуз на организациите на жените на Македонија (СОЖМ) - Скопје
Форум ЦРСД - Скопје
Фондација Институт отворено општество Македонија (ФИООМ) - Скопје
ХДЗР Месечина - Гостивар
Центар за институционален развој (ЦИРа) - Скопје
ДПА СЕ ОГЛАСУВА ПО РЕАКЦИИТЕ ЗА ПОДДРШКА НА ИСО РУСИ

„Реагирањата доаѓаат од антиалбански кругови“



По поддршката која ја упатија неколку невладини организации, меѓу кои и ФИООМ, до Исо Руси по изјавата на Демократската партија на Албанците (ДПА) со која се загрозува слободата на изразувањето со директна закана по животот и безбедноста на Руси, во весникот КОХА е објавена реакција од ДПА.

Потпретседателот на ДПА и воедно потпретседател на Собранието на РМ, Бесим Догани, во првата официјална изјава во име на неговата партија по сите реакции ги повтори пораките на неговата партија, но овој пат проширувајќи ги квалификациите и во однос на сите оние кои изразија незадоволство со реакцијата на информативната служба на ДПА.

Во прилог е пренесен написот од КОХА>>>, (.пдф, 100 КБ)
РАБОТИЛНИЦА НА ФИООМ

Стратегија на Владата за соработка со граѓанските организации - предизвици и можности за лобирање и застапување



На 17-18 мај 2007 год. во Маврово, ФИООМ ја организираше третата, воедно и последна работилница за запознавање со законските можности за граѓанските организации, која е дел од проектот “Поддршка на национален форум/платформа на граѓанското општество”. На работилницата учествуваа 30-тина членки на Граѓанската платформа на Македонија.

По двете работилници каде се разгледуваа можностите за подобрување на законската рамка за граѓанските организации, третата ја опфати Стратегијата на Владата на РМ за соработка со граѓанскиот сектор 2007-2011.

Зборуваа Сузана Никодијевиќ-Филиповска, раководител на Сектор за анализа на политиките и координација при Генералниот секретаријат на Владата на РМ и Есма Адиловиќ од одделението за соработка со невладини организации, како и д-р Наташа Габер-Дамјановска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања која ги потенцираше приоритетите што водат кон ефективна примена на механизмите предвидени со Стратегијата. Неда Коруновска, координатор на правната програма во ФИООМ, ги образложи научените лекции и предизвиците за унапредување на лобирачките активности кај граѓанскиот сектор во иднина.

Преземете ги заклучоците >>>, (.пдф, 190 KB)
ШTO E CHACHIPE?

Зборот chàchipe значи „вистина“, „реалност“ или „право“ на ромски



Во рамките на Декадата за вклучување на Ромите, Институтот Отворено Општество (ИОО) и OSA Archivum објавуваат интернационален натпревар за најдобра фотографија наречен Chàchipe.

Ромската декада започна во 2005 година со учество на влади на девет држави (Бугарија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Македонија, Црна Гора, Романија, Србија и Словачка), Светската Банка и голем број невладини организации. Нивната цел е фундаментално подобрување на социо-економскиот статус на Ромите и нивно вклучување во општествениот живот. Согласно пошироката цел, овој натпревар има цел да ги надмине визуелните стереотипи повразни со Ромите и да ги претстави Ромите и ромската култура на сензитивен и уметнички начин.

Натпреварот е отворен за сите без разлика на националната, државната и етничката припадност со тоа што учествотото на фотографи од ромска националност посебно се охрабрува. Натпреварот е отворен и за аматери и за професионални фотографи.

Парична награда од 1000 американски долари ќе биде доделена за секоја од четирите категории од страна на интернационалното жири составено од професионалци. За петтата категорија гласањето ќе биде јавно, преку веб-страница. Фотографии од деветте земји-учеснички во Декадата може да бидат поставени на следнава веб-страница: http://photo.romadecade.org од 1 јуни до 31 јули 2007 година.

За повеќе информации обратете се на:
Илона Наги:+36-20-669-3248;
OSA Archivum: +361-327-3250
E-mail: photo@romadecade.org

Повеќе >>>
КРЕАТИВНА НАСТАВА И УЧЕЊЕ

Семинар за нови наставни методи и техники



Oд 3 до 5 јуни 2007 година во Охрид ќе се одржи вториот дел од Семинарот за воведување нова наставна методика „Со читање и пишување до критичко мислење“. На семинарот ќе учествуваат професори и асистенти од наставничките институти на Природно-математичкиот факултет и Филозофскиот факултет од Скопје.

Целта на семинарот е запознавање со новите активни наставни методи и техники фокусирани врз студентите, што го поттикнуваат критичкото мислење и создаваат услови за поактивно ангажирање на учесниците во процесот на наставата. Предавачи на семинарот се проф. д-р Елена Ачкоска-Лешкоска и м-р Весна Јаневски.
ПРОЦЕНА НА ПОТЕНЦИЈАЛОТ ЗА ДОБРО УПРАВУВАЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Работилница за ИКТ стандарди во државните институции



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) организира работилница за ИКТ стандарди во државните институции, која ќе се одржи на 4.06.2007 (понеделник) во Клубот на пратеници во Скопје, со почеток во 11.30 часот.

На средбата ќе биде презентиран документот со препораки за ИКТ стандарди во државната администрација. Документот е изготвен од ИТ работната група на проектот Процена на потенцијалот за добро управување во Македонија што го спроведува ФИООМ. ИКТ компонентата, којашто се спроведува во соработка со Фондацијата Метаморфозис, е дел од активностите од потпишаниот Договор за соработка меѓу Генералниот секретаријат на Владата на РМ и ФИООМ.

Со цел да се отвори поширока дискусија, поканети се следните институции: Генералниот секретаријат на Владата на РМ, Секретаријатот за европски прашања, Секретаријатот за законодавство, СОЗР, сите министерства, Комисијата за ИТ, Државниот завод за геодетски работи, Државниот архив на РМ, Државниот завод за статистика, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Институтот за стандардизација на РМ, МАСИТ, Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на РМ и Слободен софтвер Македонија.
КОНКУРС

За младински НВО кои имаат интерес да работат во областа на социјалната исклученост на младите



Светската Банка и ФИООМ објавуваат конкурс за младински НВО кои имаат интерес да работат во областа на социјалната исклученост на младите

Првата фаза на проектот предвидува градење на капацитети на младински НВО преку:
  • обука на обучувачи на млади активисти мултипликатори во областа на социјалната исклученост на младите;
  • менторска поддршка на искусни НВО во областа во развој на предлог проекти.


Проектните идеи треба да бидат кратки и јасни, да понудат одговор на одредени прашања во однос на намалување/ублажување на социјалната исклученост на младите. Периодот на спроведување на предложените активности треба да изнесува најмногу 6 месеци со вкупен буџет до 6000УСД. Предност ќе имаат предлози кои вклучуваат учество на повеќе заинтересирани партнери во намалување на социјалната исклученост на младите.

Во рамките на втората фаза, поуспешните предлог проекти ќе бидат финансиски поддржани.

Погледнете го целиот текст на конкурсот >>>
КОНКУРС

За НВО кои ќе пружат менторска поддршка на младински НВО во борбата против социјалната исклученост на младите



Светската Банка и ФИООМ објавуваат конкурс за НВО кои ќе пружат менторска поддршка на младински НВО во борбата против социјалната исклученост на младите

Првата фаза на проектот предвидува градење на капацитети и менторска поддршка на искусни НВО во развој на предлог проекти на младински НВО во областа на социјалната исклученост на младите. Во втората фаза, поуспешните предлог проекти ќе бидат финансиски поддржани.

Менторски НВО се организации кои делуваат, имаат искуство и експертиза во одреден аспект на социјалната исклученост и имаат интерес за работење со млади и младински НВО.

Улогата на менторските НВО во овој проект се состои во логистичка поддршка и трансфер на знаење и искуства во фазите на градење капацитети, подготовка на предлог проекти и спроведување на проектите доколку бидат одобрени за финансирање.

Погледнете го целиот текст на конкурсот >>>
ЦЕНТАР ЗА СОВРЕМЕНИ УМЕТНОСТИ

Борис Петровски добитник на наградата „ДЕНЕС“



На 30 мај 2007 година, во Музејот на современата уметност е доделена овогодинешната награда „ДЕНЕС”за најдобар млад ликовен уметник во Република Македонија до 35 години. Годинешен добитник е уметникот Борис Петровски кој се претстави со делото: Изобличување (видео инсталација). Борис Петровски е роден во 1975 година во Скопје, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје 1998 година, на Оддел скулптура и графички дизајн. Од 1996 работи како декор артист на транс забави. Живее и работи во Скопје како слободен уметник (afadecor@mt.net.mk; www.afadrenalin.com). Овогодинешното дело на првонаградениот уметник од Македонија ќе биде претставено во октомври 2007 год. на групната изложба во Белград СРЈ, на која ќе учествуваат и номинираните уметници од Централна и Источна Европа.

Во Музејот на современа уметност беше отворена и изложба на номинираните уметници: Велимир Жерновски (наслов на дело: Welcome to Skopje), Верица Ковачевска (наслов на дело: Секојдневна уметност, уметноста на секојдневието), Борис Петровски (наслов на дело: Изобличување) и Никола Узуновски (наслов на дело: Неизречена желба).

Наградата (насловена „ДЕНЕС” по еминентната македонска ликовна група од шеесеттите години), Центарот за современи уметности ја воведе во 2002 година во соработка со Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк. Центарот за современи уметности е одговорен за подготовките и организацијата на настаните, додека за стипендијата е одговорна Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк.
РАБОТНА СРЕДБА

Подобрување на имплементацијата и примената на неколку закони



На 30 мај (среда) 2007 година со почеток во 10:00 часот беше организирана првата работна средба на тема: Подобрување на имплементацијата и примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Законот за безбедност на клацифицирани информации и Законот за заштита на личните податоци.

Целта на средбата беше експертска расправа за имплементацијата на овие три закони од страна на централната власт за да се идентификуваат добрите примери како и предизвиците. Беа поканети службените лица кои се директно одговорни за имплементација на овие закони. Покрај нив свое излагање имаа: Маријана Марушиќ, Дирекција за заштита на личните податоци, Директор; Лидија Костовска, Дирекција за безбедност на класифицирани информации, Директор; Јанко Николовски, Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, Претседател; проф. д-р Владо Камбовски; проф. д-р Борче Давитковски и доц. д-р Ана Павловска Данева.

Организатори и поддржувачи на средбата беа: фондацијата Институт отворено општество – Македонија и фондацијата Метаморфозис, а во соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, Дирекцијата за заштита на личните податоци и Дирекцијата за безбедност на класифицираните информации.

Заклучоците од средбата ќе бидат дополнително поставени.

Преземете ги следните документи:

Листа на учесници

Агенда

Презентации

- Неда Коруновска, Данче Даниловска, ФИООМ

- Маријана Марушиќ, Дирекција за заштита на личните податоци

- Лидија Костовска, Дирекција за безбедност на класифицирани информации

- Јанко Николовски, Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информаци од јавен карактер

- проф. д-р Борче Давитковски, Судир на законите или недоследна примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер?

- доц. д-р Ана Павловска Данева, Како до подобра заштита на личните податоци?

- Филип Стојановски, фондација Метаморфозис

- Маријана Марушиќ, Дирекција за заштита на личните податоци

- Лидија Костовска, Дирекција за безбедност на класифицирани информации

- Јанко Николовски, Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информаци од јавен карактер
РЕГИОНАЛНА РАБОТИЛНИЦА

Истражување на можностите за микрофинансиски услуги за домување за Ромите



На 12 и 13 април во Скопје се одржа регионална работилница на тема “Истражување на можностите за микрофинансиски услуги за домување за Ромите“. Оваа иницијатива беше финансиски поддржана од мрежната програмата Исток – Исток: Прекугранични партнерства. Носител на проектот беше Хабитат – Македонија во партнерство со Фондација Институт отворено општество – Македонија и Фондација Хоризонти. На настанот учествуваа повеќе од 35 претставници од 16 прекугранични партнерски организации и претставници од локални организации кои работат на решавање на проблемите на ромската популација.

Главна цел на настанот беше поврзување на три области микрофинансирање, домување и Роми. Беа презентирани истражувања спроведени во регионот, успешни приказни и најдобри пракси за микрофинансирање на ромската популација со цел подобрување на условите за домување и живеење во ромските населби.

Повеќе >>>
ФИООМ И ЦЕНТАР ЗА ДЕЛОВНА СОРАБОТКА

Промоција на 11 обучувачи Роми



На 19 јуни 2007 година, со почеток во 11 часот, во Клубот на пратеници во Скопје, ФИООМ ќе одржи промоција на 11-те обучувачи од ромска националност, како резултат од првата фаза на пилот-проектот за обука на Роми обучувачи.

Овој проект беше инициран како одговор на недостигот од експертиза во областа на претприемништво меѓу ромската популација, а го спроведе ФИООМ во соработка со Центарот за деловна соработка. Целта на обуките е да се зголеми бројот на Роми обучувачи што ќе бидат подготвени да испорачуваат обуки од доменот на економскиот развој и претприемништво во Република Македонија. Обуката беше соствена од пет модули кои покриваат осум теми: мотивациски вештини, комуникациски вештини, презентациски вештини, фасилитаторски вештини, управување со времето и планирање, анализа на потребите од обука, техника на мониторинг и евалуација и пишување извештаи. По завршувањето на првата фаза од проектот, најуспешните учесници ќе имаат можност да се стекнат со дополнителни специјализирани обуки од областа на претприемништвотo, како и да бидат ангажирани како обучувачи-асистенти на обуки за претприемништво.
ДОДЕЛЕНА НАГРАДАТА ЗА НАЈДОБАР ДИЗАЈН НА КНИГА

Лауреат – „Блуз говорница“ на „Блесок“



издание со надобар визуелно-графички дизајн
Годинава, наградата на ФИООМ за најдобар визуелно-графички дизајн на испечатена книга во изминатите 12 месеци ја доби изданието „Блуз говорница“ на издавачката куќа „Блесок“ од Скопје. Наградата беше свечено доделена на 19 јуни 2007 година во просториите на НВО Инфоцентарот во Скопје.

Оваа година, ФИООМ ја доделува наградата по четврти пат. „Блуз говорница“ беше избрана меѓу 17 пријавени изданија од страна на независно стручно жири во состав: Гордана Дувњак – претседателка, Андон Давчев – член и Петре Димитров – член. Наградата е парична, во износ од 1.000 американски долари.
ПРОЦЕНА НА ПОТЕНЦИЈАЛОТ ЗА ДОБРО УПРАВУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА

Промоција на портал за добро управување



Проектот Процена на потенцијалот за добро управување на Македонија промовираше портал за добро управување, www.gg.org.mk.

Целта на порталот е пошироко запознавање на јавноста и институциите со концептот, дефинициите и принципите на добро управување. Порталот нуди содржини со домашни и меѓународни стручни мислења, изданија, линкови до институции и настани од оваа област.

За промоција на порталот, дизајниран е постер што ќе се дистрибуира до сите јавни и државни институции, како и невладини организации.
КРЕАТИВНА НАСТАВА И УЧЕЊЕ

Семинар за нови наставни методи и техники



Oд 21 до 23 јуни 2007 година во Охрид се одржa вториот дел од Семинарот за нови наставни методи и техники - „Со читање и пишување до критичко мислење“.

На семинарот учествуваа 20 професори и асистенти од наставничките институти на Природно-математичкиот факултет и на Факултетот за хуманистички науки и уметности од Тетово.

Со новите активни методи и техники фокусирани врз студентите, што го поттикнуваат критичкото мислење и создаваат услови за поактивно ангажирање во процесот на наставата, учесниците ги запознаа сертифицираните обучувачи проф.д-р Елена Ачкоска-Лешкоска и м-р Весна Јаневски.
РЕГИОНАЛЕН НВО САЕМ НЕГОТИНО

Завршница на серијата регионални форуми



По четирите саеми, кои беа одржани во Струмица, Гостивар, Дебар и Делчево, ФИООМ на 14-ти и 15-ти јуни 2007 го организираше петтиот регионален НВО саем во Неготино.

Саемот го отвори Сунчица Костовска-Петровска, координатор на програмата Граѓанско општество нагласувајќи дека серијата регионални саеми наидува на исклучително добар прием кај граѓаните и граѓанските организации. Во церемонијата на официјалното отворање учествуваше Јута Булинг, претставничка од Европската агенција за реконструкција (ЕАР) и Ѓорѓи Ќимов, градоначалник на општина Неготино.

Учествуваа околу 40 организации од Неготино, Скопје, Кавадарци, Велес, Гевгелија, Ресен, Прилеп, Струмица, Штип, Демир Капија, Кратово, Валандово, Делчево и други градови. Со промовирањето на своите програми во изложбен простор, форумски дискусии и презентации, на организациите им беше дадена можност полесно да ги остварат зацртаните цели и активности. Социо-културните настани ги отсликаа културните и традиционалните вредности. Дел од агендата на саемот беше и официјалното отворање на новите простории на Центарот за локален развој Антигонеа (поранешен Центар за поддршка на НВО Неготино).

Регионалните НВО саеми се дел од проектот “Поддршка на национален форум/платформа на граѓанското општество”, финансиран од ЕУ и раководен од ЕАР, организирани во име на Граѓанската платформа на Македонија.
НАЈАВА НА РАБОТИЛНИЦА

Мониторинг на менаџментот на јавните пари



На 6 јули, 2007 година ФИООМ, во рамките на проектот Процена на потенцијалот за добро управување во Македонија (www.gg.org.mk), организира работилница на тема Управување со јавните пари. Оваа активност е дел од истражувањето кое го спроведува работна група за мониторинг на менаџментот на јавните пари.

Целта на настанот е отворање на јавна дискусија за начините на трошење на буџетските средства од страна на јавните институции, можностите за ефикасна јавна потрошувачка како и ефективност и транспарентност во користењето на јавните пари. На работилницата ќе се дискутира и за контролата и мониторингот на јавните приходи и расходи, критериумите за распределба на буџетските и други извори на средства, степенот на реализација на буџетите на јавните институции, хоризонталната и вертикалната координација меѓу буџетските корисници и транспарентноста и отчетноста во трошењето на буџетските средства како најважни критериуми во системот на доброто управување за одржлив развој на земјата.

Поканети се Министерството за финансии, Министерството за економија, Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупцијата, Фондот за здравствено осигурување, Државниот завод за геодетски работи, Управата за катастар и регистрација на недвижности, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за вработување, МЕПСО, Бирото за стокови резерви, Фондот за магистрални и регионални патишта, Бирото за стопански недоволно развиени подрачја, Бирото за јавни набавки, невладини организации и медиумите.
Втора и трета работна средба за подобрување на имплементација на трите закони


На 10 и 11 јули 2007 година со почеток во 10:00 часот беа организирани втората и третата работна средба на тема: Подобрување на имплементацијата и примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Законот за безбедност на клацифицирани информации и Законот за заштита на личните податоци.

Целна група на втората средба беа медиумите од чие директно учествуво во дискусиите се очекуваше да придонесат во размена на искуствата во врска со евентуалните проблеми и прашања кои произлегуваат од праксата. На третата средба беа поканети претставници од банките, осигурителните компании, операторите за фиксна и мобилна телефонија, интернет и каблеските провајдери, на која акцентот беше ставен на приватноста и политиките за приватност.

На средбите свои излагања имаа:
►Маријана Марушиќ, Дирекција за заштита на личните податоци, Директор;
►Лидија Костовска, Дирекција за безбедност на класифицирани информации, Директор;
►Јанко Николовски, Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информаци од јавен карактер, Претседател;
►Олга Пешева, Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информаци од јавен карактер, член;
►проф. д-р Борче Давитковски, Правен факултет, Скопје;
►доц. д-р Ана Павловска Данева, Правен факултет, Скопје;
►Филип Стојановски, фондација Метаморфозис и
►Данче Даниловска, фондација Институт отворено општество - Мaкедонија.

Организатори и поддржувачи на средбата беа: фондацијата Инститит отворено општество – Македонија и фондацијата Метаморфозис, а во соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информаци од јавен карактер, Дирекцијата за заштита на личните податоци и Дирекцијата за безбедност на класифицираните информации.
Нови упатства за НВО во Манго Ресурси


Манго Ресурси е дополнет со серија упатства за НВО подготвени од Програмата за мали грантови - Светска Банка.

Документите опфаќаат корисни совети, наменети за здруженија на граѓани во различни области: подготовка на предлог проекти и нивно спроведување, финансиски системи, буџетирање, мониторинг и евалуација и известување.

Видени од перспектива на донаторите, овие кратки насоки можат да придонесат кон зајакнување на капацитетот на организациите и мобилизирање на средства.
CHACHIPE

Конкурсот е продолжен до 15 август



Во рамките на Декадата за вклучување на Ромите, Институтот Отворено Општество (ИОО) и OSA Archivum објавуваат дека рокот на интернационалниот натпревар за најдобра фотографија наречен Chàchipe е продолжен до 15 август.

Ромската декада започна во 2005 година со учество на влади на девет држави (Бугарија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Македонија, Црна Гора, Романија, Србија и Словачка), Светската Банка и голем број невладини организации. Нивната цел е фундаментално подобрување на социо-економскиот статус на Ромите и нивно вклучување во општествениот живот. Согласно пошироката цел, овој натпревар има цел да ги надмине визуелните стереотипи повразни со Ромите и да ги претстави Ромите и ромската култура на сензитивен и уметнички начин.

Натпреварот е отворен за сите без разлика на националната, државната и етничката припадност со тоа што учествотото на фотографи од ромска националност посебно се охрабрува. Натпреварот е отворен и за аматери и за професионални фотографи.

Парична награда од 1000 американски долари ќе биде доделена за секоја од четирите категории од страна на интернационалното жири составено од професионалци. За петтата категорија гласањето ќе биде јавно, преку веб-страница. Фотографии од деветте земји-учеснички во Декадата може да бидат поставени на следнава веб-страница: http://photo.romadecade.org од 1 јуни до 15 август 2007 година.

За повеќе информации обратете се на:
Илона Наги:+36-20-669-3248;
OSA Archivum: +361-327-3250
Е-маил: photo@romadecade.org

Повеќе >>>
КРЕАТИВНА НАСТАВА И УЧЕЊЕ

Образование за социјална правда



Oд 14 до 16 септември 2007 година во Охрид ќе се одржи првиот дел од обуката „Образование за социјална правда“, на којашто ќе учествуваат 50 професори и асистенти од наставничките институти на Филолошкиот, Филозофскиот и на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Учесниците низ практични примери ќе се стекнат со техниките за препознавање и за справување со појавата на етнички, расни и полови предрасуди и конфликти, во насока на примена на овие искуства во наставниот процес, како и во секојдневниот живот.

Техниките ќе ги претстават др. Мери Бошкова, др. Марија Ралева, др. Антони Новотни и др. Димитар Боневски.
Конкурс за ангажман на стручен соработник


Програмата за јавно здравство при Фондацијата Институтот Отворено општество-Македонија во соработка со програмата за јавно здравство на Институтот отворено општество Њујорк (ИОО) повторно објавува конкурс за 1 позиција (координатор на проект) за проектите Право и здравство. Програмата за јавно здравство има за цел да промовира здравствени политики и практики кои се темелат на принципите за социјална вклученост, почитувањето на човековите права, еднаков пристап до правда и се научно засновани.

Конкурсот се објавува повторно како органичен повик и трае до 6 септември 2007

Повеќе >>>
Филмска ревија на музички документарци од регионот: Гледај најгласно!!!!


Гледај најгласноНа 14 и 15 септември 2007 година, во Скопје ќе се одржи филмска ревија на музички документарци од регионот со дискусии и трибини со наслов „Гледај најгласно!”. Ревијата е дел од истоимениот проект што го спроведува здружението Арт Форум, со финансиска поддршка од ФИООМ.

Филмската ревија се организира во соработка со ГБ Браќа Миладиновци – Скопје, за организацијата е задолжен Цорпус Делицти Рецордс, а посебна благодарност координаторите упатуваат до Здружението на љубители на филм од Винковци.

Програмата на фестивалот може да се преземе оттука >>>
Една година од примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер


Фондацијата Институт отворено општество – Македонија во соработка со 14 невладини организации го набљудуваше остварувањето на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер во првата година од имплементацијата. Беа поднесени вкупно 625 барања до 75 институции на централно ниво и во 31 општина во Република Македонија.

Главните наоди од истражувањето се:

1. Законот за слободен пристап до информации ја зголеми отвореноста на институциите за 20%;
2. Помалку од половина од барањата добија одговор;
3. Формирањето и постоењето на Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер се покажа како брз, едноставен и ефикасен механизам за остварување на ова право, надвор од судското решавање;
4. Премолчените одбивања се значителен проблем, бидејќи скоро половина од барањата се соочија со молчење на администрацијата;
5. Постојат регионални и јазични разлики и
6. Ретки писмени одбивања.

На прес-конференцијата која се одржа на 31 август 2007 година по повод овој ден беа презентирани и препораките од проектот:

1. Одговорните службеници задолжително да го почитуваат правото на пристап до информации и на време да одговорат на сите барања за информации;
2. Да ги почитуваат законските обврски и задолжително да назначат одговорно службено лице, да објават листа на информации од јавен карактер со кои располагаат, да обезбедат просторија за увид и да поседуваат образец за поднесување на барање за слободен пристап до информации;
3. Да се искорени молчењето на администрацијата;
4. Да бидат конзистентни во примената на законот;
5. Итно да се спроведе обуката за лицата одговорни за спроведување на овој закон;
6. Да се почитува правото на барателот да бара информација, а за потребата од неа да не дава образложение и
7. Да почнат надлежните органи со примена на казнените одредби.
ПРАВНА ПРОГРАМА

Набљудување на слободниот пристап до информациите од јавен карактер



Во неделата на 16 септември 2007 год. во Скопје се спроведе инструктажа за 100 баратели, кои користејќи го правото од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, ќе поднесуваат барања до имателите на информации на централно ниво. Целта е да се тестира имплементацијата на законот во текот на 2007 година. Партнер имплементатор на проектните активности на ФИООМ е и Македонското здружение на млади правници.

Подетално за активностите на целиот проект, кој опфаќа и компонента за бесплатната правна помош (поддржана и од Шведскиот Хелсиншки комитет), може да се добијат на www.spinfo.org.mk.
ГРАЃАНСКА ПЛАТФОРМА НА МАКЕДОНИЈА

Конференција за законска рамка



На 24 и 25 септември, Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и Македонскиот центар за меѓународна соработка во име на Граѓанската платформа на Македонија организираат Регионална конференција за законска рамка. Конференцијата се одржува во хотел Александар Палас, Скопје, со почеток во 9:30 часот.

Конференцијата е дел од проектот „Поддршка за националниот граѓански форум/платформа“ финансиран од ЕУ и раководен од Европската агенција за реконструкција, а се организира во соработка со Европскиот центар за непрофитно право (ЕЦНЛ) од Будимпешта.

На конференцијата се поканети претставници од институциите на централно ниво, членките на ГПМ, други граѓански организации, медиуми итн.

Дневен ред на конференцијата (.DOC, 112KB)
СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ

Бизнис инкубатор за млади



На 27ми септември 2007 година (четврток) во 9 часот свечено ќе биде пуштен во употреба Бизнис Инкубаторот за млади кој е дел од проектот Претприемачки сервис за млади.

На свечениот чин, свое обраќање ќе имаат:

претставник на Владата на Република Македонија, H.E. Carl Schiøtz Wibye, Амбасадор на Норвешка, Коце Трајановски - Градоначалник на општина Гази Баба, Anders Stolan - Директор за развој на СИНТЕФ Норвешка, Слободанка Марковска - Претседателка на УО на ФИООМ, како и еден од станарите во инкубаторот, Јован Петров од компанијата „Малина нет“.

Покана за свеченото отворање (.PDF, 295KB)
РОМСКИ ПАВИЛЈОН

Награди за млади куратори и уметнички критичари





Програмата за култура и уметност на Институтот Отворено општетво, со седиште во Будимпешта, преку својот Проект за културно учество на Ромите, објави повик за награда за млади куратори и уметнички критичари, на тема „Загубениот рај – Прв ромски павилјон“. Наградата е во контекст на годинешново Венециско биенале, во рамките на кое е изложен ромскиот павилјон. Наградата од 1.500 евра ќе биде доделена за најконструктивен критички осврт посветен на овој павилјон. Апликациите ќе се примаат до 30 ноември 2007 година.

Повикот, со деталите околу учеството, како и апликацијата, можат да се најдат овде (.DOC, 529KB)
РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ЗАКОНСКА РАМКА

Промовирање на потребата од надградување на законската и фискалната рамка за невладините организации



На 24ти и 25ти септември 2007 год. Фондацијата Институт Отворено Општество – Македонија и Македонскиот центар за меѓународна соработка организираа во име на Граѓанската платформа на Македонија регионална конференција за законската и фискалната рамка на невладините организации која се одржа во хотелот „Александар палас“ – Скопје.

Проектот е финансиски поддржан од Европската агенција за реконструкција, а се реализираше во соработка со Европскиот центар за непрофитно право (ЕЦНЛ) од Будимпешта. На конференцијата присуствуваа претставници од здруженијата-членки на Граѓанската платформа на Македонија и претставници од други странски и домашни граѓански здруженија. Конференцијата ја отворија Владимир Милчин и Сашо Клековски, извршни директори на ФИООМ и МЦМС, и Нуман Лимани и Николчо Лазаров од Министерството за правда на РМ. Експерти од владините институции во земјата елаборираа закони суштински за делувањето на граѓанскиот сектор во Република Македонија, а заеднички беа предложени чекори за надминување на одредени законски недоречености и надградување на одредбите. Претставниците на владините институции се обврзаа да ги земат во предвид заклучоците од конференцијата при изработката на измените и дополнувањата на Законот за здруженија на граѓани и фондации.

Повеќе информации за конференцијата и за целиот проект можете да најдете на www.gpm.net.mk
ПРАВНА ПРОГРАМА

Реакција по повод пречекорувањата на припадниците на специјалните полициски сили АЛФА



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија реагира на случувањата оваа недела, во кои припадниците на специјалните полициски сили Алфа, пречекорувајќи ги своите овластувања ги повредија човековите права на новинари на ТВ Алсат. Особено не загрижува фактот што МВР, за покренување на истрага против вмешаните лица, чекаше на кривична пријава од жртвата. Уште еднаш, сакаме да потсетиме, дека Република Македонија како членка на Советот на Европа и потписник на Европската конвенција за човекови права е должна ваквите настани да ги испитува навремено, брзо и по своја иницијатива. Очекуваме, покренатата истрага да биде темелна и ефикасна, со соодветно санкционирање на одговорните лица.

Граѓаните можат да пријавуваат случаи на полициска злоупотреба на бесплатната телефонска линија, во рамки на Проектот за поддршка на човековите права: 0800 11 333.

Целосниот текст на соопштението до медиумите можете да го преземете тука (.DOC, 116KB)
ПРЕТСТАВНИК НА ООН ПРЕДУПРЕДИ

Владата не го гарантира пристапот до информации



По посетата на Македонија, специјалниот пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации за заштита на човековите права Хина Јилани истакна дека иако е направен напредок особено во законодавството кое гарантира почитување и заштита на човековите права, сепак предупреди дека постои ниско ниво на спроведување на новите законски решенија. Таа, ја повика Владата итно да воспостави механизми со кои ќе се набљудува спроведувањето на законите и ќе се гарантира заштитата на жртвите чии човекови права се повредени.

Текстот на соопштението до медиумите на специјалниот пратеник може да го преземете тука (.DOC, 33KB)
КРЕАТИВНА НАСТАВА И УЧЕЊЕ

Промоција на комплетно реновираниот амфитеатар на Филолошкиот и на Филозофскиот факултет во Скопје



На 15 октомври 2007, со почеток во 12 часот, ќе се одржи свечена промоција на комплетно реновираниот голем амфитеатар на Филолошкиот и на Филозофскиот факултет во Скопје. Реновирањето и техничкото опремување на големиот амфитеатар се одвиваше во рамките на активностите на проектот “Креативна настава и учење“, имплементиран од Фондацијата Институт отворено општество - Македонија, при што беа издвоени вкупно 81.000 USD. Амфитеатарот ќе го пуштат во употреба НЕ Џилијан Милованович, амбасадор на САД во РМ, и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, проф. д-р Ѓорѓи Мартиновски. Свое обраќање на свечената промоција ќе имаат извршниот директор на ФИООМ, г. Владимир Милчин, деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Трајан Гоцевски, како и деканот на Филолошкиот факултет, проф. д-р Максим Каранфиловски.
ПРАВНА ПРОГРАМА

Бесплатна правна помош за граѓаните во остварување на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) во соработка со Македонското здружение на млади правници (МЗМП) на 29 и 30 септември 2007 во Струга организираа втор напреден тренинг за адвокати кои ќе даваат бесплатна правна помош за граѓаните во остварување на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. 16-те адвокати, членови на МЗМП, им даваат помош на граѓаните (барателите на информации) во составувањето на жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, како и ги застапуваат граѓаните пред суд, во случаите кога не им е дозволен пристап до бараните информации. Компонентата за бесплатната правна помош ја финансираат ФИООМ и Шведскиот Хелсиншки комитет.

Покрај адвокатите, кои ги разработуваа темите од Законот за управните спорови и Законот за општа управна постапка со домашните предавачи проф. д-р Борче Давитковски и доц. д-р Ана Павловска – Данева, на средбата свои излагања имаа и странските експерти за слободен пристап до информации Helen Darbishire, Access Info Europe (Шпанија) и Милена Делетиќ, МАНС (Црна Гора).

За повеќе информации при остварувањето на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер посетете ја web страната: www.spinfo.org.mk и www.foi.org.mk
ДЕН НА СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИТЕ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР

Одбележување на 28 септември





На 28 септември 2007 година Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер во соработка со Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и Македонското здружени на млади правници, на пригоден начин ќе го одбележат меѓународниот ден за слободен пристап до информации „Имам право да знам“. Настанот ќе се одржи во Клубот на пратеницитe во Скопје, со почеток во 11.00 часот.

Приклучувајќи се кон одбележувањето на меѓународниот ден „Имам право да знам“ 28 септември, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и Македонското здружение на млади правници ќе објават информација со пригодна содржина во дневните весници на македонски јазик „Вест“, „Време“, „Дневник“ и „Утрински весник“, како и во весникот на албански јазик „Лајм“.

Информацијата може да се преземе тука (.JPG, 412KB)
ЦЕНТАР ЗА ПОДРРШКА НА НВО-ГЕВГЕЛИЈА

Свечено отвoрање на новите простории



На 28 септември 2007 година во Гевгелија беа свечено отворени новите простории на Регионалниот центар за одржлив развој – Гевгелија (поранешен Центар за поддршка на НВО - Гевгелија), кои локалната самоуправа на општина Гевгелија ги додели на користење без надомест, за период од пет години. Новите простории се наоѓаат во зградата на старо забавиште (ул. Маршал Тито бр.60). Реновирањето на просториите финансиски го поддржа ФИООМ во износ од 8.000 евра. Поздравен говор за работата на Центарот во новите простории одржаа г. Драги Делев, градоначалник на општина Гевгелија, г-ѓа Сунчица Костовска-Петровска, директорка на програмата за граѓанско општество на ФИООМ и г-ѓа Снежана Манчева, претставничка од Секретаријатот за европски прашања при Владата на Република Македонија.
НАЈАВА ЗА РАБОТИЛНИЦА

Проценка на јавно-здравствените функции



На 19 октомври, 2007 година ќе се одржи работилница на тема Проценка на јавно-здравствените функции, во организација на проектот на ФИООМ Проценка на потенцијалот за добро управување во Македонија и проектната работна група за проценка на доброто управување во областа здравство.

Првата фаза од проектното истражување во областа здравство опфати анкетирање на претставници на Министерството за здравство и органите во состав (Биро за лекови, Државен санитарен и здравствен инспекторат и Дирекција за храна) и Републички завод за здравствена заштита. Втората фаза вклучува прашања релевантни за невладините организации и истите ќе бидат предмет на дискусија на работилницата.

Поканети се 30 невладини организации кои работат на прашања во областа здравство.

Дневен ред на работилницата (.DOC, 77KB)
ФИООМ И СВЕТСКАТА БАНКА

Младите во борба против социјалната исклученост



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) и Канцеларијата на Светската банка во Скопје доделија вкупно 32.300 УСД на седум невладини организации за проекти што се однесуваат на социјалната исклученост на младите во Република Македонија. На 19 октомври 2007 (петок), во Клубот на пратениците во Скопје се одржа мала церемонија на која извршниот директор на ФИООМ, Владимир Милчин и директорот на Канцеларијата на Светската банка во Скопје, Евгениј Најдов, потпишаа грант-договори со претставниците на седумте организации.

ЕРА од Гостивар ќе отвори ресурсен центар за вработување на млади и ќе го промовира неформалното образование; Младинскиот центар за акција и различност од Струмица ќе промовира активности (изработка на фотографии, украсни предмети и друго) кај лицата со посебни потреби и ќе лобира кај надлежните за нивното поголемо вклучување во заедницата; Здружението на инвалидите Шпреса од Скопје ќе организира театарска претстава што ќе говори и на своевиден начин ќе лобира за интеграцијата на децата со посебни потреби во училиштата; Примус од Скопје ќе работи на поставување рампа во Младинскиот културен центар за пристап на лицата со колички и ќе организира забава за млади; Црвениот крст на град Скопје ќе изработи прирачник за бон-тон кон хендикепирани лица и ќе организира обуки за пристап кон хендикепот и негување култура кон него; Рекански бисер од Ростуше ќе спроведе кампања за подигање на свеста кај младите, особено девојките од Маврово и Ростуше за важноста на образованието; а Блу скај од Скопје ќе организира едукација на своите членови за проблемите на социјално исклучените млади, особено младите со хендикеп. Блу скај и Црвен крст на град Скопје ќе спроведат неколку активности заедно, меѓу кои обука и манифестација “Let’s touch the sky”.

ФИООМ и Светската банка, промовирајќи го принципот "млади-за-млади", со овој заеднички проект имаат цел подигнување на свеста и визуелизација на социјалната исклученост на младите, дефинирање на рамките, заинтересираните страни, како и поддршка на активно учество на младите во донесувањето промени во процесот на намалувањето на исклученоста.
КРЕАТИВНА НАСТАВА И УЧЕЊЕ

Семинар за нови наставни методи и техники



Во рамките на активностите на проектот „Креативна настава и учење“, имплементиран од Фондацијата Институт отворено општество - Македонија, во периодот од 2 до 4 ноември 2007 година, во х. „Милениум“ во Охрид, ќе се одржи првиот дел од Семинарот за воведување нова наставна методика - „Со читање и пишување до критичко мислење“. На семинарот ќе учествуваат професори и асистенти од наставничките катедри на Филолошкиот факултет во Скопје. Со новите активни наставни методи и техники фокусирани врз студентите, што го поттикнуваат критичкото мислење и создаваат услови за поактивно ангажирање на учесниците во процесот на наставата, учесниците ќе ги запознаат сертифицираните обучувачи проф.д-р Елена Ачкоска-Лешкоска и проф д-р Сузана Миовска-Спасовска.







КРЕАТИВНА НАСТАВА И УЧЕЊЕ

Реновиран големиот амфитеатар на Филолошкиот и на Филозофскиот факултет во Скопје



На 15 октомври 2007 година, на Филолошкиот/Филозофскиот факултет во Скопје беше пуштен во употреба големиот амфитеатар, комплетно реновиран и технички опремен во рамките на активностите на проектот „Креативна настава и учење“, имплементиран од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија. Свое обраќање на свечената промоција имаа извршниот директор на ФИООМ, г. Владимир Милчин, деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Трајан Гоцевски, како и деканот на Филолошкиот факултет, проф. д-р Максим Каранфиловски. Амфитеатарот го пуштија во употреба НЕ Џилијан Милованович, амбасадор на САД во РМ, и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, проф. д-р Ѓорѓи Мартиновски. За комплетното реновирање и техничкото опремување на големиот амфитеатар на Филолошкиот/Филозофскиот факултет, проектот „Креативна настава и учење“ издвои вкупно 81 000 USD.







Преземи (.ПДФ, 479KB)
ЈУБИЛЕЈ

Месец на отвореното општество на ФИООМ



Вкупно поддржани 1.888 институции и 4.061 поединци, вложени 89.506.177 американски долари (што потекнуваат од Џорџ Сорос и 119 финансиски и програмски партнери), покренати 18 иницијативи за донесување закони и политики на централно и четири на локално ниво, 600 стипендии за студенти во странство, 2.600 стипендии за студенти Роми, техничка и друга опрема за 11 културни институции, 161 основно училиште, 90 средни училишта, 36 факултети, 52 детски градинки... Ова се само дел од постигнатите резултати во текот на 15-те години работење на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ).

По повод својот 15-годишен јубилеј, ФИООМ на 5 ноември 2007 година во Мултимедијалниот центар Мала Станица одржа Конференција за печат, на која претседателката на Управниот одбор, Слободанка Марковска, и извршниот директор, Владимир Милчин, информираа за јубилејот и за активностите што ФИООМ ќе ги организира во текот на „месецот на отвореното општество“, ноември 2007 година.

Својот јубилеј ФИООМ ќе го прослави работно, со организирање низа настани: дебати, промоции, изложби и конференција.

Во Мултимедијалниот центар Мала Станица од 6 до 12 ноември ќе биде отворена изложбата на војнички писма од Големата војна 1914-1918, „Отпретани сведоштва“. На 7 ноември на Скопскиот саем (12 ч.) ќе биде промовирана книгата „Балонот на американската надмоќност“ од Џорџ Сорос, а наредниот ден, 8 ноември во 13 часот во хотелот „Холидеј Ин“ ќе започне дебатата „Другото лице на историјата“, по повод книгите „Откако војната заврши“ од Марк Мазовер и „Децата на Птицата-божица“ од Кита Сапурма и Пандора Петковска.

Во петок, 9 ноември, во 16 часот во Детскиот театарски центар во Старата скопска чаршија под наслов „Младите и отвореното општество“ ќе се одржи изложба на младински акции, дебата за младинскиот активизам и промоција на Именикот на македонски граѓани кои студирале во странство, проследена со трибина за одливот на умови.

На 13 ноември во Детскиот театарски центар во 11 часот ќе биде промовирана кампањата „Под исто сонце“, а наредниот ден на Филозофскиот факултет ќе се одржи промоција на едицијата од четири хрестоматии под заедничко име „Теории на другоста“.

На 15 ноември во 19 часот во Мала Станица ќе се отвори изложбата на фотографии „Живот – All inclusive“ на хрватскиот фотограф Дамир Фабијаниќ, а на 17 ноември на Скопскиот саем (11 ч.) ќе бидат презентирани резултатите од истражувањето „Колку е инклузивно македонското општество“. На 26 ноември во 12 часот во „Холидеј Ин“ ќе биде презентиран извештај за примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Месецот на отвореното општество на ФИООМ завршува на 29 ноември, со конференцијата „Инклузивна е-власт“ во „Холидеј Ин“, со почеток во 12 часот.
15 ГОДИНИ ФИООМ

Промоција на „Балонот на американската надмоќност“



Проф. Љубомир Фрчковски и проф. Мерсел Билали беа промотори на книгата „Балонот на американската надмоќност“ од Џорџ Сорос, што се одржа на 7 ноември .2007 во просториите на Скопскиот саем, во организација на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ).

Преводот на книгата од англиски на македонски јазик и нејзиното издавање финансиски го овозможи ФИООМ, а издавач е Евро-Балкан прес. Книгата претставува расправа во која авторот ја критикува администрацијата на актуелниот претседател на САД, Џорџ Буш, истовремено одбранувајќи ги од неа вистинските вредности на американското општество. Претставена а критичка анализа на американската надворешна политика, особено Војната против тероризмот.

Промоцијата е еден од настаните со кои ФИООМ го одбележува својот јубилеј – 15 години од основањето и активното работење во Република Македонија.
15 ГОДИНИ ФИООМ

Отпретани сведоштва



Потресни сведоштва за околностите на Големата војна 1914-1918, гледани со очите на обичниот човек, се запишани на 227 писма и 59 картички испратени од и до македонските војници – пленици на големите сили, завојувани страни во војната. Збирката, која покрај картичките и писмата содржи и три документи и 29 банкноти, од 6 до 12 ноември 2007 година ќе биде изложена во Мултимедијалниот центар Мала Станица во Скопје. Изложбата, насловена „Отпретани сведоштва – војнички писма од Големата војна 1914-1918“ е организирана од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ), како дел од активностите што го одбележуваат 15-годишниот јубилеј од основањето и работењето на Фондацијата. Иизложбата ќе може да се посети до 12 ноември 2007 година. На отворањето на изложбата за збирката, како и за целиот проект говореа извршниот директор на ФИООМ, Владимир Милчин и двете историчарки кои ги дешифрираа, обработија и транскрибираа писмата - Јасмина Најдовска, магистер по историски науки и Дијана Петреска, дипломиран историчар – архивист. На отворањето на изложбата присуствуваа и 25 потомци на војниците – нивни деца, внуци и правнуци.

Оваа раритетна збирка ФИООМ ја откупи со помош на Душко Алексовски, археолог од Кратово, по објавувањето на оглас за нејзина продажба на Интернет. Збирката припаѓала на граѓанин на Бугарија со македонско потекло, кој ја чувал скриена во метална канта закопана в земја. Писмата и картичките претставуваат значајна архивска документација, која е збогатена и со личните сведоштва на потомците на војниците (со кои екипата на ФИООМ оствари контакти и ја документираше нивната усна историја. Војниците, како и нивните потомци, се главно од селата од Кратовскиот и Пробиштипскиот крај. Сведоштвата на потомците се снимени на краток документарен филм, кој се проектира во рамките на изложбата.
ЈАВНА ДЕБАТА

Состојбата на немнозинските етнички заедници



На 25.10.2007 во Делчево се одржа јавна дебата на тема „Состојбата на немнозинските етнички заедници во Делчево, Пехчево, Берово, Македонска Каменица, Виница и Кочани“. Ова е прва од јавните дебати предвидени во проектот Живеење во мултиетничка средина – Граѓани со еднакви права, можности и заштита, финансиран од Европската комисија и Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ). На дебатата учествуваа претставници на локалните самоуправи, институции и невладини организации од регионот. Свое излагање на темата имаа Анифа Демировска (Управа за развој и унапредување на образованието на етничките заедници), Ленче Бајкова (Министерство за транспорт и врски), Кирчо Иванов (Совет на општина Делчево), Зекир Абдулов (ХДЗР „Кхам“, Делчево) и Жаклина Пауновска Анѓелковиќ (ЗГ „Еднакви за сите“, Кочани). На дебатата се дискутираше за недоволната застапеност на немнозинските етнички заедници во институциите, проблемите во образованието и домувањето на ромската заедница. Дебатата ја организираше ФИООМ во соработка со Регионалниот центар за застапување во Делчево (поранешен Центар за поддршка на НВО-Делчево).
15 ГОДИНИ ФИООМ

Дали војната заврши?



Дали војната навистина заврши? – е прашањето кое се наметна во дебатата која се водеше околу прашањето на Граѓанската војна во Грција и последиците кои таа ги предизвика, меѓу другите и егзодусот на Македонците од северна Грција или Егејска Македонија. Дебатата, инспририрана од две книги – „Откако војната заврши“ од Марк Мазовер и „Децата на Птицата-божица“ од Кита Сапурма и Пандора Петровска, во издание на Евро-Балкан прес, чие излегување го овозможи Фондацијата Институт отворено општество – Македонија. Дилемата за крајот или континуитетот на војната ја наметнува се уште актуелната политика на Грција која е во насока на искривување на историските вистини и негирањето на постоењето на македонската нација.

Воведничарите и промоторите на книгите – Георги Ајановски, главен и одговорен уредник на „Денес“ од Скопје и Павле Филипов Воскопулос, еден од лидерите на здружението „Виножито“ од Лерин, Грција, зборуваа од различни аспекти – од оваа и онаа страна на границата – за судбината на Македонците во Грција пред, за време и по граѓанската војна во Грција. Дионисис Гусетис, писател и колумнист од Атина, близок до левите кругови во Грција, ја изнесе тезата за водењето на војните на Балканот кои се всушност продолжување на конфликтите на националистичка основа помеѓу самите балкански народи, што само по себе не дозволува ниту една војна навистина да заврши. Ермис Лафазановски од Институтот за фолклор, ја истакна важноста на усната историја како метода за дополнување на онаа „официјална“ историја со лични сведоштва кои доаѓаат од обичниот човек, и кои се најчесто вистинскиот одраз на стварноста и вистината Во дебатата се вклучија повеќе познати уметници, писатели, историчари, како и личности кои биле директни протагоности во случувањата поврзани со Граѓанската војна во Грција, меѓу кои и легендарната партизанка Евдокија Фотева. Дебатата презентираше интересни тези, ставови, размислувања, па и емоции. Промоцијата и дебатата се дел од активностите со кои ФИООМ го одбележува својот јубилеј – 15 години од основањето и активното работење во Република Македонија.
ЈУБИЛЕЈ НА ФИООМ

Честитка од Џорџ Сорос



По повод 15-годишниот јубилеј на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, честитка пристигна и од основачот, Џорџ Сорос. Во писмото упатено до ФИООМ, Сорос вели:

„По повод 15-годишниот јубилеј на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија би сакал да и честитам на Фондацијата, на вработените и на Управниот одбор за нивната креативност и иновација со кои што им одговорија на многубројните предизвици на кои наиде Македонија како независна држава во блиското минато. Вашиот пристап опфаќа критичко гледање на македонската реалност но и критичко самооценување на Вашите многубројни активности. Ги поддржувам Вашите напори за натамошно дефинирање на Македонија како модерна, граѓанска и демократска земја чија иднина е членство во Европската унија.

Улогата на граѓанското општество во овој контекст е од големо значење и убеден сум дека Фондацијата го има достигнато нивото на зрелост што е гаранција дека ќе продолжи да служи како еден од столбовите на македонското граѓанско општество.

Искрено Ваш, Џорџ Сорос“
15 ГОДИНИ ФИООМ

Под исто сонце



Кампањата насловена “Под исто сонце” што се спроведува во рамките на проектот “Живеење во мултиетничка средина - Граѓани со еднакви права, можности и заштита”, беше промовирана на 13 ноември 2007 година во Детскиот театарски центар во Скопската стара чаршија. Проектот е финансиран од Европската комисија и Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ), а кампањата ја промовираа амбасадорот на Европската унија во Република Македонија, Ерван Фуере, и извршниот директор на ФИООМ, Владимир Милчин.

Кампањата има за цел да ја зголеми јавната свест за правата на малцинските групи и да промовира почитување и заштита на малцинствата. Покрај кампањата, во рамките на проектот ќе се спроведе и компонента “Лобирање и застапување и зголемување на јавната свест” која ќе вклучи публикување и промоција на меѓународните конвенции и декларации и националното законодавство за малцинските права, како и други јавни настани (дебати, средби, работилници, мултиетнички хепенинзи).
15 ГОДИНИ ФИООМ

Промоција на четири хрестоматии од едицијата „Теории на Другоста“



На 14 ноември 2007 година, во Големиот амфитеатар на Филозофскиот и Филолошкиот факултет во Скопје, Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) ги промовираше четирите хрестоматии во рамките на едицијата „Теории на Другоста“. За значењето на оваа едиција говореше извршниот директор на ФИООМ, Владимир Милчин, а ја промовираа проф. д-р Слободанка Марковска и проф. д-р Владимир Давчев. За хрестоматиите кусо обраќање имаа нивните приредувачи: д-р Иван Џепароски за „Аспекти на другоста – зборник по културологија“, д-р Соња Стојменска Елзесер за „Компаративна книжевност“, д-р Љупчо Ристески и м-р Илина Јакимовска за „Другоста во етнологијата“, и д-р Хасан Јашари за „Социологијата и родот – мажите и жените во современото општество“. Едицијата е резултат на завршната фаза на проектот „Другиот во наставните содржини во високото образование во РМ“ кој ФИООМ го иницираше во 2001 година. Главната цел на проектот беше да го помогне процесот на иновирање на студиските и предметни програми на факултетите од општествено-хуманистичките науки од аспект на вклучување на содржини за (етнички, верски, јазично, родово) Другиот, како и да придонесе за сензибилизација на студентите и за надминување на стереотипите и предрасудите во однос на Другиот.
15 ГОДИНИ ФИООМ

Младите и отвореното општество



На 9 ноември 2007 година, Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) и Младинскиот образовен форум (МОФ) го организираа настанот „Младите и отвореното општество“, во Детскиот театарски центар. Настанот опфати неколку сегменти. Беше отворена изложба на младински проекти, акции и кампањи поддржани од ФИООМ, под наслов „Најмоќните младински кампањи“. По отворањето на изложбата, се одржа јавна дебата „Младинскиот активизам треба да биде носител на отвореното општество“ (говореа Љупка Бакарџиева, Васко Карангелевски и Петар Младеновски), по што беше промовиран Именик во кој се претставени околу 600 македонски граѓани кои во изминатите 15 години студирале во странство со поддршка на ФИООМ, Институтот отворено општество – Будимпешта и Институтот отворено општество - Њујорк. Следуваше трибина на тема „Одлив на умови“ (говореа Борјан Јовановски, Дарко Павловски, Фатмир Бесими, Рилинд Кабаши, Александар Секуловски и Иван Бимбиловски).
15 ГОДИНИ ФИООМ

Живот – All Inclusive



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) ја организира изложбата на фотографии со наслов „Живот – All Inclusive“ на хрвтатскиот фотограф Дамир Фабијаниќ. Изложбата може да се погледа од 15 до 22 ноември 2007 година во Мултимедијалниот центар Мала станица. Изложбата содржи серија фотографии што се однесуваат на хрватското искуство со интегрирањето на лицата со интелектуална попреченост во пошироката заедница. ФИООМ, сакајќи да ја поттикне инклузијата на лицата со интелектуална попреченост и во Македонија, според концептот на нивното „извлекување“ од заводите и институциите и интеграцијата во општеството, ги покани сопружниците Божо и Милица Чичиќ од Хрватска да престојуваат во Скопје и да го пренесат своето искуство, вклучувајќи го животот во институција и вон неа. Изложбата е финансирана во соработка со Иницијативата за ментално здравје (Mental Health Initiative) на ОСИ - Будимпешта.
15 ГОДИНИ ФИООМ

Колку е инклузивно македонското општество?



Во рамките на Саемот на невладини организации и обележувањето на својот 15-годишен јубилеј, ФИООМ ги презентираше резултатите од истражување на јавното мислење „Колку е инклузивно македонското општество“, на 17 ноември 2007 година, во просториите на Скопскиот саем. Резултатите укажуваат дека мнозинството граѓани имаат предрасуди кон Ромите, хомосексуалците, корисниците на наркотични средства и други маргинализирани групи, за што сведочат високите проценти на позитивни одговори на прашањата „Дали сметате дека Ромите (или хомосексуалците, или комерцијални сексуални работници) треба да имаат посебни кафулиња?“ или „Дали би ви пречело да имате шеф Ром (или хомосексуалец, или уживател на наркотични средства)?“ и други. По истражувањето, следуваше интересна дебата во која се вклучија истражувачкиот тим, претставниците на невладините организации и надлежните државни институции. Целосното истражување ФИООМ ќе го објави подоцна, по неговото комплетирање. По нарачка на ФИООМ, истражувањето го изработи Институтот за социјални и политичко-правни истражувања од Скопје.
КРЕАТИВНА НАСТАВА И УЧЕЊЕ

Работилница „Стандардите за оценување и нивните импликации во иницијалната подготовка на наставниците“



Во рамките на активностите на проектот „Креативна настава и учење“, имплементиран од Фондацијата Институт отворено општество - Македонија, во периодот од 13 до 15 декември 2007 година, во Скопје, ќе се одржи работилница на тема „Стандардите за оценување и нивните импликации во иницијалната подготовка на наставниците“. Предавачи на работилницата ќе бидат експерти од Р. Ирска - проф. Гери Шил и д-р Демијан Марчан, директор на Teaching and Learning (Undergraduate) School of Education, Trinity College - Даблин. На работилницата ќе учествуваат професори и асистенти коишто работат на содржините за оценување при реализацијата на студиските програми за иницијална подготовка на наставници, од осум високообразовни институции каде што се имплементира проектот „Креативна настава и учење“: Природно-математичкиот факултет, Педагошкиот факултет, Филолошкиот факултет и Филозофскиот факултет во Скопје; Педагошкиот факултет во Битола; Педагошкиот факултет во Штип; Факултетот за хуманистички науки и уметности и Природно-математичкиот факултет во Тетово.
15 ГОДИНИ ФИООМ

Ѕид од тишина: Година од спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) на 26 ноември 2007 година организираше тркалезната маса со наслов „Една година подоцна“ по повод едногодишното набљудувањето на спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Тркалезната маса ја отвори Владимир Милчин, извршен директор на ФИООМ, а д-р Никола Тупанчески, член на Управниот одбор на ФИООМ го промовираше извештајот „Ѕид од тишина“ што содржи едногодишното истражување (01.09.06-01.09.07) од спроведувањето на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во Република Македонија. Неда Коруновска и Данче Даниловска од ФИООМ ги презентираа главните наоди на истражувањето и препораките содржани во него, по што следуваше дискусија за следни чекори за надминување на идентификуваните проблеми. Истражувањето покажа дека најголем број (40%) од барањата, поднесени во рамките на истражувањето, за добивање информација од јавните органи, се соочија со „молчење на администрацијата“ и не добија одговор. По поднесување жалба поради молк на администрацијата,во 65% од случаите јавната администрација веднаш одговорила, што е доказ за претходно игнорантскиот и индиферентниот став кон барањата на граѓаните за добивање информации од јавен карактер. Овие, и низа други примери, се претставени во Извештајот, што може да се погледне тука (.PDF, 1,74MB)
ФИООМ ДОБИ ПЛАКЕТА ОД ПОРАКА

Признание за придонесот во развивање центри за лица со интелектуална попреченост



По повод 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост, ФИООМ доби плакета од Републичкиот центар за поддршка за поддршка на лица со интелектуална попреченост – Порака. Плакетата е доделена како израз на признание до ФИООМ за придонесот и поддршката во развивањето мрежа дневни центри за лица со интелектуална попреченост во периодот 2001-2007 година. Во името на ФИООМ, плакетата ја прими Славица Инџевска, заменик извршен директор за здружени програми.
ИЗЛОЖБА ОТПРЕТАНИ СВЕДОШТВА

Кичево, Дебар, Струга и Охрид



На барање на музеите, Кичево, Дебар, Струга и Охрид, изложбата "Отпретани сведоштва – војнички писма од Големата војна 1914-1918", која ФИООМ ја постави по повод својот 15-годишен јубилеј, во ноември и декември 2007 година ќе гостува во овие градови. Гостувањето ФИООМ го организира во соработка со музеите и со осамостоените центри за поддршка на НВО. Изложбата на писмата е резултат на напорите на ФИООМ за збогатување на записите од минатото со историјата на обичните граѓани. ФИООМ беше единствената организација која се заинтересира и ја откупи оваа значајна архива од приватно лице од Бугарија. Првото гостување на оваа патувачка изложба се случи во Музејот "Западна Македонија во НОВ" во Кичево (од 22 до 26 ноември 2007), и предизвика голем интерес меѓу граѓаните, а особено меѓу младите кои беа најбројни посетители. На отворањето говореа Ацо Нестороски, директор на Музејот, Ѓоко Сајкоски, директор на Домот на културата. Од 29 ноември до 3 декември 2007, изложбата беше поставена во Градскиот Амам во Дебар. Изложбата ја отвори Аргетим Фида, градоначалник на Општина Дебар. Јасмина Најдовска, магистер по историски науки, ангажирана од ФИООМ како струично лице, пред посетителите на изложбата говори за нејзиното значење како и за истражувањето преку кое беа пронајдени потомците на војниците и снимен документарен материјал со нивни изјави. На 7 декември 2007, изложбата ќе биде поставена во галеријата на Куќата на Робевци, во Охрид, по што ќе гостува во Струга.
ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА ФОНДАЦИЈАТА МЕТАМОРФОЗИС

Трета меѓународна конференција e-Oпштество.Мк



Фондацијата Метаморфозис на 29 и 30 ноември 2007 година во Скопје ја организираше Третата меѓународна конференција на тема „Инклузивна е-власт“ во рамките на проектот „Мрежа за инклузивна е-власт во Западен Балкан”, со учество на над 200 претставници од владиниот, невладиниот, образовниот и деловниот сектор од 15 земји. „Инклузијата е движење својствено на земјите кои имаат понапреден степен на развој на информатичко општество, но и во Македонија треба да се работи на таа тема бидејќи нашата цел е да станеме дел од европското општество“, рече Горан Манчев, советник во Кабинетот на министерот без ресор Иво Ивановски задолжен за развој на информатичкото општество. Извршниот директор на ФИООМ, Владимир Милчин, истакна дека централната и локалната администрација треба да ги зголемат своите знаења за да им овозможат на корисниците, преку информатичко-комуникациските технологии, да го зголемат своето влијание во општеството и во обликувањето на јавните политики. „Тоа значи да дојдеме до моментот кога ќе имаме отворена власт и граѓани кои имаат пристап, односно да дојдеме до еден степен на инклузија, без кој не може да се замисли ниту демократско, ниту отворено општество“, рече Милчин во обраќањето пред учесниците на конференцијата. Марјан Гушев, член на Управниот одбор на Фондацијата Метаморфозис посочи дека треба да бидеме свесни оти во блиска иднина ќе имаме инклузија не само на луѓе, туку и на машини кои ќе бидат делови на општеството. „Предуслов за да се оди во информатичкото општество, за инклузивна е-власт е знаењето и вештината. Дигиталниот јаз се зголемува. Разликата меѓу тие кои не ја користат ICT технологијата и тие кои ја користат, расте. Затоа потребно е да изградиме мостови кои ќе ги приближат и ќе овозможиме инклузија. Свесни сме дека Македонија доколку не фати добар правец ќе заостанува се повеќе зад земјите од Европа“, истакна Гушев. Според него, „е“ во поимот „е-Влада“, повеќе значи ефикасна Влада отколку електронска Влада.
ЈАВНА ДЕБАТА

„Состојбата со заштитата на правата на немнозинските етнички заедници во Дебар и Центар Жупа“



На 04.12.2007 во Дебар се одржа јавна дебата на тема „Состојбата со заштитата на правата на немнозинските етнички заедници во Дебар и Центар Жупа”. Ова е втора од јавните дебати предвидени во проектот Живеење во мултиетничка средина – Граѓани со еднакви права, можности и заштита, финансиран од Европската комисија и Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ).

На дебатата учествуваа 50 претставници од локалните самоуправи, институциите и невладините организации од регионот. Свое излагање на темата имаа Камер Имери, државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител во Кичево, Низамедин Папранику, Претседавач на Советот на општина Дебар, Илир Исени, претставник од ЗГ “Толерантна младина“ од Дебар, Иванка Ивановска, претставник од Организација на жени од Дебар и Фехми Скендер, претставник од ЗГ „Жупа Турклери“ од Центар Жупа.

На дебатата се дискутираше за недоволната застапеност на немнозинските етнички заедници во институциите, примената на двојазичноста на локално ниво, незастапеноста на немнозинските етнички заедници во Дебарско културно лето 2007.

Дебатата ја организираше ФИООМ во соработка со Центарот за одржлив развој на заедницата Дебар (поранешен Центар за поддршка на НВО Дебар).
СТАНДАРДИ ЗА ИКТ ВО ДРЖАВНАТА УПРАВА


Публикацијата Препораки за стандарди за ИКТ во државната управа беше јавно презентирана во рамките на третата меѓународна конференција e-Society.mk која се одржа во 29-30 ноември, Скопје. Пред домашната и меѓународната јавност беа претставени дел од техничките и информатичките стандарди и препорачани политики со цел постигнување на интероперабилност во работењето на државната управа во Македонија. Имплементацијата на овие препораки за стандарди за ИКТ би предизвикала зголемена ефикасност и ефективност во работењето на државната администрација, зајакната интер/интра комуникација меѓу институциите, граѓаните и надворешниот свет и би го подобрило обезбедувањето на услугите на државните инститиции кон граѓаните и останатите засегнати страни. Во изготвувањето на оваа публикација беа вклучени ИТ лица вработени во државната управа и независни експерти и консултанти.

Овој документ е дел од потпишаниот договор за соработка меѓу ФИООМ и Генералниот секретаријат на Владата на РМ, а е реализиран во партнерство со Фондацијата Метаморфозис. Препораки за стандардите за ИКТ во државната управа е достапен тука (.ПДФ, 237 KB)
ЕТИЧКИ КОДЕКС ЗА ЧЛЕНОВИТЕ НА ВЛАДАТА НА РМ И ИЗБРАНИТЕ И ИМЕНУВАНИ ФУНКЦИОНЕРИ


На ден 07 декември, Владата на РМ на својата редовна седница усвои документ именуван Етички кодекс за членовите на Влада и избраните и именувани функционери. Документот е изработен од работна група во состав од универзитетски професори (Проф. Др. Борче Давитковски и Доц. Др. Ана Павловска-Данева), Министерот за правда, претставници од Генералниот секретаријат на Владата на РМ и од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија. Усвоениот документ содржи принципи за етичко и морално однесување на членовите на Владата и на избраните и именуваните функционери. Етичкиот кодекс има за цел обезбедување на законито, чесно, транспарентно и одговорно работење на членовите на Владата на Република Mакедонија. Документот предвидува политичка и морална одговорност во случај на непочитување на принципите од Кодексот за владините членови и избраните и именуваните функционери, којашто може да биде покрената од претседателот на Владата, пратеник во Собранието или од Државната комисија за спречување на корупцијата.

Eтичкиот кодекс за членовите на владата и именуваните и избраните функционери е резултат од проектот на ФИООМ, Процена на потенцијалот за добро управување во Македонија, што е дел од потпишаниот Договор за соработка меѓу ФИООМ и Генералниот секретаријат на Владата на РМ.

Содржината и одредбите од членовите на Етичкиот кодекс предизвикаа голем интерес кај политичките партии и кај пошироката јавност. Се очекува објавување на финалниот усвоен текст во Службен весник на РМ.
ПОВИК

За доставување понуди за ревизија



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија објавува повик за прибирање понуди за спроведување ревизија на финансиското работење во 2007 година на 12-те поранешни Центри за поддршка на НВО во Велес, Прилеп, Штип, Кичево, Дебар, Делчево, Струга, Ресен, Неготино, Гевгелија, Струмица и Кратово, осамостоени во посебни организации (здруженија на граѓани или фондации).

Ревизијата треба да биде извршена во склад со Законот за ревизија на Република Македонија и Меѓународните стандарди за ревизија (особено ISA 800, контрола на приходи и трошоци). Ревизорскиот извештај треба да биде издаден на македонски и англиски јазик.

Свои понуди можат да достават ревизорски куќи кои имаат важечко овластување од Министерството за финансии на Република Mакедонија.

Дополнително на понудата за вршење на финансиската ревизија, ревизорската куќа треба да достави и понуда за еднодневна обука/консултации за менаџментот на 12-те Центри, за наодите и препораките произлезени од извршената ревизија.

Понудите треба да содржат информација за:

• Период кога би се вршела ревизијата на терен и рок за предавање нацрт извештаи и конечни извештаи
• Вкупна цена за финансиската ревизија за 12-те Центри
• Цена за дополнителна обука/консултации
• Референци за извршени ревизии на невладини и непрофитни организации
• Kратки работни биографии за клучните вработени (CV)
• Состав на тимот за ревизија
• Податоци за контакт

Избраниот ревизор ќе склучи посебен трипартитен договор со секој од Центрите и нарачателот на ревизијата.

Заинтересираните ревизорски куќи можат добијат подетални информации за обемот на активноста на Центрите и други потребни детали за составување на понудата по електронска пошта на следната адреса: atrend@soros.org.mk или на тел. 2403-010 (Адријана Трендова) најдоцна до 14.12.2007.

Понудите треба да бидат доставени најдоцна до 21.12.2007 во затворен плик со назнака „Ревизија на 12-те Центри“, лично или по пошта на адреса:

Фондација Институт отворено општество – Македонија
Бул. Јане Сандански 111
1000 Скопје
П. Фах 378
ЦЕНТАР ЗА РОМСКА ЗАЕДНИЦА „ДРОМ“, КУМАНОВО

Благодарница за ФИООМ



На 18 декември 2007 година, ФИООМ доби благодарница од Центарот за Ромска заедница „Дром“ од Куманово.
Благодарницата беше доделена на прославата по повод 10-годишнината од работата на „Дром“, а ФИООМ ја доби како признание и благодарност за успешната соработка и поддршка во децениското работење на „Дром“.
ЗДРУЖЕНИЕ НА РЕЗЕРВНИТЕ ВОЕНИ ОБВРЗНИЦИ УЧЕСНИЦИ ВО НАСТАНИТЕ 2001-2002 ОД ПРИЛЕП

Плакета за благодарност на ФИООМ



Здружението на резервните воени обврзници учесници во настаните 2001-2002 од Прилеп му додели на ФИООМ плакета во знак на благодарност за поддршката и успешната соработка. Здружението плакетата ја доделува по повод својот петгодишен јубилеј од основање и активно работење. Во текот на тие пет години, ФИООМ додели грантови за обука за компјутери, англиски јазик и други вештини, како и за четиригодишно дошколување на членовите. Како резултат на тоа, десетина членови на ова здружение успеале да се вработат.
СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ НА ИОО

Програма од Европската унија за набљудување и застапување



ИОО против дискриминација на децата Роми

На 19 декември, Институтот Отворено Општество – Програма од Европската унија за набљудување и застапување го објави соопштението за печат што се однесува на дискриминацијата на децата Роми. Соопштението за печат можете да го преземете тука
Програма за стипендирање на студенти Роми


Институтот отворено општество (ИОО-Будимпешта-) и Ромскиот образовен Фонд (REF) ја објавуваат по седми пат Програмата за стипендирање на студенти Роми (Roma Memorial University Scholarship Program-RMUSP)

Право на конкурирање за стипендија имаат кандидати кои:
• Се запишани како редовни студенти на признат универзитет во нивната матична земја или земја на живеење во академската 2007-2008 год.
• Се на додипломски, магистерски или докторски студии
• Се државјани на Република Македонија
• Исто така може да се пријават и средношколци кои го имаат завршено своето четиригодишно средно образование и планираат да се запишат на некој од признатите универзитети во РМ во академската 2007/2008 год.

Селекцијата на кандидатите за стипендирање кои ги исполнуваат основните услови ќе биде направена врз основа на квалитетот на поднесените пријави, академскиот успех, општественото ангажирање, квалитетот на препораките како и врз основа на препораките на Советодавната комисија на национално ниво. Конечната селекција ја прави Комисијата за селекција на РМУСП-Будимпешта.

Рокот за пријавување за стипендии е до 15-ти јуни 2007.

Пријава и детални информации за потребните документи, за процесот на пријавување и селекција, критериуми, и др. можете да ги најдете на веб страната на РМУСП.

За информации поврзани со конкурсот можете да добиете и во просториите на Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, лице за контакт: Денис Дурмиш.
КРЕАТИВНА НАСТАВА И УЧЕЊЕ

Промоција на новиот амфитеатар на Филолошкиот/Филозофскиот факултет во Скопје



На 9 мај, со почеток во 13 часот, ќе се одржи промоција на новиот голем амфитеатар на Филолошкиот/Филозофскиот факултет во Скопје, чијашто изградба и опремување беа финансирани во рамките на активностите на проектот „Креативна настава и учење“. Во оваа прилика, официјално ќе бидат доделени сертификати за учеството во интензивните обуки за студенти - „Со читање и пишување до критичко мислење“ и „Образование за социјална правда“.

Сертификати за своето активно учество во споменатите обуки ќе добијат близу сто студенти од Филолошкиот, од Филозофскиот и од Природно-математичкиот факултет во Скопје.
НВО САЕМ ВО ДЕЛЧЕВО

Претставени 40 НВО од регионот



- Вашето присуство овде им испраќа важна порака на властите – дека сте партнер со кој треба да соработува за развојот на општеството – им пренесе на граѓаните и на невладините организации НЕ амбасадорот на ЕУ во Македонија, г. Ерван Фуере, на отворањето на четвртиот регионален саем на невладини организации, на 25 април 2007 година во Делчево.

Саемот го отвори г. Владимир Милчин, извршен директор на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ), која е организатор на саемот, со логистичка помош од Центарот за поддршка на НВО од Делчево, а во име на Граѓанската платформа на Македонија.

На отворањето, зборуваа и г-ѓа Орхидеја Каљошевска, претставник на Секретаријатот за европски прашања, и градоначалникот на Делчево, г. Мирко Иванов. Кабинетот на Претседателот на државата го претставуваше г. Стево Пендаровски, советник за надворешна политика на Претседателот.

Саемот се одржува два дена, а на него со изложбени штандови се претставуваат 40-тина организации од регионот – од Делчево, Виница, Кочани, Македонска Каменица, Пехчево, а гости се организации од Бугарија. На саемот се одржаа и форумски расправи и социо-културни настани.
Саемот е дел од проектот “Поддршка на национален форум/ Платформа на граѓанското општество”, финансиран од ЕУ, а раководен од Европската агенција за реконструкција. Саемот е поддржан и од општината Делчево.
КРЕАТИВНА НАСТАВА И УЧЕЊЕ

Конференција за предизвиците на наставничката професија



На 12 и на 13 април 2007 година, во организација на проектот „Креативна настава и учење“, ќе се одржи Конференција за предизвиците на наставничката професија. На Конференцијата ќе учествуваат претставници од наставничките институти на факултетите, претставници на училиштата, на имплементаторите на проектите од областа на образованието, на Министерството за образование на Република Македонија, како и на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура.

Присутните ќе дискутираат за иницијалните обуки и за усовршувањето на наставничките кадри во основното, во средното и во високото образование, за обезбедувањето и контролата на квалитетот, како и за третманот, местото и улогата на наставниците во законските регулативи во државата.

Презентациите ќе бидат проследени со работилници во чиишто рамки учесниците ќе имаат можност да ги дефинираат критичните точки за интервенција, да ги утврдат можностите за подобра координација, како и идните насоки за ефикасни интервенции во споменатите области на образованиот процес во Република Македонија.
ПРАВНА ПРОГРАМА

Справување со организираниот криминал – стратегии и политики за негова превенција и сузбивање



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија го публикуваше БИЛТЕН број 2 од проектот „Справување со организираниот криминал – стратегии и политики за негова превенција и сузбивање“. Овој Билтен е резултат на континуираната дебата и експертските форуми кои беа иницирани во периодот од јуни 2006 до март 2007 година. Како и претходниот, и овој Билтен е наменет за вработените во институциите одговорни за откривање, сузбивање и превенција на организираниот криминал, како за оние кои се занимаваат со оваа проблематика. Со надеж дека ќе им биде од корист, Билтенот е дистрибуиран до сите нив. Во овој број на Билтенот посебно место е посветено на „Мерењето и оценувањето на организираниот криминал“ и на „Криминалистичкото разузнавање и анализа“, но експертите обработија и теми кои подетално го елаборираат „Дефинирањето на поимот организиран криминал“ и аспектите на „Нацрт Законот за Јавното обвинителство во односот со полицијата“.
КОНКУРС ЗА НАГРАДА

За најдобар визуелно-графички дизајн на печатена книга



Со цел да ги унапреди стандардите, како и да ги поттикне креативноста и професионализмот во областа на визуелно-графичкиот дизајн на печатените публикации, Фондацијата Институт отворено општество – Македонија распишува конкурс за награда за најдобар визуелно-графички дизајн на печатена книга издадена во Република Македонија.

Единствената награда е во износ од 1.000 американски долари во денарска противвредност, а ќе ја додели стручно жири.

Секое правно и физичко лице од Македонија што се јавува како издавач на книга може да пријави најмногу два наслова, издадени во изминатите 12 месеци. Пријавувањето се врши преку доставување писмо (на адреса: бул. Јане Сандански 111, п. фах 378, Скопје), во кое се наведени: името на издавачот (со детали за контакт) и насловот на книгата, а во прилог на писмото задолжително се доставуваат по 3 примероци од книгата. Доставените книги не се враќаат.

Краен рок за пријавување: 31 мај 2007 година.

Пријавите што ќе пристигнат по наведениот краен рок, нема да бидат разгледувани. Одлуките ќе бидат писмено соопштени до крајот на јуни 2007 година, а името на наградениот издавач ќе биде јавно соопштено преку медиумите. Решително ве одвраќаме од телефонски повици или лични посети во врска со одлуките.

За дополнителни информации:
По електронска пошта: vgligoro@soros.org.mk или на телефон 02/244 44 88 локал 118, секој ден освен вторник, само од 12:30 до 14:30 часот. Контакт: Виолета Глигороска, програмски координатор.
КОНФЕРЕНЦИЈА НА „ФОРУМИ ВО ЗАЕДНИЦИТЕ“

Позитивни промени од форумите



На 17 април 2007 (вторник) се одржа конференција на Програмата „Форуми во заедниците“, на која земаа учество повеќе од 80 претставници на општините, централната власт, меѓународните организации во Македонија, невладиниот сектор и медиумите.

На конференцијата беа презентирани искуствата од досегашното спроведување на оваа програма, која има за цел да го поддржи развојот на општините со обезбедување учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки.

Поздравувајќи ги присутните на конференцијата, Амабасадорот на Швајцарија НЕ г-дин Томас Фуглистер, го нагласи значењето на учеството на граѓаните во процесот на донесување одлуки како еден од начините за поддршка на процесите на децентрализацијата. Г-дин Невзат Бејта, потпретседател на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Гостивар се осврна на програмата од аспект на нејзиниот придонес во градењето отчетна и одговорна локална администрација.

Претставниците на организациите кои ја спроведуваат програмата Фондацијата институт отворено општество – Македонија и Центарот за институционален развој ЦИР-а, ги потенцираа искуствата и постигнатите резултати од спроведувањето на програмата, на што се надоврзаа градоначалниците на Кичево, Ѓорче Петров и Прилеп, кои говореа за промените во општините со кои тие раководат, настанати како резултат на програмата. Особен интерес кај присутните побуди и презентацијата на г-дин Дилијан Енкин, Градоначалник на општина Тројан во Бугарија, кој говореше за искуството на неговата општина во спроведувањето на слична програма.

Програмата ќе продолжи да се спроведува, на начин кој ќе биде најсоодветен за да опфати што поголем број општини во државата, потенцираше г-дин Роман Дарбеле, Раководител на Швајцарската агенција за развој и соработка.

Учесниците на конференцијата, оценија дека програмата навистина нуди можност за развој на општините преку вклучување на граѓаните во процесот на донесување одлуки и придонесува за надминување на јазот помеѓу власта и граѓаните.

Конференцијата на програмата „Форуми во заедниците“ уследи по завршувањето на форумските сесии во општините Кичево, Прилеп и Ѓорче Петров, на кои граѓаните ги определија приоритетите за развој на општините и одлучија кои проекти ќе се финансираат од обезбедениот буџет од 120.000 евра од Швајцарската агенција за развој и соработка со дополнителни 25% од општината и 15% од носителите на проектите во секоја општина. Оваа програма во соработка со ЗЕЛС и со општините ја спроведуваат Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и Центарот за институционален развој – ЦИРа.
КООРДИНАЦИЈА НА РОМСКИ НЕВЛАДИНИ ОРГАНИЗАЦИИ РОМА 2002

Осмоаприлската награда за ФИООМ



ФИООМ е еден од тројцата добитници (покрај г-ѓа Есма Реџепова и Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово) на Осмоаприлската награда што ја доделува Координацијата на ромски невладини организации Рома 2002, по повод Светскиот ден на Ромите, 8 април. Свечената церемонија за доделување на наградите се одржа на 18 април 2007 година, во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје.

Како што стои во образложението на ова признание, ФИООМ наградата ја добива во категоријата институции со посебен придонес за Ромите. Во името на ФИООМ, наградата ја прими претседателката на Управниот одбор, г-ѓа Слободанка Марковска.
ПРОЦЕНКА НА ПОТЕНЦИЈАЛОТ ЗА ДОБРО УПРАВУВАЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Тркалезна маса за реформите во судството



На 18 април 2007 година со почеток во 10.00 часот во Клубот на пратениците во Скопје, ќе се одржи тркалезна маса на тема Реформи во судството – Закон за судовите. Тркалезната маса ја организира ФИООМ, во рамки на проектот Проценка на потенцијалот за добро управување во Македонија.

Целта е размена на експертско, стручно и практично мислење за стварната надлежност на судовите предвидена со новиот Закон за судовите, работењето на судовите и подготовка на извештаи, како и менаџирањето, транспарентноста, ефикасноста и ажурноста на судовите, што всушност претставуваат дел од принципите на доброто управување. Учество ќе земат преставници од судските органи, Министерството за правда и меѓународни организации вклучени во реформите и јакнење на капацитетите на на македонскиот судскиот систем.
ДЕБАР

Се одржа Третиот Регионален НВО саем



Вкупно 37 невладини организации од Струга, Дебар, Кичево, Прилеп, Скопје, Ресен и Гостивар учествуваа на третиот регионален НВО саем што се одржа во Дебар на 30-31 март 2007 година. Саемот го организираше ФИООМ во име на Граѓанската платформа на Македонија со логистичка помош од Центарот за поддршка на невладини организации Дебар.

Учесниците и посетителите ги поздравија Владимир Милчин, извршниот директор на ФИООМ, Флора Љатифи-Малоку, претставничка од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија одговорна за невладиниот сектор, Сузана Никодијевиќ-Филиповска, раководител на Сектор за анализа на политиките и координација при Владата на Република Македонија и градоначалникот на општина Дебар, Аргетим Фида.

Ова е трет регионален саем, пи двата во Струмица и Гостивар. Во негови рамки се организираа седум промоции и презентации, пет форумски дискусии, меѓу кои форумската дискусија на тема „Прекугранична соработка“ во чии рамки свое излагање имаа градоначалниците на Дебар, Струга и Пешкопеја, и форумската дискусија „Децентрализацијата во функција на граѓаните“ во организација на општината Чаир и Заеднички вредности, Скопје. Во рамките на саемот се одржаа и шест социо-културни настани („Демократија, што е тоа?“, ора од Рекански крај, презентација на карате-вештини, изложба на слики), а Црвениот крст организираше успешна крводарителска акција.

Градоначалниците на општините Дебар и Чаир финансиски го поддржаа саемот. ФИООМ на 25-26 април во Делчево ќе го организира и четвртиот регионален НВО саем.
БИЕНАЛЕ ВО ВЕНЕЦИЈА

Прв Ромски павилјон – Изгубениот рај



Со поддршка на Институтот отворено општество, Европската културна фондација и Alianz Kulturstiftung, на 52-то Биенале во Венеција ќе биде поставен првиот Ромски павилјон, со наслов “Изгубениот рај”. Павилјонот ќе може да се посети од 10 јуни до 21 ноември 2007 година. На оваа изложба ќе биде претставена меѓународната селекција на современи ромски уметници.

Во прилог, ги претставуваме каталогот и лифлетот за Павилјонот, како и избор на атрактивни уметнички дела.

Каталог >>>, (.doc, 53 KБ)

Лифлет >>>, (.пдф, 670 KБ)

Галерија >>>
РЕГИОНАЛЕН НВО САЕМ ВО ДЕБАР

Промоција на прирачник за управување со невладини организации



На 30 март 2007 година на Регионалниот НВО Саем во Дебар извршниот директор на ФИООМ, г-дин Владимир Милчин, го промовираше прирачникот за управување со невладини организации. ФИООМ го преведе и објави прирачникот, чиј автор е Мерилин Вајат, на македонски и на албански јазик.

Примената на упатствата од прирачникот ќе им помогнат на невладините организации да ја унапредат работата на своите управни одбори и да работат поефикасно, потранспарентно и поодговорно. Прирачникот е објавен во тираж од 1000 примероци на македонски јазик и 500 примероци на албански јазик. Организациите кои се заинтересирани да добијат примерок може да се јават во канцелариите на програмата за граѓанско општество на ФИООМ (тел. 02/ 2403010).

Преземете го прирачникот на македонски јазик (.пдф, 900 КБ)

Преземете го прирачникот на албански јазик (.пдф, 900 КБ)
МАКФАКС

УСАИД сугерира обука на наставниците за поквалитетно образование



Обуката на наставниците се чини дека е логично место од каде треба да започне воведувањето на повисоки стандарди во високото образование во Македонија, изјави Патриша Рејдер, директор на Мисијата на УСАИД во Македонија.

Во воведното обраќање на конференцијата „Предизвиците на наставничката професија“ Патриша Рејдер нагласи дека таа е свесна за напорите на Македонија за постигнување повисоки стандарди во високото образование во Македонија.

Таа ја пофали земјава за прифаќањето иновации во образованието како неопходен фактор.

Успехот на учениците и студентите зависи од тоа колку наставниците и професорите се обучени да ги мотивираат – смета Владимир Милчин, директор на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија.

Наставниците не треба да речат дека знаат доволно и да се откажат од учење – додаде Милчин, алудирајќи на тоа дека наставничката професија бара постојан напредок.

Конференцијата беше во организација на ФИООМ и Ректоратот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Настанот беше организиран во рамките на проектот на УСАИД Креативна настава и учење.

Во рамките на конференцијата се одржаа работилници и професионална надградба на наставници на сите образовни нивоа во Македонија.
ЈАВЕН ПОВИК

За пријавување на институции и организации во програмата за градење капацитети



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ), преку 12-те Центри за поддршка на НВО во партнерство со Здружението на граѓани за поддршка на меѓуетнички дијалог и развој на заедницата ,,Заеднички вредности”, го спроведува проектот „Живеење во мултиетничка средина – граѓани со еднакви права, можности и заштита“. Проектот е финансиран од Европската комисија во рамки на Кампања 4: Унапредување на еднаквоста, толеранцијата и мирот на Европската иницијатива за демократија и човекови права (EIDHR) и од ФИООМ. Целта на проектот е да се подобри статусот на малцинските групи и да се зајакнат капацитетите за активно учество во креирање на јавните политики на локално и на национално ниво.

Погледнете го целиот текст
ПРАВНА ПРОГРАМА

Како да се постигне отвореност и транспарентност на Владата



Од 19 до 23 март 2007 год, во организација на PAI–Public Administrational International, во Лондон, Велика Британија се одржа студиска програма: “Слобода на информациите: Како да се постигне отвореност и транспарентност на Владата“. На оваа повеќедневна работилница учествуваа претставници на владини и невладини организации кои работат на имплементирање на Законот за слободен пристап од Македонија, Нигерија, Република Српска, Замбија, Киригистан, Бахами, Малезија, Боцвана, Јамајка, Тринидад и Тобаго, Мексико и Гана. Предавачите од Канада и Велика Британија пред учесниците се претставија со повеќе презентации, меѓу кои посебно вниманието го привлекоа темите: “Краток преглед и цел“, “Слобода на информациите и одговорност“, “Велика Британија, слобода на информациите – Акт 2000“ и “Слобода на информациите во лондонската општина Камден: перспективите на локалната власт“.

Фондацијата Институт отворено општество – Македонија овозможи активно партиципирање во студиската програма на свои двајца вработени, како и на претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Целта на учесниците од Македонија беше да се презентираат првите искуства од примената на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер во Македонија, од аспект на работата на Комисијата за СПИЈК како и активностите на ФИООМ во набљудувањето на примената на законот.
СТУДИСКА ПОСЕТА

Деинституционализацијата на лицата со пречки во развојот е можна



Во организација на ФИООМ, на 26 и 27 март 2007 година претставници од Специјалниот завод - Демир Капија, предводени од директорот на оваа институција, како и претставници од ФИООМ, ги посетија НВО Инклузија од Загреб и заедниците за домување на лицата со пречки во развојот.

Целта на оваа студиска посета беше да се запознаат со хрватското искуство во практикувањето на домувањето на лицата со пречки во развојот надвор од институциите. Беа посетени домовите на неколку лица кои претходно биле сместени во специјални институции, а веќе две години живеат во заедници, или пак сами, во нормални домови.

Оваа активност е дел од Програмата за ментално здравје на ФИООМ и се спроведува во рамките на Проектот за деинституционализација на штитениците на Специјалниот Завод - Демир Капија што го спроведува ФИООМ во соработка со мрежната програма од Будимпешта. ФИООМ ќе работи на изготвување елаборат за трансформација на заводот во Демир Капија, а се планира потпишување Меморандум за соработка со Министерството за труд и социјална политика.
РАБОТИЛНИЦА

Анализа на потенцијалот за добро управување во осум области



На 24 и 25 март 2007 година во Кочани се одржа дводневна работилница за анализа на потенцијалот за добро владеење во Македонија во осум области: економија, здравство, образование, социјални прашања, човекови права, локална самоуправа, мониторинг на менаџментот на јавните пари и реформите во судството.

Цел на работилницата беше да се презентира досегашната тримесечна работа на осумте работни групи кои работеа на анализата, предизвиците со кои тие се соочуваат, како и методологијата којашто ќе се користи при анализата. Оваа активност е во рамките на проектот Процена на потенцијалот за добро владеење во Македонија што го спроведува ФИООМ.
Работилницата
Анализа на потенцијалот за добро управување во осум области



На 24 и 25 март 2007 година во Кочани се одржа дводневна работилница за анализа на потенцијалот за добро владеење во Македонија во осум области: економија, здравство, образование, социјални прашања, човекови права, локална самоуправа, мониторинг на менаџментот на јавните пари и реформите во судството.

Цел на работилницата беше да се презентира досегашната тримесечна работа на осумте работни групи кои работеа на анализата, предизвиците со кои тие се соочуваат, како и методологијата којашто ќе се користи при анализата. Оваа активност е во рамките на проектот Процена на потенцијалот за добро владеење во Македонија што го спроведува ФИООМ.
Проект „Креативна настава и учење“
Семинар за ЕКТС - „Обновување на предметните програми“



Од 28 до 31 март 2007 година, во хотелот „Белведере“ во Охрид, ќе се одржи семинар за Европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС) - „Обновување на предметните програми“, наменет за наставничкиот и за менаџерскиот кадар од Природно-математичкиот и од Факултетот за хуманистички науки и уметности во Тетово, како и од Филолошкиот и од Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со потребата од модификација и адаптација на постоечките предметни програми на овие факултети, според стандардите на Болоњската декларација и на ЕКТС. Во рамките на работилницата е предвидено учесниците да ги дефинираат компетенциите и очекуваните резултати од учењето на високообразовните институции во Македонија, како и да се обучат за изготвување нови курикулуми за своите факултети. Предавачи на работилницата се проф. Јоже Ругељ и проф. Ирена Нанчовска-Шербец од Педагошкиот факултет на Универзитетот во Љубљана, Словенија.
НВО Доверба
Проект за застапување за корисниците на дроги



НВО Доверба од Скопје започна со спроведување на проектот „Застапување за заштита на човековите права на лицата кои користат дроги за поголема достапност и подобрување на стандардите за лекување, вклучително на оние кои се наоѓаат во затвор“. Проектот е поддржан од ФИООМ, а ќе се спроведува наредните шест месеци.

Проектот ќе промовира, застапува и лобира за заштита на правата на лицата што инјектираат дроги и нивните семејства, преку подигнување на степенот на информираност и знаење за човековите права и начините на нивна заштита меѓу членови на целната група и нивните семејства, вклучително оние кои актуелно се наоѓаат во затворски услови, како и меѓу различно профилириани професионални групи, со особен акцент на вработените во затворските институции.

Стручен тим (правник, социјален работник, водител на инфо-линија и психијатри) ќе работи на реализација на планираните активности. Меѓу нив, се: Канцеларија за бесплатна правна помош, која ќе биде отворена три дена во неделата (понеделник, среда и петок) во просториите на НВО Доверба (Илинденска 94, Скопје); Правна инфо-линија (02/3067-713, понеделник-петок, од 15-20 ч.); посредување при спроведување на здравствената заштита, социјалните работи и правдата; едукативни работилници за заштита на човечките права; дистрибуција на информативен и едукативен материјал.
Трибина
Верското образование во државните училишта



На 14 март 2007 година, во организација на ФИООМ, во Скопје се одржа трибината: „Воведување верско образование во државните училишта“.

По воведниот збор што за оваа актуелна тема го даде г. Владимир Милчин, извршен директор на ФИООМ, беа претставени резултати од две истражувања финансирани од ФИООМ.

За резултатите од истражувањето „Јавното мислење за верското образование“ зборуваше д-р Петар Атанасов од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања од Скопје, а резултатите од истражувањето „Застапеност на наставните содржини за религијата во одделни општествено-хуманистички предмети во основното и средно образование“ ги претстави д-р Сузана Симоновска од Катедрата за хуманистички студии на Филозофскиот факултет, Скопје. Д-р Зденко Кодеља од Институт за образовни истражувања од Љубљана имаше излагање на тема „Веронауката во различни национални образовни системи - компаративен приказ“. По излагањата, следуваше интересна дискусија во која учествуваа наставници, научници, политичари, претставници од верските заедници и други заинтересирани лица.

Истражувањата претставуваат прв чекор при формулирањето јавни политики за проблематика од ваков зафат и комплексност како што е верското образование. На овој начин, ФИООМ дава придонес за формулирање јавни политики од интерес на граѓаните на Македонија.
Правна програма
Проект: Набљудување на слободниот пристап до информациите од јавен карактер



Во саботата на 10 март 2007 год. во Скопје се спроведе инструктажа за 100 баратели, кои користејќи го правото од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, ќе поднесуваат барања до имателите на информации на централно ниво. Целта е да се набљудува имплементацијата на законот во текот на 2007 година. Партнери имплементатори на проектните активности на ФИООМ се и Македонското здружение на млади правници и Шведскиот Хелсиншки комитет.

Подетално за активностите на целиот проект, кој опфаќа и компонента за бесплатна правна помош, може да се добијат на www.spinfo.org.mk.
На 25-26 април во Центарот за култура, Делчево
Регионален НВО саем



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) и Центарот за поддршка на НВО - Делчево во име на членките на Граѓанската платформа на Македонија организираат Регионален НВО саем во Делчево во рамките на проектот Поддршка на национален форум/платформа на граѓанското општество финансиран од ЕУ и раководен од Европската агенција за реконструкција. Саемот на 25-ти април во 10:30 часот ќе го отвори г. Владимир Милчин, извршен директор на ФИООМ, а воведен збор ќе одржат Н.Е. г. Ерван Фуере, шеф на мисијата на ЕУ во Македонија и градоначалникот на општина Делчево. Настанот го поддржа и Локалната самоуправа на општина Делчево која очекува тој да прерасне во традиционална манифестација на градот.

Ќе се одржат четири форумски дискусии, за прашања клучни за граѓанското општество, но и за други релевантни сектори. Освен тоа, ќе бидат одржани и шест промоции/презентации. На изложбениот простор, на 35 штандови ќе се претстават организации од Делчево, Скопје, Пехчево, Македонска Каменица, Берово, Виница, Кочани, Крива Паланка, Струмица, Штип, Благоевград (Бугарија) и други. За време на Регионалниот НВО саем ќе бидат организирани пет социо-културни настани кои ќе се базираат на сопствената креативност на граѓанските организации и ќе значат промоција на културното наследство и вредности.

Влезот на Регионалниот НВО саем е бесплатен.

Преземете ја програмата >>>, (.пдф, 830 КБ)
ЗДРУЖЕНИЈА ЗА МЕЃУНАРОДНИ ПОЛИТИКИ, 2006-2007


Повик за прибирање на предлог-проекти
Покана за учество
Регионален НВО саем – Делчево



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и Центарот за поддршка на НВО - Делчево во име на членките на Граѓанската платформа на Македонија имаат чест да ве поканат да учествувате на Регионалниот НВО саем во Делчево.
Целта на овој настан е јавноста да се запознае со активностите на граѓанските организации, да се создаде простор за размена на искуства и да се зголеми регионалната соработка преку координација и вмрежување помеѓу здруженијата на граѓани.
Регионалниот НВО саем ќе се одржи на 25-ти и 26-ти април 2007 година во Центарот за култура ,,Никола Јонков Вапцаров" во Делчево, а можат да учествуваат граѓанските организации од Република Македонија и соседните земји. Регионалниот НВО саем се состои од три компоненти:
- форумски активности
- изложбен дел
- социо-културни настани.

1. ФОРУМСКИ АКТИВНОСТИ
Форумскиот дел ќе се состои од јавни дебати (пр. панели, тркалезни маси и сл.) каде ќе бидат дискутирани повеќе прашања, од кои клучна тема ќе биде прекуграничната соработка. За таа цел, се повикуваат заинтересираните граѓански организации, најдоцна до 12-ти април 2007 година да пријават тема за дискусија.
Формуларот за пријавување теми може да се добие по електорнска пошта, или да се најде на веб страницата: www.soros.org.mk ; www.nvocentri.org.mk ; www.gragjanskisvet.org.mk
2. ИЗЛОЖБЕН ДЕЛ
Регионалниот НВО саем овозможува претставување на учесниците преку изложбен простор (штандови). Основниот изложбен простор за презентација изнесува 4 м2. Партиципацијата за закуп на штанд изнесува 500 денари.
3. СОЦИО-КУЛТУРНИ НАСТАНИ
За време на Регионалниот НВО саем ќе бидат организирани социо-културни настани кои ќе се базираат на сопствената креативност на граѓанските организации и ќе значат промоција на културното наследство и вредности.
ПРИЈАВУВАЊЕ
Пријавувањето за Регионалниот НВО саем е најдоцна до 12-ти април 2007 година, во Центарот за поддршка на НВО-Делчево на адреса: ул. „Методи Митевски Брицо“ бр. 17, П.фах 86, Делчево.
Пријавите ќе бидат достапни и на следните веб-страници: www.soros.org.mk ; www.nvocentri.org.mk и www.gragjanskisvet.org.mk.
Лица за контакт: Тереза Филобок и Тони Стоименовски, тел. 033/411-727 (од 10 до 18 часот, секој работен ден), факс 033/411-423, e-mail: tstoimenovski@sonet.com.mk и tfilobok@sonet.com.mk.
Влезот на Регионалниот НВО саем за учесниците е бесплатен.

Преземете ги пријавите:
Пријава за форум, (.doc, 140 КБ)
Пријава за штанд, (.doc, 140 КБ)
Пријава за настан, (.doc, 130 КБ)
Правна програма
Борба против организираниот криминал во РМ



На деветти и десетти март 2007 година во Охрид се одржа 10-тата експертска средба на проектот „Борба против организираниот криминал во Република Македонија“ што го спроведува ФИООМ. На средбата се презентираа и разгледуваа нацрт-завршниот извештај од спроведувањето на проектните активности во изминатата година, состојбата од мерењето и следењето на организираниот криминал и меѓуинституционаната соработка со акцент на улогата на Јавното обвинителство. Исто така, се планираа идните активности за скрининг на состојбата во полето на правдата, слободата и безбедноста, и се дискутираа тековните законски проекти од интерес за превенцијата и сузбивањето на организираниот криминал. Дополнително ќе бидат публикувани Билтените број 2 и 3, со проектните активности од втората половина на минатата година, односно со завршниот извештај за проектот.
Центар за поддршка на заедницата Ресен
Свечено отворање на нови простории



На седми март 2007 година во Ресен, во зградата на Младинскиот културен центар (ул. Христо Герасовски бб), беа свечено отворени новите простории на Центарот за поддршка на заедницата - Ресен (поранешен Центар за поддршка на НВО). Новите простории се добиени на користење од локалната самоуправа на Општина Ресен која донесе одлука да додели простории за работа на Центарот на неопределено време (минимум четири години). Нивното реновирање финансиски го поддржа ФИООМ во износ од 552.000 денари.

Работата на центарот во новите простории ја поздравија г. Димитар Бузлевски, градоначалник на општина Ресен и г-ѓа Слободанка Марковска, претседателка на Управен одбор на ФИООМ и г-ѓа Снежана Манчева, претставник од Секретаријатот за европски прашања во Владата на Република Македонија.

Центарот за поддршка на заедницата од октомври 2006 година е трансформиран од поранешниот Центар за поддршка на НВО, кој работеше од април 2004 како дел од проектот „Центри за поддршка на НВО во социјално и економски неразвиени подрачја во Македонија”, финансиран од Европската комисија и спроведуван од ФИООМ.
Програма „Форуми во заедниците“
Граѓаните од Прилеп и Ѓорче Петров гласаа за приоритетните проекти



Во општините Ѓорче Петров и Прилеп се спроведе шестата, завршна форумска сесија на која граѓаните самите одлучија кои проекти, предложени од форумот, во најголема мерка соодветствуваат со нивните потреби и ќе бидат финансирани од расположливиот буџет од 120.000 евра од Швајцарската агенција за развој и соработка и 30.000 евра од општината.

Над 100 прилепчани во изминатите неколку месеци работеа да изнајдат соодветен начин како да придонесат кон подобрување на социо-економската состојба на нивната заедница. Граѓаните одлучија дека приоритетна потреба им е ревитализација на комплексите Могила и Маркови кули. Tие гласаа да се реализираат проектите Ревитализација на спортско-рекреативниот и културно-историскиот комплекс „Могила“ во Прилеп (носител е ЈП Комуналец а ќе се финансира со 4.297.812,00 денари), и Варош - културна гордост, традиција, панаѓур (носител е НВО Форум за авангардна креативност – Прилеп, а ќе се финансира со 3.088.000,00 денари). Ваквиот начин на работа, којшто овозможи граѓаните активно да се вклучат во развојот на нивната заедница во соработка со локалната администрација, го поздравија Неговата Екселенција г. Томас Фуглистер, амбасадор на Швајцарија во Македонија, г. Маријан Ристевски, градоначалник на Прилеп и г. Владимир Милчин, извршен директор на ФИООМ.

Жителите на Ѓорче Петров гласаа за проектот Парк кој има цел да се доизгради паркот во Реонскиот центар. Проектот ќе се поддржи со 120.000 евра од Швајцарската агенција за развој и соработка, дополнителни 25% од општинскиот буџет и 15% од носителот на проектот.

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, г. Сокол Митровски, им се заблагодари на учесниците и вети дека општината во најскоро време ќе издвои буџет за реконструкцијата на спортските игралишта во општината.

Наскоро, низ ваков процес на одлучување ќе поминат и жителите на Кичево, третата општина вклучена во програмата „Форуми во заедниците“, која е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, а имплементирана од ФИООМ и Центарот за одржлив развој.
Со помош на ФИООМ
Општински образовен портал во Велес



ФИООМ во соработка со Мајкрософт Македонија, кабелскиот оператор Спринт и локалната самоуправа на општина Велес го промовираа почетокот на проектот „Општинскиот образовен портал“ чија реализација ќе почне наесен во петте основни и четирите средни училишта во Велес со потпишување Меморандум за соработка.

Со проектот ќе бидат опфатени 5.500 ученици од основното и 3.100 средношколци, како и 530 нивни наставници и професори, кои освен меѓусебна комуникација ќе имаат можност и за далечинско учење, тестирање и создавање библиотеки на знаење.

Во презентацијата на проектот учествуваа Владимир Милчин, извршен директор на ФИООМ, Илијанчо Гаговски, директор на Микрософт Македонија, Аце Коцевски, градоначалник на општина Велес и Живко Туфекчиев, директор на кабелскиот оператор Спринт кои финансиски и технички ја поддржуваат реализацијата на проектот.
Во проектното училиште „Страшо Пинџур“ во Скопје
Промоција на Програмата за образование на Роми



На петти март, 2007 година во основното училиште „Страшо Пинџур“ во населбата Новоселски Пат, Скопје, се одржа прослава по повод патрониот празник. Истовремено се одржа и јавна промоција на Програмата за образование на Роми која веќе трета година се спроведува во училиштето во партнерство со Ромскиот образовен центар „Дендо Вас“ од истата населба.

На прославата кратко обраќање имаа Живана Трајковска, директор на училиштето; Патриша Рејдер, директор на Мисијата на УСАИД во Македонија; Анифа Демировска, директор на Управата за унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците; Жаклина Дурмиш, директор на „Дендо Вас“ и Споменка Лазаревска, директор на Програмата за образование на Роми на ФИООМ.
Во организација на ФИООМ
Работилница за Законот за здруженија на граѓани и фондации



На 26 и 27 февруари 2007 година во Скопје ФИООМ организираше работилница на тема „Закон за здруженија на граѓани и фондации“. На работилницата присуствуваа дваесетина претставници на членки на Граѓанската платформа на Македонија, како и актерите вклучени во процесот на креирање на законската рамка: Наташа Габер од Институтот за социјални и политичко-правни истражувања; Катерина Хаџи-Мицева од Европскиот центар за непрофитно право; Загорка Тноковска и Јонче Вескоски, претставници од Министерството за правда; Александар Николоски, пратеник во Собранието на Република Македонија; Михо Владимиров од Одделението за соработка со невладини организации и други.

За лоцирањето на проблемите и понудените решенија овој пат невладиниот сектор и претставниците на Владата и Парламентот имаа многу слични размислувања и предлози. На крајот на работилницата беа донесени заклучоци.

Заклучоците можете да ги прочитате на следниот линк >>>, (.пдф, 200 КБ)
Потпишан договор помеѓу ФИООМ и Светската Банка
Младите против социјалната исклученост



Во текот на 2007 и 2008 година, Фондацијата Институт отворено општество - Македонија (ФИООМ) и Канцеларијата на Светската Банка во Македонија ќе издвојат 68.000 американски долари за спроведување на проектот „Младите во борба против социјалната исклученост“. Договорот за партнерство за спроведување на проектот беше потпишан на свечена церемонија пред новинарите, на 28 февруари 2007 година, од страна на г-ѓа Сандра Блуменкамп, директорка на Канцеларијата на Светската Банка во Македонија, и г. Владимир Милчин, извршен директор на ФИООМ.

Целта на овој проект е подигнување на свеста и визуелизација на социјалната исклученост на младите, дефинирање на рамките и заинтересираните страни, како и поддршка на активно учество на младите во намалувањето на социјалната исклученост. Ќе бидат спроведени две фази: првата опфаќа градење капацитети (обука на обучувачи за младински активисти-мултипликатори), а преку втората ќе се поддржат проекти на младински НВО насочени кон борба против социјалната исклученост, од кои се очекуваат конкретни резултати.

Со ова партнерство, ФИООМ и Светската Банка ја продолжуваат традиционалната соработка и здружувањето средства, кои започнаа во 2005 година, со проектот „Граѓанско учество во Декадата за вклучување на Ромите 2005-2015“, а продолжија и во 2006-та, со проектот „Младите во акција: финансиска и техничка поддршка на младински НВО во проекти ориентирани кон заедниците”.
Програма проценка на потенцијалот за добро владеење во Македонија
Анкета за електронскиот сервис на Владата



Граѓаните се повикуваат да дадат свое мислење за електронскиот сервис на Владата – порталот www.uslugi.gov.mk. Прашањата на анкетата се однесуваат на петте најчесто користени услуги од порталот: издавање патни исправи, лична карта, извод од матичната книга на родените, информации за визи и стипендии за студенти. Целта на анкетата е да се добијат информации за понатамошен развој и доработка на порталот.

Анкетата е дел од проектот на ФИООМ Проценка на потенцијалот за добро владеење во Македонија што се спроведува во соработка со Генералниот секретаријат на Владата, Фондацијата Метаморфозис и независни и експерти од одделни владини тела, како Агенцијата за државни службеници, Секретаријатот за европски прашања, Службен весник и други.

На 30 и 31 март
Регионален НВО саем во Дебар



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и Центарот за поддршка на НВО-Дебар во име на членките на Граѓанската платформа на Македонија имаат чест да ве поканат да учествувате на Регионалниот НВО саем во Дебар.

Целта на овој настан е јавноста да се запознае со активностите на граѓанските организации, да се создаде простор за размена на искуства и да се зголеми регионалната соработка преку координација и вмрежување помеѓу здруженијата на граѓани.

Регионалниот НВО саем ќе се одржи на 30-ти и 31-ви март 2007 година во Центарот за Култура во Дебар, а можат да учествуваат граѓанските организации од Република Македонија и соседните земји.

Регионалниот НВО саем се состои од три компоненти:
- форумски активности
- изложбен дел
- социо-културни настани.

2. ИЗЛОЖБЕН ДЕЛ
Регионалниот НВО саем овозможува претставување на учесниците преку изложбен простор (штандови). Основниот изложбен простор за презентација изнесува 4 м2.
Партиципацијата за закуп на штанд е 500 денари.

3. СОЦИО-КУЛТУРНИ НАСТАНИ
За време на Регионалниот НВО саем ќе бидат организирани социо-културни настани кои ќе бидат базирани на сопствената креативност на граѓанските организации и ќе значат промоција на културното наследство и вредности.

ПРИЈАВУВАЊЕ
Пријавувањето за Регионалниот НВО саем е најдоцна до 09-ти март 2007 год., во Центарот за поддршка на НВО – Дебар на адреса: ул. ’’Вељко Влаховиќ“ бр. 13, п.фах 40, 1250 Дебар. Пријавите ќе бидат достапни и на сајтот: www.soros.org.mk, www.gragjanskisvet.org.mk и www.nvocentri.org.mk. Лица за контакт се Шуип Марку и Гоце Љубиновски, тел. 046/835-105 (во периодот од 09 до 19.30 часот, секој работен ден), факс 046/835-106, e-mail: smarku@sonet.com.mk, gljubinovski@sonet.com.mk, cscd.db@gmail.com.

Влезот на Регионалниот НВО саем за учесниците е бесплатен.

Преземете ги пријавите:

Пријава за форум, (.doc, 140 КБ)

Пријава за штанд, (.doc, 140 КБ)

Пријава за настан, (.doc, 130 КБ)
Правна програма, Министерство за правда и Метаморфозис
Расправа за првата нацрт-верзија на ИКТ стратегијата за правосудство



На 15 февруари 2007 година во Британскиот совет во Скопје се одржа расправа за првата нацрт-верзија на ИКТ стратегијата за македонското правосудство подготвена од Фондацијата Метаморфозис во организација на Правната програма на ФИООМ, Министерството за правда и Фондацијата Метаморфозис.

Расправата ја отвори заменик-министерот за правда на РМ, Сашо Василевски, а модератор беше Никола Мемов од Министерството за правда. Авторот на стратегијата, Зоран Јаневски, ја претстави ИКТ стратегијата која ги прикажува намерите на Министерството за прада и останатите институции чинители на правосудниот систем во Република Македонија во однос на примената на ИКТ во периодот од 2007 до 2010 година.

На расправата присуствуваа претставници на Министерството за правда, Врховниот суд, Јавното обвинителство, Судскиот совет, основните судови, пенитерцијарниот систем, академијата за судии, како и претставници на бизнис-секторот.

Од расправата произлегоа конкретни совети и сугестии кои ќе бидат вградени во следната верзија на стратегијата.
Прес конференција на ФИООМ и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап
Искуства од примената на Законот



На заедничка прес-конференција, одржана на 14 февруари 2007 година, ФИООМ и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер ги презентираа првите искуства, предизвици, дилеми и постигнувања од петмесечното спроведување на Законот за слободен пристап до информации.

Комисијата изнесе податоци за досегашната нејзина работа и моменталната состојба со имателите на информации, а претставниците на ФИООМ ги информираа медиумите за резултатите од едногодишното набљудување на спроведувањето на законот за слободен пристап. На прес-конференцијата учествуваа и претставници на Про Медиа и мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Соопштението за јавноста од ФИООМ може да го преземете тука >>> (.пдф, 100 КБ)
Процена на потенцијалот за добро управување на Македонија
Работилница за Анкета за потребите од ИТ обуки на државните службеници



Тимот на проектот Процена на потенцијалот за добро управување на Македонија во Клубот на пратениците на ден 26.01.2007 организираше еднодневна работилница за начинот на спроведување Анкета за потребите од ИТ обуки на државните службеници, што претставува активност од потпишаниот Договор за соработка меѓу ФИООМ и Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија.

Целта на анкетата е да се утврдат потребите за ИТ обуки на 8.000 државни службеници. Анализата на потребите ќе биде ориентација на Генералниот секретаријат и на Агенцијата за државни службеници во утврдување на приоритетите за ИКТ обука, дизајнирање на модули, планирање на термини за обука, како и насочување и усогласување на средствата од странската помош.

На работилницата присуствуваа фокал лица од 10 министерства и претставници од Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот завод за геодетски работи, Државниот архив на Македонија, Службата за општи и заеднички работи при Владата на РМ и Секретаријатот за законодавство.

Резултатите од спроведената анкета како и препораки за понатамошно креирање на политики во правец на јакнење на ИТ капацитетите на државните службеници ќе се достават до Генералниот секретаријат и сите државни институции кои учествувале во анкетата.
Програма за образование на Роми
Обука за претприемништво и самовработување



Во рамките на активностите на средношколската компонента на Програмата за образование на Роми, од 9-11 февруари во Охрид се одржа Обука за претприемништво и самовработување. Учесници на обуката ќе бидат дваесет и седум менторирани средношколци-стипендисти кои беа особено активни во текот на првата обука за активно барање работа.

Цел на обуката се да се збогатат знаењето и вештините на средношколците кои ќе им помогнат да станат поконкурентни на пазарот на труд од аспект на барачи на работа но и како претприемачи кои во иднина би отпочнале и воделе свои бизниси; да се поттикне претприемништвото помеѓу младите Роми; а преку практична настава и обука да се зголемат претприемачките способности и активности кои ќе поддржуваат креирање нови фирми (од идеја до водење бизнис)

Темите на обуката опфаќаат: Што значи самовработување; Како да се успее до самовработување; Како да се направи SWOT анализа и зашто е таа потребна; Генерирање бизнис идеа; Согледување и анализирање на можностите и ризиците за бизнис; и Развивање бизнис план.
Креативна настава и учење
Семинар за нови наставни методи и техники



Од 5-9 февруари 2007 година во Скопје се одржа Семинар за воведување нова наставна методика „Со читање и пишување до критичко мислење“. На семинарот учествуваа 51 професори и асистенти од наставничките институти на Природно-математичкиот факултет од Скопје, Природно-математичкиот факултет од Тетово, Филозофскиот факултет од Скопје и Факултетот за хуманитарни науки и уметности од Тетово.

Целта на семинарот беше запознавање со новите активни наставни методи и техники фокусирани врз студентите, што го поттикнуваат критичкото мислење и создаваат услови за поактивно ангажирање на учесниците во процесот на наставата. Предавачи на семинарот беа проф. д-р Елена Ачкоска-Лешкоска и м-р Весна Јаневски.
Креативна настава и учење
Интензивни студентски обуки за социјална правда



Од 23 јануари до 1 февруари 2007 година во Охрид се одржаа интензивни обуки за студенти насловени „Образование за социјална правда“. На обуките учествуваа 138 студенти од трета и од четврта година на студии од наставничките институти на Филолошкиот, Филозофскиот и Природно-математичкиот факултет од Скопје, како и Природно-математичкиот и Факултетот за хуманистички науки и уметности од Тетово.

Учесниците на обуките имаа можност низ практични примери да се стекнат со техники за препознавање и справување со појавата на етнички, расни и полови предрасуди и конфликти, во насока на примена на овие искуства во наставниот процес, како и во секојдневниот живот. Предавачи на работилницата беа д-р Мери Бошкова и д-р Димитар Боневски, Дарко Марчевски, Атина Тасевска, Петра Ристиќ, Елеонора Чабуковска и Матилда Бајакова.
Во Прилеп
Отворени нови простории на Центарот за поддршка на НВО и канцеларијата на Локален економски развој



На 7 февруари 2007 година, извршниот директор на ФИООМ, г. Владимир Милчин, директорката на мисијата на УСАИД во Македонија, г-ѓа Патриша Рејдер (Patricia Rader) и градоначалникот на општина Прилеп, г. Марјан Ристески, свечено го пуштија во употреба објектот во кој ќе бидат сместени Центарот за поддршка на НВО - Прилеп и канцеларијата на Локален економски развој Прилеп. Објектот е доделен на користење на овие две организации за период од 10 години, со одлука на Советот на Општина Прилеп.

Објектот е реконструиран во рамки на проектот „Реновирање на Центарот за поддршка на НВО“ со финансиска поддршка обезбедена преку Проектот за децентрализација на УСАИД/Фондот за добро општинско управување, ФИООМ и општина Прилеп. ФИООМ обезбеди 1.530.833 денари, УСАИД - 1.837.300 денари а Општина Прилеп - 595.000 денари. Општина се обврза дека ќе ги покрива и трошоците за тековно одржување (струја, вода, канализација, греење) за пет години.

Центарот за поддршка на НВО Прилеп започна да функционира во јануари 2001 година, како дел од повеќегодишниот проект: „Институционален развој на македонските НВО: Центри за поддршка на НВО во Прилеп, Велес, Штип и Кичево“ (септември 2000 – декември 2006). Центрите за поддршка на НВО го помагаа развојот на граѓанското општество во нивните региони преку обуки, консултации, логистичка поддршка, библиотека и мали грантови за локалните НВО, ја поддржуваа соработката на НВО со локалните институции, медиумите и приватниот сектор и вклучувањето на НВО во креирање јавни политики. Од август 2006 година, Центарот за поддршка на НВО Прилеп е трансформиран во Фондација за поддршка и развој.
Традиционална средба на невладини организации
Претставен проектот „Живеење во мултиетничка средина“



Амбасадорот на Европската унија во Република Македонија, Неговата Екселенција Ерван Фуере, и извршниот директор на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ), Владимир Милчин, ги поздравија невладините организации на традиционалната годишна средба, што се одржа на осми февруари 2007 година, во културниот центар Мала станица во Скопје.

На средбата, координаторката на Програмата за граѓанско општество на ФИООМ, Сунчица Костовска, го претстави проектот „Живеење во мултиетничка средина – граѓани со еднакви права, можности и заштита“ што во наредните 30 месеци што ќе го спроведува ФИООМ, во соработка со здружението „Заеднички вредности“ од Скопје и со 12-те центри за поддршка на невладини организации (кои се во фаза на пререгистрација во посебни правни лица).

Проектот е поддржан од Европската иницијатива за демократија и човекови права (ЕИДХР), која обезбедува 70% од средствата, а останатите 30% ги обезбедува ФИООМ. Целта на проектот е да се подобри статусот на малцинските групи и да се зајакнат капацитетите за активно учество во креирањето на јавните политики на локално и национално ниво. Проектот содржи три компоненти: градење капацитети и вмрежување; лобирање, застапување и зголемување на јавната свест; и мониторинг на локалната администрација.
Доделени сертификати за обучувачи за локална самоуправа
Сертифицирани 11 обучувачи



Со доделувањето дипломи за 11 обучувачи за локална самоуправа, заврши тригодишниот проект „Напредна обука на обучувачи за локалната самоуправа“ што го спроведе Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) во соработка со Фондацијата за партнерство и локален развој (ФПЛД) од Букурешт. На церемонијата што се одржа на 8 февруари 2007 година во просториите на ФИООМ, дипломите ги доделија Славица Инџевска, заменик директор за здружени програми на ФИООМ и Ана Василачи од ФПЛД.

Како што нагласи Инџевска, целта на оваа програма е да се создадат домашни човечки капацитети за обуки поврзани со локалната администрација, со што ќе се намали зависноста од странските ресурси.

Обуката започна во јануари 2004 година. По пат на конкурс беа избрани 14 кандидати. Од нив, сертифицирани се 11 кои редовно и доследно ја поминаа двегодишната обука за следниве модули:

1. Избрани лидери
2. Управување со конфликти
3. Вклучување на граѓаните во процесот на планирање на локално ниво
4. Управување на локалната самоуправа
5. Управување со јавните служби

За сите модули беа преведени серија прирачници, дистрибуирани до единиците на локалната самоуправа. Програмата опфати и напредна обука за техники и методологија на обучување, што вклучи: проценка на потребите за обука, дизајнирање обука, испорака на обука и евалуација на влијанието на обуката.
ФИООМ и МВР
Договор за соработка за техничка помош



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија потпишаа договор за соработка со кој ФИООМ се обврза на Министерството да му обезбеди техничка помош вредна околу 40.000 евра. Договорот беше потпишан на 30 јануари 2007 година, во просториите на Министерството за внатрешни работи.

Техничката помош ќе биде наменета за зајакнување на капацитетот на Министерството за потребите на процесот на приближување на законодавството на Република Македонија со законодавството на Европската унија. Пет правници, избрани по пат на јавен конкурс, ќе се вработат во Министерството и ќе ги помагаат работните групи кои работат на усогласување на над 100 подзаконски и законски акти со новиот Закон за полиција. Договорот го потпишаа министерката за внатрешни работи, г-ѓа Гордана Јанкулоска, и извршниот директор на ФИООМ, г-дин Владимир Милчин.
Програма „Живо наследство“
Отворен пазар за локални производи во Смоларе



На 26 јануари 2006 година, градоначалникот на општина Ново Село, Никола Андонов и извршниот директор на ФИООМ, Владимир Милчин, го пуштија во употреба пазарот на локални производи во селото Смоларе. Пазарот е една од активностите кои општината ги прави во контекст на развој на еколошкиот и селскиот туризам. Пазарот е лоциран покрај патеката што води кон Смоларскиот водопад, над селото, а на него ќе се нудат локални производи – ракотворби, зеленчук, овошје и преработки – домашни слатка, сокови, мед и друго. Во општината, една од атракциите кои ги привлекуваат овој тип туристи е Смоларскиот водопад, кој на јавноста и стана достапен преку програмата „Живо наследство“, поддржана од ФИООМ и белгиската фондација Крал Бодуен.

Пазарот е дел од проект кофинансиран од општината и ФИООМ. Тоа е четврти проект што ФИООМ го поддржува преку оваа програма во општина Ново Село (покрај патеките за Колешкиот и Смоларскиот водопад и Мокринските извори). Поради придонесот на Фондацијата во развојот на општината, градоначалникот Андонов го прогласи директорот на ФИООМ, Владимир Милчин, за почесен жител на општина Ново Село.
Фондацијата Метаморфозис
74 вработени од 22 општини во Македонија обучени за работа со Опен Офис



74 вработени од 22 општини во Македонија беа обучени за работа со канцеларискиот пакет Опен Офис преку обуката што ја подготвија Фондацијата Метаморфозис и Проектот за успешна децентрализација на УСАИД. Обуката се одржа во хотелот „Ривиера“ во Охрид, во периодот од 15 до 20 јануари 2007 година.

Обуката траеше вкупно шест последователни дена, а учесниците беа групирани во три групи, од кои првите две следеа настава на македонски јазик, а последната група беше составена од учесници кои ја следеше обуката на албански јазик. Секоја група помина дводневна обука.

Со обуката беа опфатени претставници на општините (означени со светло сино): Арачиново, Берово, Боговиње, Валандово, Виница, Дојран, Желино, Карбинци, Кратово, Крушево, Липково, Маврово и Ростуше, Македонска Каменица, Могила, Новаци, Ново Село, Пласница, Сарај, Сопиште, Студеничани, Теарце и Центар Жупа.

Наставните содржини кои беа опфатени се однесуваа на апликациите Writer (апликација за обработка на текст) и Calc (апликација за табеларни пресметки). Секој од учесниците на обуката доби ЦД „Заврши си работа“ и книга „Упатство за употреба на Опен Офис.орг“.
Проект „Креативна настава и учење“
Бесплатен пристап до интернет-бази на информации



На 17 јануари 2007, во НУБ “Св. Климент Охридски“ – Скопје, се одржа презентација на можноста за бесплатен пристап до широк и обемен избор на интернет - бази на информации. Пристапот до овој богат избор на интернет-академски изданија, журнали и истражувачки трудови е овозможен преку годишна претплата со времетраење до октомври 2008, што ја финансираше УСАИД, во рамките на активностите на проектот „Креативна настава и учење“, имплементиран од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ).

Бесплатен пристап до интернет-базите на информации ќе имаат сите образовни институции во РМ - основните и средните училишта, факултетите, библиотеките, како и студентските и ученичките домови.

Презентацијата беше проследена со куса работилница за начинот на влез и употреба на системот, со која раководеа Миодраг Дадасовиќ - координатор на Конзорциумот на македонските е-библиотеки и Драган Николиќ, претставник на Информативниот сервис EBSCO (една од расположливите бази на информации).

Покрај EBSCO, на македонските образовни институции им се достапни и базите SAGE и IOP, а наскоро се очекува можноста за пристап кон Oxford University Press (ОUP) и Cambridge University Press (CUP).
Правна програма
Коментар на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер



Правната програма на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) го издаде Коментарот на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Сл. весник на РМ бр.13/2006). Автори на Коментарот се проф. д-р Борче Давитковски и доц. д-р Ана Павловска – Данева од Правниот факултет „Јустинијан први“ – Скопје. Коментарот е издаден на македонски, албански и англиски јазик, а ќе биде дистрибуиран до сите иматели на информации, носители на јавни функции и до граѓаните преку граѓанскиот сектор.

ФИООМ го промовира правото на слободен пристап до информации од јавен карактер од 2004 година, а прави напори неговата имплементација да ја подобри преку континуирано набљудување на спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Постапката за остварување на правото за слободен пристап, на граѓаните, им се приближува и преку веб-сајтот www.spinfo.org.mk.

Преземетe ja електронскaта верзија на Коментарот на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер >>>, (.пдф, 500 КБ)
Форум
Текст „Младите во акција“



Во последниот број на магазинот „Форум плус“ кој излезе на 5.01.2007 е објавен текстот „Младите во акција“ од авторот Тодор Стојчевски, посветен на младинските иницијативи во Македонија и на Балканот и на регионалната конференција „Дефинирање стратегии за младинско лобирање“ организирана од ФИООМ.

Текстот може да се прочита на следниов линк>>> (.пдф, 1 МБ).
ФИООМ - ПРОГРАМА ЗА РАБОТА 2007




ФИООМ - ПРОГРАМА ЗА РАБОТА 2007 (.пдф, 1,6 МБ)
 
назад  
 

     © Copyright 2013, Foundation Open Society - Macedonia. Web site developed by Metamorphosis - Foundation for sustainable ICT solutions