Настани и новости
Архива 2004
Архива 2005
Архива 2006
Архива 2007
Архива 2008
Архива 2009
Архива 2010
Архива 2011
Архива 2012
Архива 2013
Календар на активности
Програми
За Фондацијата
Конкурси
Публикации
Партнери
Извештаи
Отворени писма
Контакт-информации
Мапа на сајтот
 
 
 
Фотографии од настани
Event photos
 
 

 Календар на активности
- Архива на календарот на активности
 
 
 
 
 
 
Црн понеделник
 
20 години ФООМ
 
 
 
Metamorphosis, Foundation for sustainable ICT solutions
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 

Настани и новости

Архива 2005

Архива на настани и новости 2005>
Програма „Живо наследство“
Промоција на книгата „Лешок и соседните села“



На 24 декември 2005 година во манастирскиот комплекс „Св. Атанасие и Св. Богородица“ во село Лешок беше промовирана книгата „Лешок и соседните села (духовна и материјална култура)“. Изготвувањето на книгата е дел од проектот „Младите и преданијата од Лешок и соседните села“ што го спроведуваат здружението „Лешок“ со седиште во Скопје и Месната заедница Лешок.

Проектот е поддржан од ФИООМ во рамките на програмата „Живо наследство“, а негова цел е намалување на миграцијата и зближување на младите од различно етничко потекло преку запознавање на културното наследство. Дел од активностите беше формирањето Младински креативен центри негово опремување со компјутери и друга опрема. Центарот треба да претставува катче каде младите ќе се дружат и соработуваат, ќе создадат културна шема и креираат веб-сајт за овој крај.
Музеј на Македонија
Културното наследство, децата и водата



На 21 декември 2005 година во Музејот на Македонија беше свечено отворена изложба на трудови на 20 деца на возраст од 12 до 15 години од скопското основно училиште „Јане Сандански“, кои учествуваа проектот „Вклучување на ромското малцинство во едукативните активности на музеите“, со тема „Поврзаноста на културното наследство со водата“.

Проектот, со финансиска поддршка од ФИООМ, го спроведе Музејот во соработка со училиштето. Целта на овој проект е да придонесе за развој на нова музејска публика и за вклучување на музејските институции во современите текови.

Децата проследија интерактивни предавања за водата во античките населби, аквадуктите и римските терми, за тврдините и водата, старите мостови и амами, и за водата во руралните средини, чешмите и бунарите. По секое предавање, децата беа поттикнати да извршат креативна репродукција на избраниот споменик. Нивните дела беа изложени во Музејот на Македонија. На отворањето на изложбата, Музејот му додели благодарница на ФИООМ.
Истражување
Технички услови и потенцијали на радиодифузната дејност во Македонија



На 22 декември 2005 година беа објавени резултатите од истражувањето за техничките услови и потенцијалите за развој на радиодифузната дејност од аспект на радиодифузери, провајдери и публика. Ова истражување е поддржано од ОБСЕ и од ФИООМ во партнерство со Центарот за развој на медиумите (ЦРМ). Истражувањето го изведе СММРИ во текот на октомври и ноември 2005 година.

Истражувањето е едно од трите кои се спроведуваат, а во рамките на подготвувањето база за изготвување на Национална стратегија за развој на радиодифузијата. Другите две истражувања, кои се во тек, се однесуваат на: програмските потреби на публиката и на капацитетите на медиумскиот пазар.

Кликнете овде за да ги добиете резултатите во Power Point формат.
ФИООМ на НВО Саем 2005
Презентации, форум, штандовско претставување



Во рамките на НВО Саемот 2005 што се одржа од 9 до 11 декември 2005 гoдина, во просториите на Скопски саем, Фондацијата Институт отворено општество – Македонија се претстави со штанд и неколку настани. Штандот на ФИООМ беше посветен на две клучни теми: поддршка на процесот на евро-интеграцијата, и на локалната демократија и локалниот развој. Штандот на ФИООМ, по свеченото отворање на Саемот, го посетија претседателот на државата, г. Бранко Црвенковски, и шефот на Делегацијата на Европската комисија во Македонија, г. Евран Фуере.

За време на Саемот, ФИООМ организираше неколку настани: форумот „Дали и како невладиниот сектор може да стане партнер на локалната власт? (успешни практики, можности, предизвици...)“ - во коорганизација со ЗЕЛС; претставување и дискусија за проектот „Истражувајќи ја другоста“; како и претставување на новите проекти и програми и промоција на новите публикации на ФИООМ.
Проект Претприемачки сервис за млади
Обуки за претприемништво



Во рамките на проектот Претприемачки сервис за млади што го спроведуваат ФИООМ и СИНТЕФ, во тек е пријавувањето за обуки за претприемништво. Обуките ќе ги спроведе организацијата ЦС Глобал од Скопје, а нивната цел е младите претприемачи да стекнат вештини за започнување сопствен бизнис.

Заинтересираните можат да се пријават до 26 декември 2005 година, а апликацијата за пријавување може да се симне од веб-сајтовите на ФИООМ и www.yesincubator.org.mk. За подетални информации за проектот, посетете го веб-сајтот и погледнете ја брошурата која е придружен дел на оваа информација.
Кампања на ФИООМ
Европа сега!



Билбордите со симболот на вртелешка и слоганот „Европа сега“ се поставени низ цела Македонија точно на денот кога во Брисел започна Самитот на лидери на Европската унија, од кој се очекува одлука за доделување кандидатски статус за членство на Македонија во ЕУ.

Вртелешката и зборовите „Европа сега“ праќаат јасна порака – Македонија во Европа, преку синергијата на повеќе мали „едра“ споени во една заедничка основа. Неколку илјади мали вртелешки се наоѓаат во рацете на граѓаните кои го посетија неодамна одржаниот Саем на невладини организации во Скопје.

„Европа сега“ е кампања што ја спроведува ФИООМ, како продолжение на кампањата „Европа – сега или никогаш“, со цел да ја поддржи интеграцијата на Македонија во ЕУ. Кампањата, покрај билбордите (11 во Скопје, по еден во Прилеп, Штип, Охрид, Тетово, Куманово и една на автопатот на излез кон Србија) и вртелешките, содржи и честитки, маички и друг пропаганден материјал.
Битола
Отворен објектот Младински културен центар



Со сечење црвена лента, на 13 декември 2005 година, извршниот директор на ФИООМ, г. Владимир Милчин свечено го пушти во употреба објектот Младински културен центар во Битола. Центарот е сместен во стара куќа на улицата „Самоилова“, заштитен споменик на културата. Куќата е целосно реставрирана, со поддршка од програмата „Живо наследство“ спроведена од ФИООМ и Фондацијата Крал Бодуен (ФКБ) од Белгија. Во финансирањето на овој обемен зафат, ФКБ обезбеди 40.000 УСД, а ФИООМ 42.000 УСД за периодот 2001-2005 година. Тоа е воедно најголемиот проект на оваа програма.

Со овој објект Битола доби културен центар за младите, со капацитети за одржување работилници (курсеви за компјутери и за јазик) и за работа со медиуми, простор за состаноци, концерти, промоции, дебати, и други настани. ФИООМ и ФКБ добија благодарници од здружението Младински културен центар, кое го спроведе проектот.
Фондација Метаморфозис
Серија јавни трибини на тема информатичко општество



Фондацијата Метаморфозис, со поддршка на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, во рамките на проектот Национална стратегија за развој на информатичко општество организира серија на јавни трибини, со цел пренесување знаења за низа тековни теми од областа на информатичкото општество.

Трибините ќе се одржат во Скопје, во следните термини:

• 12.12.2005 ИКТ за поефикасни локални самоуправи (во рамките на НВО-Саемот)
• 23.12.2005 Зголемување на интернет-пенетрација во РМ
• 27.02.2006 Блогирање за демократија и развој
• 09.03.2006 Либерализација на телекомуникацискиот пазар како услов за ефтин и квалитетен пристап
• 16.03.2006 Индикатори и методологии за степенот на развој на информатичкото општество

Трибините се надоврзуваат и на конференцијата „иМакедонија за раст и развој, исто така“, одржана на 29.09.2005 г. на која беше промовирана Националната стратегија за развој на информатичко општество на РМ.

Целта на трибините е да се зголеми граѓанското учество во процесот на спроведување и евалуација на Националната стратегија. За претставниците на граѓанските организации од другите градови кои се заинтересирани за учество во трибините ќе бидат покриени патните трошоци во висина на повратен автобуски билет.

Заинтересираните за учество на трибините може да добијат повеќе информации преку е-пошта, на адресата info@metamorphosis.org.mk.
Економски форум
Подобрување на управувањето со општинските буџети



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија во соработка со Центарот за економски анализи, на 16 и 17 ноември 2005 година организираше економски форум на тема “Подобрување на управувањето со општинските буџети”. Форумот претставува надоврзување на прашањата кои беа опфатени со работилницата "Мерење на фискалниот капацитет на ЕЛС во Република Македонија", одржана на 24 и 25 февруари 2005 година во Скопје. Посветен е на децентрализацијата, од причина што се работи за една од најголемите системски реформи во поновата историја независна на Република Македонија.

Тема на вториот економски форум e: да ги идентификува клучните реформи во буџетирањето на локално ниво, и преку конструктивна дебата да им понуди конкретни препораки на претставниците на општинската администрација. Целната група на овој настан се повисоките претставници на општинските власти (градоначалници или претседатели на совети), но не е исклучено учеството на државните службеници квалификувани да работат во областа на финансиското управување или на утврдување и наплата на локалните даноци.
Во Неготино
8-Ноемвриска награда за Центарот за поддршка на НВО



По одлука на Советот на општина Неготино, Центарот за поддршка на НВО од Неготино е добитник на наградата 8 Ноември - највисоко годишно признание за придонес во општината. На свечена седница во локалната самоуправа, на 8 ноември 2005 година, признанието ќе им биде доделено на координаторките на Центарот, Елеонора Настова Димова и Роза Јаневска. Работата на Центарот е поддржана од ФИООМ и Европската агенција за реконструкција.
Во Велес
Отворање на Дом на невладини организации



Советот на општина Велес и Центарот за поддршка на НВО - Велес, по повод 9-ти Ноември - Ден на општина Велес, организираат свечено отворање на Дом на невладини организации. На свеченоста ќе зборуваат г. Аце Коцевски, градоначалник на општина Велес, претставник на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и г-ѓа Слободанка Марковска, претседателка на Управен одбор на ФИООМ. Во Домот ќе биде сместен Центарот за поддршка на НВО (поддржан од ФИООМ и SDC) и уште седум невладини организации од Велес. Реновирањето и опремувањето на просторот го поддржаа ФИООМ, SDC и општината Велес.
Во организација на Фондацијата Метаморфозис
Се одржа конференцијата „е-Општество.Мк“



Вчера во хотелот Холидеј Ин во Скопје се одржа конференцијата „е-Општество.Мк“ во организација на Фондацијата Метаморфозис со поддршка од Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје. На конференцијата учествуваа повеќе од 150 учесници. Голем број експерти од странство и од Македонија имаа воведни излагања на теми кои се релевантни за развојот на информатичкото општество во Македонија. Конференцијата ја отвори г. Џемали Мехази, министер за транспорт и врски во Владата на Република Македонија. Присутните ги поздравија НЕ Амбасадорот Карлос Паис, Раководител на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, д-р Роланд Блес, постар советник во канцеларијата на Претставникот на ОБСЕ за Слобода на медиумите и г. Јани Макрадули, претседател на Комисијата за информатичка технологија при Владата на РМ.

Конференцијата „е-Општество.Мк“ претставува прв дел од проектот кој има за цел подигнување на јавната свест за придобивките од новото информатичко општество. Во продолжение следуваат трибини во Охрид, Скопје, Битола и Тетово. Подетални информации за конференцијата можете да најдете на веб-сајтот е-Општество.Мк.

Наскоро сите презентации ќе бидат достапни на сајтовите на Фондацијата Метаморфозис и е-Општество.Мк.
Програма за јавна администрација
Проект: Нова правна рамка на локално ниво



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) и Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија (ЗЕЛС) го реализираат проектот „Нова правна рамка на локално ниво“, чија цел е да придонесе кон поефикасен, транспарентен и отворен процес на децентрализација преку креирање на нов предлог Статут на општините и Деловник за работа.

По одржаните средби работната група за подготовка на документите и комисијата за административни прашања на ЗЕЛС ги усогласија своите предлози и забелешки по однос на Статутот и Деловникот при што усвоија единствен текст.

Но, со цел да се подготви текст на документите, кој ќе ги опфати и размислувањата и забелешките од општините, ФИООМ и ЗЕЛС организираат регионални трибини (од 28 октомври до 5 ноември 2005) на кои се поканети да учествуваат сите градоначалници и претседатели на совети на општините.

Преземете ги материјалите:

распоред на регионалните трибини (ПДФ, 154 КБ)

предлог-програма за работа за трибините (ПДФ, 118КБ)

статут (211 КБ)

деловник (ПДФ, 357КБ)
Промоции во Штип, Велес, Гостивар, Прилеп и Кичево
Прирачник за градоначалниците и членовите на советите на општините



Фондацијата Институт отворено општество - Македонија преку центрите за поддршка на НВО во Штип, Велес и Гостивар, организираше регионална промоција на Прирачникот за градоначалниците и членовите на советите на општините во Република Македонија. Прирачникот е издаден од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) во соработка со Организацијата за безбедност и соработка во Европа, Набљудувачка мисија во Скопје (ОБСЕ).

Промоцијата во Штип се одржа на 4 октомври 2005 година, придружена со панел дискусија на тема „Регионална соработка за почиста животна средина“. Во Гостивар, на 3 октомври, промоцијата беше проследена со панел дискусија на тема „Транспарентност и вклучување на граѓаните во одлучувањето“. Во Велес, промоцијата се одржа на 12 октомври, по што следуваше панел дискусија на тема "Како до поефикасна децентрализација во образованието”. Во Прилеп, промоцијата се одржа на 30 септември 2005 година, а беше проследена со панел-дискусија на тема „Начини на финансирање на ЕЛС во контекст на процесот на децентрализација“. Во Кичево, пак, промоцијата и панел-дискусијата на тема „ Урбанистичкото и просторното планирање во процесот на децентрализацијата“ се одржаа на 27 септември 2005 година. На настаните присуствуваа градоначалниците и членовите на советите од општините од повеќе локални заедници од овие региони.
Институт за социолошки и политичко-правни истражувања
Благодарница за ФИООМ



19.10.2005
По повод прославувањето на 40 години од своето основање, Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања додели благодарница на ФИООМ. Благодарницата се доделува во знак на признание за придонесот на ФИООМ во развојот на Институтот.
Од 13 до 15 октомври во Скопје
Меѓународна конференција Живо наследство



Во име на Мрежата „Живо наследство“, Фондацијата Институт Отворено општество – Македонија беше домаќин на меѓународната конференција на тема „Живото наследство – учејќи од иновативните практики во културата и локалниот развој во Југоисточна Европа“. Конференцијата се одржа во Скопје, од 13 до 15 октомври 2005 година. Ја поздравија г-ѓа Радмила Шеќеринска, потпретседател на Владата на Република Македонија, г. Донато Кјарини, Шеф на Делегацијата на Европската комисија во Скопје, г. Владимир Милчин, извршен директор на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и г. Фабрис де Керхов од Фондацијата Крал Бодуен од Белгија. На Конференцијата учествуваа претставници од институции од областа на културата од Франција, Белгија, Холандија, Велика Британија, Швајцарија, Полска, Србија и Црна Гора, Романија, Турција, Босна и Херцеговина и Бугарија.

Програмата „Живо наследство“ поддржува иницијативи за заштита, користење и претставување на културното наследство како ресурс за одржлив развој на заедниците. Меѓународната конференција е дел од активностите поддржани од програмата Култура 2000 на Европската Комисија. Тоа е можност да се нагласи придонесот на програмата „Живо наследство“ и има за цел да понуди размена на искуства и знаења од областа на развојот на заедниците и културата.
На Мрзенски рид, Гевгелија
Повторно собирање околу Споменикот на слободата



На 10 октомври 2005 година граѓаните на Гевгелија и нивните гости ја прославија завршната манифестација на проектот со кој се изврши дислокација на Споменикот на слободата, од Вардарски на Мрзенски рид. Споменикот, дело на академскиот уметник Јордан Грабул, повторно ќе стане место за собирање и одржување на официјални прослави и манифестации. Дислокацијата на споменикот е поддржана преку програмата „Живо наследство“ на ФИООМ.
Конференција „е-Општество.Мк“
20 октомври 2005 г. во Скопје



Фондацијата Метаморфозис, со поддршка на Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје, ја организира конференцијата „е-Општество. Мк“, со цел пренесување знаења за низа тековни теми од областа на информатичкото општество, која ќе се одржи на 20 октомври 2005 г. во хотел „Холидеј ин“ во Скопје.

Темите кои ќе бидат опфатени со конференцијата се:

• е-влада
• е-бизнис
• е-образование
• авторски права и приватност
• компјутерски криминал
• слобода на медиумите на интернет

Во продолжение на конференцијата, а со цел да се зголеми граѓанското учество, ќе бидат одржани јавни трибини во Охрид, Скопје, Битола и Тетово.

Заинтересираните за учество на конференцијата и на трибините може да добијат повеќе информации преку е-пошта, на адресата info@metamorphosis.org.mk.

Преземете ја нацрт-агендата за конференцијата (ПДФ, 105КБ)
Промоција на „Медиумско огледало“


На 3.10.2005 година во НВО Инфоцентарот беше промовиран извештајот од пилот-фазата на проектот „Квалитативен мониторинг на медиумите: Медиумско огледало“. Проектот има цел да отслика дали, како и колку медиумите ги почитуваат професионалните стандарди и критериуми во информирањето на јавноста, како и на кој начин ги следат и интерпретираат клучните општествени процеси и настани.

Во мониторингот се опфатени шест дневни весници и шест ТВ куќи на национално ниво: весниците Дневник, Утрински весник, Вест, Вечер, Време и Факти, и телевизиите А1, Сител, Канал 5, Телма, МТВ 1 и МТВ 2 редакцијата на албански јазик. Предмет на набљудување се централните информативни емисии кај ТВ станиците и информативниот и коментаторскиот дел во весниците. Проектот го спроведува НВО Инфоцентарот со финансиска поддршка од ФИООМ, Шведскиот хелсиншки комитет за човекови права и Институтот отворено општество - Мрежна програма за медиуми, Будимпешта.

Од октомври 2005 година, во рамките на проектот ќе биде објавуван еден извештај месечно, кој ќе биде публикуван и достапен за јавноста во печатена и во електронска верзија.
Расправа по нацрт-амандманите на Уставот


Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, Министерството за правда на Република Македонија и Здружението на Уставно право во РМ на 29 септември 2005 година (четврток), во хотел Холидеј Ин (сала Милениум 1) со почеток во 08:30 часот организираа стручна расправа по нацрт-амандманите на Уставот на Република Македонија. На стручната расправа свое обраќање имаше министерката за правда, г-ѓа Мери Младеновска - Ѓорѓиевска. Осврт на нацрт-амандманите даде проф. д-р Светомир Шкариќ, а учествуваат еминентни македонски и странски експерти и универзитетски професори од областа на уставното, граѓанското и кривичното право.
Семинар
Филантропијата и спонзорство во културата



Во организација на Францускиот културен центар и ФИООМ, на 28 септември во Скопје се одржa меѓународен семинар на тема „Филантропијата и спонзорството во областа на културата: законодавството и практиките во Франција и во Македонија“. Гостин на семинарот беше г. Франсоа Еленбах од Министерството за култура и комуникации на Република Франција кој зборуваше за искуствата во неговата земја, а претставници од министерствата за култура и за финансии на Република Македонија, од бизнис-секторот, културните институции и експерти зборуваа за состојбите кај нас.

Семинарот го поздравија заменикот-министер за култура, г-ѓа Мелпомени Корнети, нејзината Екселенција, Амбасадор на Република Франција во Република Македонија, г-ѓа Вероник Бижон-Баре и извршниот директор на ФИООМ, г. Владимир Милчин.
Конференција иМакедонија
Со ИКТ до развој и вработување



Комисијата за информатичка технологија при Владата на Република Македонија, на 28 септември 2005 година во Скопје организира конференција „иМакедонија 2005“, под покровителство на Претседателот на државата, г. Бранко Црвенковски. Конференцијата е финансиски поддржана од ФИООМ и од УНДП (Програмата за развој на Обединетите нации).

На конференцијата ќе се промовираат и дискутираат новоусвоените Национална политика и Стратегија за информатичко општество, како и Акцискиот план за нивно спроведување. Теми на расправа ќе бидат и: како ИКТ може да придонесе кон евроинтеграцијата на Македонија и како информатичкото општество може да ги помогне економскиот раст и вработувањето.

Конференцијата ќе ја поздрават Претседателот на Република Македонија, г. Бранко Црвенковски, министерот за транспорт и врски, г. Џемали Мехази, советникот од Европската Комисија, г-ѓа Џоан Пирс, претставникот на УНДП во Македонија, г. Фроде Моринг и извршниот директор на ФИООМ, г. Владимир Милчин.
Во Лесново
Промоција на уредениот локалитет Борја



Жителите на пробиштипското село Лесново, братството на манастирот Св. Гаврил, здружението „Злетовица“ и општината Пробиштип на 21 септември 2005 година организираа свечен собир со цел да се промовира уредениот локалитет Борја во близина на манастирот. На традиционалниот народен собир, што секоја година се одржува по повод верскиот празник Мала Богородица, зборуваше градоначалникот на општина Пробиштип, се одржа литургија во манастирот и настап ка културно-уметничкото друштво „Весели пензионери“. Преку програмата „Живо наследство“ на ФИООМ, локалитетот е уреден, поставени се надстрешница, клупи, кошници а издадена е и брошура за селото Лесново, неговата околина и манастирот Св. Гаврил.
На езерото Локув
Пикник, планинарење и капење



Група ентузијасти во саботата, 17 септември 2005 година, заедно со месното насeление од Ростуше, се искачи до глацијалното езеро Локув на планината Дешат. Најхрабрите се капеа во езерото, а останатите уживаа во пикникот и прекрасната природа. Пикникот го организираа здружението Рекански бисер и локалните жители, како завршна манифестација на проектот спроведен преку програмата “Живо наследство”. Преку проектот се трасираше пешачка патека, се поставија патокази и информативни табли и се издаде информативен флаер. Жителите се надеваат дека езерото Локув ќе биде една од одредниците на локалниот развој на Ростуше.
Здружение Рекански бисер
Пикник крај езерото Локув



Здружението Рекански бисер и мештаните од Ростуше организираат пикник покрај ледничкото езеро Локув на планината Дешат на 17 септември 2005 година (сабота). Пикникот се организира по повод завршувањето на проектот поддржан од програмата „Живо наследство“ на ФИООМ. Со овој проект се обележа пешачката патека до езерото, се поставија клупи, кошници, патокази и информативни табли и се издаде брошура. Зборно место е во 10 часот во селото Ростуше, од каде за околу 2 часа се пристигнува до езерото.
ФИООМ и Министерство за култура
Одобрени издавачки проекти



ФИООМ и Министерството за култура на Република Македонија ги одобрија проектите на преводи на светската современа хуманистика и електронско издаваштво.

Одобрени проекти - Преводи на светската современа хуманистика >>>

Одобрени проекти - Електронско издаваштво>>>
Промоција
Мултикултурализмот во Македонија: модел во настанување



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија одржа промоција на книгата „Мултикултурализмот во Македонија: модел во настанување“, во Даут Пашиниот Амам во Скопје, на 14 септември 2005 година.

Книгата ја промовираа д-р Љупчо Јордановски, Претседател на Собранието на Република Македонија и д-р Емилија Симоска, професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, а за неа зборуваше м-р Иван Додовски, програмски директор за култура и комуникации на ФИООМ, воедно и уредник на изданието.

Книгата е зборник на текстови и дискусии од меѓународниот експертски форум на оваа тема што се одржа на 18 ноември 2004 година во Скопје. Издадена е на македонски и на англиски јазик. Таа е една од ретките книги на нашите простори што сериозно ги отвора прашањата за спроведувањето на новиот македонски политички концепт.
Фондација Метаморфозис
Преведувачки маратон за локализација на слободен софтвер




Следниот викенд на 16, 17 и 18 септември 2005 година, во организација на Фондацијата Метаморфозис и Слободен софтвер Македонија во просториите на Фондацијата Метаморфозис ќе се одржи 54-часовен преведувачки маратон за локализација на канцеларискиот пакет Опенофис.орг 2.0 на македонски јазик.

За повеќе информации посетете го веб-сајтот на Слободен софтвер Македонија каде што ќе ја најдете и пријавата за учество на маратонот.
Во културниот центар точка
Наследството од Ѕвегор



Од 9 до 11 септември, во Културниот центар „Точка“ се одржа продажна изложба на традиционални производи од селото Ѕвегор, Делчевско. Изложбата е дел од проект на здружението „Искон“ од Ѕвегор, во рамки на програмата „Живо наследство“. Ѕвегорци се претставија со традиционални музички инструменти (гајда, кавал, кемене), накит од монистра и снимки од автентичниот василичарски карневал – Сурва.
Програма за реформа на јавната администрација
Проект: „Нова правна рамка на локално ниво “



ФИООМ и ЗЕЛС започнаа со спроведување на проектот „Нова правна рамка на локално ниво“ кој има за цел да придонесе кон поефикасен, транспарентен и отворен процес на децентрализација преку креирање на нов предлог Статут на општините на РМ.

За таа цел беше формирана работната група во состав: (1) Пламен Георгиевски, Државен секретар на Министерство за локална самоуправа на РМ; (2) Борче Давитковски, Правен факултет; (3) Виктор Арнаудовски, ЗЕЛС; (4) Трифун Трифуновски, Претседател на совет на општина Карпош; (5) Бранко Трајчевски, Секретар на Секретаријат за прописи на Град Скопје; (6) Кире Бузлиев, Претседател на совет на општина Гази Баба; (7) Имер Селмани, Градоначалник, општина Сарај и (8) Изет Меџети, Градоначалник, општина Чаир.

На првата средба на работната група, одржана на 07.07.2005 година, беше утврдена динамиката за подготовка на нов предлог Статут за општините. Процесот на подготовка опфаќа: (1) нацрт Статут, подготвен од работната група најдоцна до 20 август 2005, (2) работна средба на работната група со нормативно-правната комисија на ЗЕЛС, најдоцна до 10 септември 2005, (3) консултативен процес на предлог Статутот на трибини со сите Градоначалници и Претседатели на Совети на општините, во период од 10 до 20 септември 2005 и (4) предлог до општините за усвојување на новиот предлог Статут, најдоцна до 25 септември 2005.

Со цел подготвениот предлог Статут да биде од корист и за општините кои веќе донесоа Одлука за пристапување кон измени на Статутот, до сите Градоначалници и Претседатели на Совети беше испратен допис со активностите кои се преземаат и нивната динамика.

Проект Креативна настава и учење
Средства за уште три години



17.08.2005/ Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и одобри на ФИООМ 1.701.108 УСД за продолжување на проектот “Креативна настава и учење” за периодот 1.09.2005 – 1.09.2008 година. Проектот ќе се спроведува во соработка со факултетите кои подготвуваат наставнички кадар, преку поддршка за иновирање на курикулумот, обуки за примена на интерактивни наставни методи, примена на ИТ во наставата, како и опремување и реновирање на просториите за настава. Факултетите ќе добијат електронски пристап до реномирани меѓународни изданија, стручна литература, весници, списанија и сл. Проектот треба да го подобри квалитетот на образовните услуги, просторните и ресурсни услови за студентите, идни наставници.
Министерство за правда и ФИООМ
Конференција за реформи на правосудниот систем



Министерството за правда на Република Македонија во соработка со Фондацијата Институт отворено општество – Македонија организира дводневна конференција на тема “Реформи на правосудниот систем во Република Македонија”. Конференцијата ќе се одржи на 19 и 20 јули 2005 во хотел Метропол, Охрид.

Целта на конференцијата е да се претстави и дискутира досегашното спроведување на стратегијата за реформа на правосудниот систем. Покрај првиот шестмесечен извештај за спроведувањето на стратегијата, на конференцијата ќе бидат претставени и дискутирани нацрт-амандманите на Уставот, Законот за извршување, Законот за парнична постапка, Законот за Академија на судии и јавни обвинители, Законот за заштита на сведоци и Законот за извршување на санкциите.
Во Културниот центар Точка
Изложба на беровските ковачи



Во петок, 8 јули 2005 година, во Културниот центар Точка во Скопје беше отворена продажна изложба на производи изработени од ковачите од Берово. На отворањето зборуваа Славица Јанешлиева, уметница според чиј дизајн се изработени дел од производите и Рамче Кундевски, еден од младите ковачи што беа обучени од постарите, во рамките на проектот „Златните раце на ковачите“. Овој проект го спроведува здружението „Романела“ од Берово, во рамките на програмата „Живо наследство“ на ФИООМ.

Изложбата е отворена за време на викендот 8-10 јули 2005, од 9-21 часот.
Центри за поддршка на НВО
Потпишани грант-договори за 73 локални проекти



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија на 5 јули 2005 година, во Клубот на пратениците во Скопје, организираше прес-конференција проследена со церемонија на потпишување 73 грант-договори за проекти на невладини организации, насочени кон решавање на приоритетните проблеми и потреби во локалните заедници.

Носители на проектите се невладини организации, лоцирани во регионите кои ги покриваат НВО центрите во Дебар, Делчево, Кратово, Неготино, Струмица, Гевгелија, Струга и Ресен. Тие беа селектирани по објавениот конкурс на кој пристигнаа 177 апликации. Вкупниот буџет од 155.500 евра за 73-те проекти го обезбеден од ФИООМ. Најголем број од проектите се од областа на животната средина (13), по што следат образованието, децентрализацијата, земјоделието и сточарството и културата и уметноста. Здруженијата ќе работат и во областите на самовработувањето, мултикултурализмот и други.

Центрите за поддршка на НВО во осумте градови се основани и поддржани од ФИООМ и Европската агенција за реконструкција (ЕАР) во рамки на проектот „Поддршка на граѓанското општество – зајакнување на НВО: НВО Центри за поддршка во социјално и економски неразвиени подрачја“.

Посетете го www.nvocentri.org.mk
Правна програма
Проект: „Имплементација на слободниот пристап до информации од јавен карактер на локално ниво“



Се одржаа регионалните обуки за подигање на свеста на службениците од општините и невладините организации за правата и обврските кои произлегуваат од концептот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

На првата обука, од 10 – 12 јуни 2005 година во Струмица, учество земаа претставници на локалната самоуправа и локални невладини организации, од следниве општини: Делчево, Виница, Кочани, Чешиново-Облешево, Зрновци, Пехчево, Карбинци, Штип, Радовиш, Берово, Неготино, Конче, Василево, Босилово, Ново Село, Демир Капија, Кавадарци, Струмица, Валандово, Гевгелија, Дојран и Богданци.

На втората обука, од 17 - 19 јуни 2005 година во Битола, претставени беа општините: Битола, Охрид, Вевчани, Дебарца, Демир Хисар, Могила, Новаци, Пласница, Крушево, Кривогаштани, Прилеп, Долнени, Чашка, Градско, Велес и Лозово, а од 01 - 03 јули 2005 година во Охрид, со цел да бидат опфатени сите општини, беа поканети останатите, а учество земаа претставниците од: Пробиштип, Свети Николе, Липково, Чучер Сандево, Илинден, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Чаир, Аеродром, Кисела Вода, Град Скопје, Јегуновце, Сарај, Сопиште, Зелениково, Теарце, Боговиње, Брвеница, Македонски Брод, Гостивар, Зајас, Осломеј, Кичево, Кавадарци, и Струга.

На овие обуки предавачи беа: (1) Пламен Георгиевски, Министерство за локална самоуправа на РМ, (2) Загорка Тноковска, Министерство за правда на РМ, (3) Бранко Трајчевски , Град Скопје, Секретаријат за прописи, (4) проф. д-р Борче Давитковски, Правен факултет и (5) доц. д-р Рената Тренеска Десковска, Правен факултет.

Овие обуки се во рамки на проектот „Имплементација на слободниот пристап до информации од јавен карактер на локално ниво“, кој го спроведуваат Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) и Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија (ЗЕЛС).
Средба со Џорџ Сорос
ФИООМ – една од најдобрите фондации во мрежата



Четири членови на Управниот одбор на ФИООМ: г-ѓа Мабера Камбери, г-ѓа Гордана Дувњак, г. Никола Тупанчевски и г. Мерсел Билјали, имаа средба со г. Џорџ Сорос, за време на семинарот за ориентација на нови членови на управните одбори од соросовата мрежа фондации кој се одржа од 15 до 17 јуни во Будимпешта.

Г. Сорос, во присуство на 20-тина делегации од регионот и пошироко, упати порака дека ФИООМ ја смета за една од најдобрите од мрежата, која одиграла клучна улога во демократскиот развој на Македонија. Притоа, тој посебно ја нагласил улогата на извршниот директор, г. Милчин, како посветен и ангажиран во изградбата на отвореното општество во Македонија. Тој рекол дека Македонија поминала низ тежок период, исполнет со многу фрустрации, но нејзиниот вистински пат е оној кон Европската унија.
Иницијатива на здруженија, организации и поединци
Македонска мрежа за намалување на штети од употреба на дроги



На 22 јуни 2005 година, 13 здруженија на граѓани, една здравствена организација, два новоформирани тимови за намалување на штети и четири индивидуалци, ја формираа Македонска мрежа за намалување на штети од употреба на дроги. Целта на мрежата е да го стимулира вмрежувањето и соработката, протокот на информации, развој на постоечките и новоформираните програми за намалување на штети, нивно вклучување во креирањето и спроведувањето на локални и национални политики и стратегии, зголемување на капацитетите за застапување и поинтезивното вклучување на здруженијата на граѓани кои се занимаваат со намалување на штети од употреба на дроги во процесите на одлучување и дефинирање на политика во Република Македонија.

Основањето на Мрежата е подржано од Меѓународната развојна програма за намалување на штети (Internаtionаl Hаrm Reduction Development Program) и Фондацијата Институт отворено општество - Македонија.
Управен одбор на ФИООМ
Свечено испраќање на Сашо Клековски



На состанокот за планирање на стратегијата на ФИООМ, што се одржа од 24-26 јуни 2005 година во Крушево, вработените и Управниот одбор на ФИООМ свечено го испратија г. Сашо Клековски од функцијата член на Управниот одбор.

Претседателката на УО на ФИООМ, г. Слободанка Марковска, му заблагодари на г. Клековски за плодотворната соработка, афирмацијата и развојот на ФИООМ во последните три години. Г. Клековски рече дека комуникацијата нема да биде прекината, со оглед на неговата професионална ориентираност кон граѓанскиот сектор.
Студентите за себе
КЛОЦА! за корупцијата во високото образование



Дури 35% од студентите не веруваат во регуларноста на уписите на факултетите, а 30% велат дека потписи се добиваат со „врски“ и преку познати. На ваквите и сличните појави, македонските студенти им даваат „клоца“. Кампањата со наслов „КЛОЦА! за корупцијата во високото образование“ ја спроведува групацијата Студентите за себе, предводена од Младинскиот образовен форум (МОФ), со поддршка на неколку организации, меѓу кои и ФИООМ.

Во рамките на кампањата се испечатени флаери и е редизајниран веб-сајтот www.studentitezasebe.org.mk. Кампањата е дел од заедничкиот проект на Југоисточната мрежа за антикорупција во високото образование.
Од здруженијата Рекански бисер и Бистра
Благодарница за ФИООМ



„За особен придонес во развојот на Реканскиот регион, во полето на промовирање на културните вредности, обичаи и традиции” - стои во образложението на Благодарницата која ја доби ФИООМ од Младинскиот еколошки центар Рекански бисер и од Здружението на граѓани Бистра од Ростуше. Благодарницата за ФИООМ е доделена за време на Реканското културно лето, традиционална манифестација која се одржува во Ростуше и околните села. За повеќе информации, посетете го веб-сајтот www.reka.org.mk.
Програма за култура и уметност
Претставена eвалуацијата на Музејот на Македонија



На 16 јуни 2005 година, во Музејот на Македонија се одржа прес-конференција на која беше претставена евалуацискиот извештај за работата на оваа институција, изготвен од г-ѓа Барбара Воронцов, експерт од Велика Британија, која по покана од ФИООМ престојуваше во Македонија во април. Евалуацијата укажува на горливите проблеми на Музејот - условите за работа во лабораториите, непостоењето сигнализација која треба да ги упатува посетителите кон Музејот, запуштената околина на објектот, потребата од итна санација на покривот и другите проблеми. Евалуаторот предлага серија краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки за развој на Музејот.

До Евалуацискиот извештај на Музејот на Македонија >>>>>
Програма за реформа на јавната администрација
Обука за процесот на креирање јавна политика



На 13-ти и 14-ти јуни 2005 година во Скопје се одржа дводневна обука за процесот на креирање јавна политика, наменета за државни службеници од Генералниот секретаријат на Владата на Република Mакедонија. Цел на обуката е да се даде поддршка на процесот на креирање политики на централно ниво и нивна примена. Таа е дел од проектот “Зајакнување на процесот на креирање политики на централно ниво и нивната примена” што го спроведува ФИООМ во соработка со Генералниот секретаријат на Владата и Холандскиот институт за јавна администрација (Dutch Institute for Public Administration - ROI) од Хаг, Холандија.
Лекарска комора на Македонија
Благодарница за ФИООМ



Лекарската комора на Македонија на 5 јуни 2005 година и додели благодарница на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија. Благодарницата се доделува за меѓусебната соработка и за придонесот на ФИООМ во унапредувањето на лекарската професија во Република Македонија.
ФИООМ и Светска Банка
Потпишани 12 грант-договори за Ромската декада



Постојаниот претставник на Светската Банка во Република Македонија, г-ѓа Сандра Бломенкамп, и извршниот директор на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, г. Владимир Милчин, на 13 јуни 2005 година потпишаа грант-договори со претставници на 12 невладини организации од Македонија за проекти чија цел е јавна промоција на Декадата за вклучување на Ромите 2005-2015 година.

Проектите беа избрани меѓу 44 пристигнати пријави по јавно објавениот конкурс во март годинава. Средствата ги обезбедуваат Светската Банка и ФИООМ. Преку овие проекти ќе се спроведат активности за ширење информации за Декадата; одржување работилници, тркалезни маси, дискусии и давање конкретни препораки за операционализација на акциските планови за Декадата; развивање соработка помеѓу невладините организации, како и помеѓу нив и локалните/централните власти во Македонија.
Трибина на МОФ
Корупцијата во високото образование



На 9 јуни 2005 година на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Младинскиот образовен форум (МОФ) организираше трибина на тема „Корупцијата во високото образование – состојба, облици на корупција и потреба од борба против неа“. Воведни излагања имаа Ректорот на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, проф д-р Ѓорѓи Мартиновски, професорот на Правниот факултет, д-р Никола Тупанчевски, извршниот директор на ФИООМ, г. Владимир Милчин и претставникот на Министерството за образование и наука, г. Зоран Поповски.

Трибината е дел од проектот „Антикорупција во високото образование“ што го започна ФИООМ, а неговото спроведување го продолжи МОФ, со финансиска поддршка од Институтот Отворено општество – Будимпешта.

Трибината предизвика голем интерес меѓу студентите, академската јавност, новинарите. МОФ најавува серија трибини поврзани со оваа тема, како и голем регионален проект.
ИК Банка – награда за Банка на годината 2004
Благодарница за ФИООМ



Извозната и кредитна Банка АД Скопје е прогласена за Банка на годината за 2004 од Стопанската комора на Република Македонија. По тој повод, директорот на ИК Банка, г. Панче Манчевски, му врачи на извршниот директор на ФИООМ, г. Владимир Милчин, плакета и благодарница за поддршка и соработка.

„...Ја изразувам нашата голема благодарност за Вашиот придонес во текот на овие години на соработка. Персоналот на Банката работеше напорно и успеа Банката од мала банка да прерасне во средно-голема банка. Несомнено дека во овој процес за сoздавање средно-голема банка Вашата поддршка како и на Вашата високо ценета институција беше од големо значење за нашата банка. Овој заеднички успех на нашите Институции нè обврзува на натамошни залагања да постигнеме уште поголеми успеси во иднина. Нашата цел е да станеме водечка средно-голема банка.“ – се вели во благодарницата од ИК Банка, упатена до ФИООМ и до г. Милчин.

Фондацијата Институт отворено општество - Македонија и ИК Банка остварија повеќегодишна успешна соработка во рамки на Програмата за економски реформи на ФИООМ. Оваа програма обезбедува кредитни линии за развој на земјоделството и на малите и средните претпријатија, како и за почетни бизниси. Кредитите можат да се користат преку ИК Банка. ФИООМ обезбеди и поддршка за подобрување на капацитетот на ИК Банка за администрирање на кредитните линии во областите во кои не постои сопствено релевантно искуство.
Програма Живо наследство:
Претставување на Јуруците во Скопје



Здружението ЕМ од Штип и ФИООМ организираат продажната изложба “Претставување на Јуруците од плачковичко-лакавичкиот регион”, што се одржува од 1 до 3 јуни 2005 година во Културниот центар Точка во Скопје. На оваа мошне атрактивна изложба, Јуруците, како посебна етничка група чија богата култура е малку позната кај нас, се претставуваат со својата автентична живописна носија и специфичните музички инструменти, со каталог на изложените предмети кои ќе бидат на продажба, и со снимки од обичаите, населбите и секојдневното живеење.

Манифестацијата ја отвори Елизабета Коневска, етнолог во Музејот на Македонија, која е автор на документарниот филм “Адак”, што беше прикажан на отворањето. Граѓаните ќе можат да ја посетат изложбата од 13 - 21 часот на 1 јуни и од 9,30 - 21 часот на 2 и 3 јуни 2005 година. Културниот центар Точка се наоѓа на улица “Илинденска” број 38 (на аглолот од крстосницата кај Владата на Република Македонија).

Манифестацијата “Претставување на Јуруците од плачковичко-лакавичкиот регион” е дел од проектот “И ова е Јурукана”, што го спроведува Здружението ЕМ од Штип, во рамките на програмата “Живо наследство”, финансирана од ФИООМ.
Програмата за реформи на јавната администрација
Работилници за организациската структура и човечките ресурси во општините



Во рамките на програмата за реформа на јавната администрација (подпрограма Управување со човечки ресурси) ФИООМ во периодот април-мај 2005 година спроведе обуки за организациска структура и развој на човечките ресурси во сите 84 општини и градот Скопје. Обуките се спроведоа во соработка со Агенцијата за државни службеници (АДС), UNDP-EPO, USAID-MDW, Заедницата за единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и Министерството за локална самоуправа.

Целна група на обуките беа градоначалниците и раководните и стручните државни службеници од секоја општина (вкупно 340 учесници). Учесниците изработија Акт за систематизација и организација на работни места на општинската администрација врз основа на анализата за потреба од работни места, согласно новите надлежности и трансферот на луѓе, опрема и имот.
Економски форум
Мерење на фискалниот капацитет на единиците на локалната самоуправа



На 10 мај 2005 година во Скопје во организација на ФИООМ се одржа економски форум „Мерење на фискалниот капацитет на единиците на локалната самоуправа во Република Македонија“. На форумот се презентираа резултатите од работилницата на тема „Мерење на фискалниот капацитет на единиците на локалната самоуправа во Република Македонија“ што ја спроведоа ФИООМ и Центарот за економски анализи од Скопје во февруари 2005 година - методологијата за мерење и утврдување на оптималниот фискален капацитет на општините која се презентираше пред релевантните институции во Република Македонија вклучени во спроведувањето на фискалната децентрализација.
ФИООМ, СЕИ и МЦЕО
Обука за твининг-механизмот



Од 25-27 мај 2005 година во Струга беше одржана обука за твининг-механизмот (инструмент за спроведување проекти финансирани од ЕУ, по принципот “најдобри практики”, наменет за државни институции, што се спроведува преку размена на искуства меѓу Македонија и земја-членка на ЕУ). На обуката учествуваа државни службеници од органите на Владата на Република Македонија кои работат во областите правда и внатрешни работи. Обуката ја спроведе ФИООМ, во рамките на Програмата за реформа на јавната администрација (подпрограма Обука за твининг-механизмот), во соработка со Секторот за европска интеграција (СЕИ) и Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО).
Програма за реформа на јавната администрација
Проект: „Набљудување на спроведувањето на децентрализацијата“



На 17.05.2005 година, вторник, со почеток во 13:30 часот, во ФИООМ се одржа првата средба на работната група од проектот „Набљудување на спроведувањето на децентрализацијата“, во состав: Пламен Георгиевски, Државен секретар во Министерство за Локална самоуправа на РМ, Бранко Трајчевски, Генерален секретар на ЗЕЛС, Ќенан Алиу, Градоначалник, Општина Желино, Аце Коцевски, Градоначалник, Општина Велес и Гоце Тодороски, Извршен директор, Центар за граѓанска иницијатива.

Целта на проектот е ефикасен, транспарентен и отворен процес на спроведување на децентрализацијата преку следење, известување и јавно информирање, набљудување на децентрализацијата и алармирање во итни случаи, за да се придонесе, процесот на децентрализација да биде полезен и за властите (локалните и централни) и за граѓаните.

Планирано е работната група да ги идентификува децентрализираните надлежности чие спроведување ќе биде предмет на набљудување, да ги идентификува општините во кои ќе се врши набљудувањето, да го утврди моделот за селекција и избор на набљудувачите, да учествува во подготовка на методологијата за набљудување на децентрализацијата со странски експерти, како и да ги спроведе обуките за набљудување.
Правна програма
Нови одредби за слободен пристап до информации од јавен карактер на локално ниво



Фондацијата Институт отворено општество Македонија - ФИООМ и Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија - ЗЕЛС на прес-конференцијата одржана на 16.05.2005 година, во просториите на НВО Инфоцентар, ги промовираа новите одредби за слободен пристап до информации од јавен карактер, кои на почетокот на децентрализацијата треба да се вградат во Статутите на општините.

На средбата со новинарите, свое излагање имаа Владимир Милчин, извршен директор на ФИООМ; Горан Ангелов, претседател на ЗЕЛС и дел од членовите на работната група за подготовка на одредбите: Бранко Трајчевски, Генерален секретар на ЗЕЛС и Борче Давитковски од Правениот факултет во Скопје.

Развојот на унифицирана политика за слободен пристап до информации од јавен карактер на локално ниво е главна цел на проектот „Имплементација на Законот за слободен пристап до информации на локално ниво“.

Електронска верзија на одредбите може да се најде на веб страниците на ФИООМ и ЗЕЛС.
Најдобар визуелно-графички дизајн на книга
Награда за „Икони на Музејот на Македонија“



„Икони на Музејот на Македонија“ на коиздавачите Музеј на Македонија и Скен Поинт (автор на дизајн Ладислав Цветковски) е добитник на наградата на ФИООМ за најдобар визуелно-графички дизајн на печатена книга во 2004 година. Наградата пред новинарите, издавачите и другите гости, ја објави претседателот на жирито, проф. Димитар Малиданов, на 13 мај 2005 година, во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Оваа престижна награда од 1.000 американски долари годинава се додели во конкуренција од 17 понудени книги од издавачи од Македонија. Жирито го сочинуваа: Димитар Малиданов, професор на Факултетот за ликовна уметност, Станислава Шаровиќ, дизајнер во агенцијата Зип-зап и Владимир Милчин, извршен директор на ФИООМ.
ФИООМ имаше гости од Дебар
А како и ние да работиме тука?



Десетина средношколци од Дебар со тројца нивни наставници дојдоа во посета на ФИООМ на 12 мај 2005 година. Тие се интересираа за работата на Фондацијата, за нејзините програми, за можностите за стипендирање, па дури и како тие некогаш ќе можат да работат во ФИООМ. Од Фондацијата добија книги и информативен материјал, како поткрепа на одговорот дека треба пред сè многу да вложуваат во своето образование.

Посетата на учениците беше организирана од Центарот за поддршка на невладините организации од Дебар.
9 мај прославен во соработка со НВО центрите
Змејови, велосипеди, маски – за чекор понатаму



Преку нашата фото-галерија, почувствувајте ја атмосферата на прославата на Денот на Европа, 9 мај, во Велес, Дебар, Делчево, Гевгелија, Кичево, Кратово, Неготино, Прилеп, Ресен, Струга, Струмица и Штип. Под мотото „Чекор понатаму”, граѓаните, пред сè младите и децата, во соработка со центрите за поддршка на НВО (финансирани од ФИООМ, Европската агенција за реконструкција и Швајцарската агенција за развој и соработка), организираа трки со велосипеди, летање змејови, квиз-натпревари, цртање на отворено, концерти, маскенбали...

Кон фотографиите>>>
Центри за поддршка на НВО
Одбележување на Денот на Европа



Во одбележувањето на Денот на Европа, 9-ти мај, се вклучени и 12-те центри за поддршка на невладини организации, кои во соработка со Делегацијата на Европската комисија во Македонија функционираат и како ЕУ инфо-точки.

Во Велес, Дебар, Делчево, Гевгелија, Кичево, Кратово, Неготино, Прилеп, Ресен, Струга, Струмица, Штип, каде што работат центрите, ќе биде организирана следната програма:

ЕУ ден: презентирање на историјата, структурата и институциите на Европската унија; кој е кој во ЕУ преку публикации, веб-страни, видео клипови, постери, документи и видео-филмови.
Предавање за ЕУ: ќе се организираат предавања врз основа на НВО иницијативи.

ЕУ Настани: невладините организации со поддршка на центрите ќе организираат различни настани и случувања.

Организатори на обележувањето, покрај 12-те центри, се Мисијата на Проксима во Штип, Струмица и Прилеп, како и локалните самоуправи на Велес, Делчево, Неготино, Прилеп, Ресен и Струмица.

Преземи ја деталната програма за Денот на Европа >>>
Правна програма
Публикувани се излагањата од конференцијата „Македонија и корупцијата – состојба и предизвици“



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) на 10 ноември 2004 година одржа втора конференција на тема „Македонија и корупцијата – состојба и предизвици“, како дел од потпрограмата за поддршка на антикорупциски иницијативи. При организацијата на конференцијата ФИООМ се водеше од три цели: (1) да се согледа состојбата со корупцијата во Република Македонија, (2) да се претстават различните антикорупциски иницијативи и (3) да се одредат предизвиците со кои се соочува Македонија во напорите да се бори со корупцијата.

Со цел да се придонесе кон поголем успех во понатамошните активности на државните институции, стручната и научната јавност, невладините организации и медиумите на планот на борбата против корупцијата, ФИООМ како резиме на одржаната конференција издаде публикација на македонски, албански и англиски јазик.

Повеќе информации за активностите кои се преземаат на оваа тема, можете да добиете на www.antikorupcija.org.mk или на www.anticorruption.org.mk.

До електронската верзија на публикацијата

македонска верзија>>>

албанска верзија>>>

англиска верзија>>>
Едно видување за програма Креативна настава и учење
Интерактивност, отворен пристап, релаксираност…



Во рамките на програмата Креативна настава и учење, која ја спроведува ФИООМ, се спроведуваат и слободни активности во средните училишта. Добивме едно интересно размислување од наставникот по предметот Вовед во право во четири гимназии во Скопје. За својата соработка со Програмата и со Младинскиот образовен форум (МОФ) поврзани со предавањата “Учиме право”, тој меѓу другото, вели:

“ …Разговарав и со учениците. По малку плашливо ми кажаа што им се допаднало кај предавачите од МОФ и што би можел јас да вметнам од тоа искуство во мојот однос кон нив, а тоа беше пред се интерактивноста, отворениот пристап, релаксираната атмосфера и други позитивни страни. Многу кратко траше мојата суетност и им кажав дека ќе се обидам. Се до денес се обидувам дел од содржината на учебникот по Учиме право да имплементирам на час, а да не зборувам за методите и начините на трансфер на наставниот материјал.

…МОФ е за мене едно пријатно искуство од кое учам многу и се надевам дека од следната учебна година ќе успеам да влијаам оваа програма да се вметне во гимназиите во кои што предавам како проектна активност. Соработката продолжува.”

Целиот текст, во оригинална, некоригирана верзија, можете да го преземете тука >>>
Конференција:
„Авторските права во дигиталната ера“



Фондацијата „Метаморфозис“ ја организира конференцијата „Авторските права во дигиталната ера“. Темите на конференцијата ќе ги обработи м-р Маја Богатај Јанчиќ, експерт за авторски права од Институтот за интелектуална сопственост, Љубљана, Словенија. Конференцијата ќе се одржи во Свечениот амфитеатар на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на 10 мај 2005 година со почеток во 9:30 часот.

Конференцијата ќе биде посветена на авторските права, предизвиците што ги носи дигитализацијата и како општеството се справува со тие предизвици.

Конференцијата е наменета за студенти, професори, уметници, претставници на издавачки куќи, медиуми, невладини организации како и за сите други заинтересирани.

Конференцијата е поддржана од програмата за информатика на Институтот отворено општество-Будимпешта и Фондацијата Институт отворено општество-Македонија.

Агенда на конференцијата:
10:00 – 11:30 Предизвиците на дигитализацијата: закани или можности
12:00 – 13:00 Одговори на предизвиците
-Дали имa нов режим за авторски права?
-Алтернативи на новиот режим
13:15 – 14:15 Јавна дебата „Заштитата на авторските права е импeратив“, во изведба на Младинскиот образовен форум
Резултати од конкурсот за поддршка на проекти од областа на културата спроведувани од здруженија на граѓани во 2005 година


Резултати од конкурсот на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и Министерството за култура за поддршка на проекти од областа на културата спроведувани од здруженија на граѓани во 2005 година
Центар за поддршка на НВО Штип
Отворен ден



Четврток, 28 април 2005 година ќе биде отворен ден на Центарот за поддршка на НВО во Штип. Од 10 до 19 часот, сите заинтересирани можат да го посетат Центарот (ул. Генерал Михајло Апостолски 14а, зад Основниот суд) и да се запознаат со неговата работа.

Целта е претставување на Центарот за поддршка на НВО Штип (што го финансираат ФИООМ и Швајцарската агенција за развој и соработка), како и на невладините организации, пред бизнис-секторот, медиумите и граѓаните, заради остварување поуспешна соработка. Ќе бидат прикажани постери, фотографии, видео презентации и други начини на претставување на проектите и активностите на штипските граѓански здруженија, како и нивните планови за работа во иднина.
Правна програма
Промовирана книга за националните реформи во правосудството



На 19 април 2005 година во НВО Инфо центарот во Скопје беше промовирана книгата за националните реформи во правосудството - „Непристоен предлог до судството“. Книгата е дел од активностите реализирани во рамките на истоимениот проект, спроведен од АГТИС, а поддржан од ФИООМ и Организацијата за безбедност и соработка во Европа - ОБСЕ. Целта на проектот е да помогне во дискусиониот процес околу актуелната реформа на судството.

На промоцијата учествуваа: г-ѓа Мери Младеновска-Георгиевска, министер за правда, г. Зоран Шапуриќ, министер за животна средина и просторно планирање, г. Никола Тупанчески, г Владимир Милчин, извршен директор на ФИООМ, г Александар Цветкоски од АГТИС и г. Мајкл Лакнер од ОБСЕ.

Повеќе информации за проектот можете да добиете на www.judiciaryreforms.com.mk.

До електронската верзија на публикацијата >>
oneworld.net објави
Интервју со Владимир Милчин



На порталот see.oneworld.net е објавено интервју со извршниот директор на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, г. Владимир Милчин. Авторот на интервјуто, г. Ристо Карајаков, разговара со г. Милчин за експанзијата на граѓанското движење во регионот на Југоисточна Европа, за проблемите на невладините организации поврзани со одржливоста на нивното работење, зависноста од донаторска помош и нивната отвореност кон јавноста.

Преземи го интервјуто >>>
Проект „Креативна настава и учење”
Обука и менторство за 350 наставници



Од 15-17 април 2005 и од 22-24 април 2005 во Охрид, ќе се одржи третиот sеминар за обука и менторство на 250 наставници од скопските гимназии „Јосип Броз Тито”, „Никола Карев”, „Орце Николов”, и од гимназиите „Кочо Рацин”, Велес, „Кирил Пејчиновиќ”, Тетово и „Јосип Броз Тито”, Битола, за методологијата „Со читање и пишување до критичко мислење”, како една од компонентите на проектот “Креативна настава и учење”.

На семинарoт ќе бидат презентирани десетина техники, со чија примена наставниците ќе можат да ги поттикнат на критичко и креативно мислење нивните ученици, истовремено развивајќи ја индивидуалната, тимската и работата во парови, што приdoнесува зa активно и ефикасно вклучување на сите ученици во текот на часот.
Проект:
„Имплементација на Законот за слободен пристап до информации на локaлно ниво“



Во рамките на проектот „Имплементација на Законот за слободен пристап до информации на локално ниво“, Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и Заедницата на единиците на локалната самоуправа на РМ, на 13 април 2005 година со почеток во 13:00 часот, во хотелот Best Western, во Скопје организираа работна средба на нормативно – правната комисија на ЗЕЛС и работната група за подготовка на одредбите за Статутите на општините во насока на слободниот пристап. Целта на средбата беше да се продискутираат предлог одредбите од Статутите на општините кои ќе го регулираат слободниот пристап до информации.

Нормативно – правната комисија на ЗЕЛС во состав: Кире Китевски, Претседател, Кирил Парталов, Рамие Цара, и Владо Петровски, членови, и работната група во состав: Пламен Георгиевски, Министерство за Локална самоуправа на РМ, Загорка Тноковска, Министерство за правда на РМ, Бранко Трајчевски, ЗЕЛС, Борче Давитковски и Рената Тренеска Десковска, Правен факултет постигнаа согласност и единствен став по однос на одредбите. Целта на проектот е овие одредби да се имплементираат во Статутите на општините како унифицирана полика.

Дополнително, на средбата присуствуваа и Душица Перишиќ, Извршен директор на ЗЕЛС, Наташа Вртеска, координатор за односи со јавност на ЗЕЛС, Виктор Арнаудовски, Координатор на Нормативно – правната комисија на ЗЕЛС и Данче Даниловска, ФИООМ, Координатор на проектот.

Предлог одредбите можат да бидат преземени овде (.PDF, 88.7KB)
На Меѓународниот Ден на Ромите
Официјален старт на Ромската декада



Со низа активности, група ромски здруженија, предводени од мрежата „РНВО 2002“ го одбележува Меѓународниот Ден на Ромите – 8 април. Дел од активностите се поддржани од ФИООМ.

Во обележувањето се вклучува и Владата на Македонија, која на 8 април официјално го прогласува започнувањето на Декадата на вклучувањето на Ромите. Вечерта, на плоштадот „Македонија“ во Скопје, програмата „Ромаверзитас“ на ФИООМ, организира музички хепенинг.

На 6 април во Скопје беа одржани јавна дебата за статусот на ромските студенти во високото образование во Македонија и свечена академија, на која зборуваше академик, д-р Рајко Ѓуриќ, беше промовирана книгата „Кратка историја на Ромите“ од авторите Рајко Ѓуриќ и Љатиф М. Демир и беше доделена наградата 8 април на Владата на РМ, на Мабера Камбери, раководителка на Секторот за координација и техничка помош во Министерсвото за труд и социјална политика (и членка на Управниот одбор на ФИООМ) и на проф. Шаип Јусуф, еден од авторите на првата граматика на ромскиот јазик. На 7 април, во Скопје се одржаа концерт на класична музика и форум за интеграцијата на Ромите во Македонија и беа доделени награди на ученици за литературни творби на теми поврзани со Ромите.

Различни активности за одбележување на 8 април се организираат и во Куманово и Битола. За целосната програма, посетете го веб-сајтот www.mango.org.mk.

ФИООМ ИМ ГО ЧЕСТИТА 8 АПРИЛ НА СИТЕ РОМИ!
Благодарница за ФИООМ


Полициската академија, Скопје, при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола му додели Благодарница на ФИООМ за финансиската поддршка и успешното реализирање на обуката за организиран криминал.
Заврши проектот „Искоренување на организираниот криминал“
Спроведена обука за организиран криминал



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија во соработка со Полициската академија и ОБСЕ го заврши спроведувањето на проектот „Искоренување на организираниот криминал“. Целта на проектот беше едукација на вработените во Одделот за организиран криминал на МВР. Во текот на февруари 2005 година, беше одржана обука на која беа престставени најновите измени во националното кривично-правно законодавство и беа обработени современите методи на работа во сферата на откривањето и делувањето на организираните криминални групи.

Заради обезбедување неопходната мултидисциплинарност во работата, како и заради запознавање на надлежностите на институциите вклучени во борбата против организираниот криминал, перењето пари и корупцијата, на обуката присуствуваа и претставници на Финансиската полиција, Дирекцијата за спречување на перење пари, Царинската управа, Државната комисија за спречување на корупцијата. Во рамките на проектот беа едуцирани вкупно 105 лица. Резултатите од евалуацијата ќе се искористат за натамошно утврдување на потребите за континуирана и специјализирана обука за вработените во Одделот за организиран криминал во Министерството за внатрешни работи на РМ.

Преземете ги резултатите од обуката >>>
Саем – Живо наследство


Центарот за современи уметности - Скопје, во име на мрежата „Живо наследство – Македонија“, има задоволство да Ве покани на свеченото отворење на Саемот на живото наследство, на 1 април (петок) 2005 година, во Домот на АРМ во Скопје, со почеток во 12 часот. Саемот ќе го отвори господинот Панче Манчевски, генерален директор на Извозна и кредитна банка – Скопје.

Саемот, кој ќе трае два дена, има цел да ја промовира философијата на учество на граѓаните и да поттикне креативен однос кон традицијата. На оваа манифестација ќе бидат претставени резултатите од поддржаните проекти. Меѓу другото, ќе бидат изложени и продавани автентични ракотворби од дрво и текстил, производи од метал и природна храна. Во рамките на програмата ќе бидат одржани стручни предавања, проекција на документарен филм, презентации на проекти, демонстрации на одделни занаетски вештини, концерт и претстава за млади. За програмата на саемот и други детали види на www.zivonaseldstvo.org.mk.
Природонаучен музеј
Предавања на британски научник



Господинот Адријан Норис, реномиран природонаучник – конхологист од Велика Британија, ќе одржи две стручни предавања во Природонаучниот музеј во Скопје. Првото предавање, на тема “Природонаучните музеи во современиот свет”, ќе се одржи на 29 март 2005 година (вторник) со почеток во 13 часот, а второто, на темите “Зоогеографија на мекотелците: распространетост на копнените и слатководните мекотелци” и “Отворање на музејските депоа за посетителите”, ќе се одржи на 30 март 2005 година (среда) со почеток во 13 часот.

Предавањата се отворени за јавноста.
Обезбеден е симултан превод од англиски јазик.

Адријан Норис има 40-годишно искуство како научник и куратор за природните науки во музејските установи во Велика Британија, одговорен за збирките од областа на зоологијата, ботаниката и геологијата. Бил претседател на Конхолошкото друштво на Велика Британија и Ирска. Член е на ИКОМ - Меѓународниот совет за музеи, и автор на повеќе научни трудови. Неговите предавања ги овозможи Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, во рамките на иницијативата за унапредување на музејската дејност во Република Македонија.
Музеј на Македонија
Британски експерт прави евалуација



Г-ѓа Барбара Воронцов, меѓународно реномиран стручњак во областа на музејскиот менаџмент од Велика Британија, од 27 март до 1 април 2005 година ќе престојува во Скопје и ќе спроведе евалуација на работата на Музејот на Македонија.

Целта на евалуацијата е да помогне во подготвувањето стратегија за идниот развој на музејот.

Престојот и работата на г-ѓа Воронцов во Музејот на Македонија финансиски ќе ги поддржи Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ).
Двете институции потпишаа договор за соработка, кој се очекува да овозможи нови иницијативи за унапредување на музејската дејност во иднина.
Во Центрите за поддршка на НВО
Информативни точки за ЕУ



Во 12-те центри за поддршка на НВО во Македонија се отворени Информативни точки за Европската унија. Информативните точки се дел од информативната програма на Делегацијата на Европската комисија во Македонија и нудат информации за тоа како функционира ЕУ и нејзините институции, како и за активностите на ЕУ во земјата и во регионот.

Информативните точки за ЕУ можат да ги посетат сите граѓани во центрите за поддршка на НВО во Велес, Прилеп, Кичево и Штип (поддржани од ФИООМ и Швајцарската агенција за развој и соработка), и во Гевгелија, Ресен, Дебар, Делчево, Струга, Струмица, Неготино и Кратово (поддржани од ФИООМ и Европската агенција за реконструкција).
Јавно здравство
Он-лајн дата база на НВО



На адресата www.ngoph.org.mk .е публикувана дата-база на невладините организации кои работат во областа на јавното здравство. Дата-базата е проект инициран од Програмата за јавно здравство на ФИООМ.

Целта на проектот е да обезбеди подобра координација на невладините организации и информации, публикации и контакти од оваа област.
Признание од велешките НВО
Награди за претставници на ФИООМ и за Швајцарската агенција за развој и соработка



Група невладини организации од Велес востановија и првпат годинава ја доделија наградата 21 Март за развој на граѓанското општество. Награди добија двајца претставници на ФИООМ: Јован Петров, за поддршка на информациската технологија на НВО и Весна Шкортова од Центарот за поддршка на НВО во Велес, за личен придонес во развојот на граѓанското општество.

Награда доби и Швајцарската агенција за развој и соработка (Swiss Agency for Development and Cooperation), која со ФИООМ ја финансира работата на Центарот за поддршка на НВО во Велес.
Евалуација
Високи оценки за Центарот за јавно здравство



Центарот за јавно здравство при Медицинскиот факултет во Скопје, кој е инициран и финансиски поддржан од ФИООМ, доби извонредно високи оценки во пре-евалуацијата на неговата работа. Евалуацијата ја вршат експертите за јавно здравство, проф. Теодор Тулчински (Teodhore Tulcinsky) од Израел и проф. Џудит Оверал (Judit Overall) од САД.
Факултет за Драмски уметности, Скопје
Почнува Скомрахи 2005



На 27 март 2005 (недела) во Скопје започнува Скомрахи 2005, со претставите „Просидба“ и „Дон Жуан се враќа од војна“, што ќе бидат прикажани на сцената на Драмскиот театар во Скопје, со почеток во 20 часот. Скомрахи завршува во сабота, 2 април. Во текот на седум дена, ќе бидат изведени повеќе театарски претстави, филмски проекции и работилници во кои учествуваат студенти и професори од академиите и факултетите за драмски и филмски уметности од Скопје, Љубљана, Белград, Загреб, Сараево, Букурешт, Тирана, Софија, Истанбул и Солун. На 30 март (среда), на Факултетот за драмски уметности, со почеток во 10 часот, ќе се одржи симпозиум “Интеркултурален театар”.

Скомрахи е годишна средба на студенти од балканските и од европските академии за драма и филм, која ја поддржува ФИООМ. За повеќе информации и за годинашнава програма посетете го веб-сајтот на Факултетот за драмски уметности.
Проект за е-локална самоуправа


На 17 март 2005 година Фондацијата Институт отворено општество- Македонија (ФИООМ) и ДАИ (MDW/USAID) потпишаа меморандум за соработка за имплементација на проектот за имплементација на е-локална самоуправа. Проектот ќе трае две години, а ќе бидат опфатени најмалку 20 општини во РМ.

Целта на проектот е преку користење на ИКТ да се дојде до подобра јавна политика, поголема доверба во владата, појака демократија и зголемен квалитет на услугите.

Од страната на ФИООМ имплементатор на проектот ќе биде Фондацијата Метаморфозис.
Образование
Обука за изготвување „Развојни училишни планови“ за 23 училишта од проектот „Креативна настава и учење“



Во периодот од 15 до 17 мај во хотел „Бистра“ во Маврово и од 20 до 24 мај во хотел „Белви“ во Охрид ќе се реализираат семинари за обука на петчлени лидерски тимови од проектните училишта за изготвување на развојни училишни планови. Ваквиот вид на организирана обука и практична имплементација со теми од образовен менаџмент, тимско работење, ефективни училишта и развојно планирање за прв пат се реализира во Македонија како една компонента од проектот „Креативна настава и учење“. Предавачи на семинарот се доц. д-р Константин Петковски и доц. д-р Методија Стојановски од Институтот за социолошко-политички и правни истражувања од Скопје.
Шест исклучителни жени
Награда за Мабера Камбери, членка на УО на ФИООМ



Мабера Камбери, членка на Управниот одбор на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, годинава е меѓу шесте исклучителни жени кои добија специјална награда од амбасадорот на САД, Лоренс Батлер, пред неговото заминување од Македонија.

Оваа награда се доделува трета година по ред, на жени што покажале исклучителни резултати во својата професија. Покрај Мабера Камбери, која е раководител на Секторот за координација и техничка помош на министерот во Министерството за труд и социјална политика, добитнички на наградата се и Мирјана Насковска, Павлина Јанкуловска, Гзиме Старова, Ружа Томеска и Беба Жекула.
Прес конференција
Што ќе работи ФИООМ во 2005 година?



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија на 22 февруари одржа прес-конференција на која ја претстави својата програма за работа и буџетот за 2005 година.

Како што рече извршниот директор на ФИООМ, г. Владимир Милчин, приоритети на Фондацијата во оваа година се: поддршка на реформите и на јавното учество во креирањето на политиките, промоција на граѓанското општество, децентрализацијата, интеграцијата во ЕУ и интеграцијата на Ромите.

Овие приоритети ФИООМ ги остварува преку 13 програми, обезбедувајќи грантови за проекти, информации и контакти, обуки, ангажирајќи го сопственото искуство и експертиза и градејќи партнерства и соработка на различни нивоа.

Вкупниот буџет на ФИООМ обезбеден за 2005 година изнесува 7.614.373 американски долари, од кои 3.413.115 долари се од фондовите на Џорџ Сорос, а останатите од други донатори и партнери на Фондацијата.

Милчин нагласи дека, барем во наредните неколку години, нема да биде намалена странската донаторска помош за невладините организации од Македонија. Односно, кај донаторската заедница постои свест дека на невладиниот сектор му е потребен период да се преструктуира за да може да функционира самоодржливо, поради што барем уште седум години странските донатори ќе го поддржуваат овој сектор.
Економски институт – Скопје
Анализа поврзана со малите и средните претпријатијa



Економскиот институт – Скопје, со поддршка од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија изврши истражување и подготви научна анализа на тема: Напред-Назад: надминување на пречките за имплементација на политиката за развој на секторот на мали и средни претпријатија во стопанството на Македонија. Извештајот беше презентиран на 13.12.2004 година, а конечниот текст со вградените забелешки е поставен на овој портал.
Управен одбор на ФИООМ
Свечено испраќање на Емилија Симовска



Управниот одбор на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија на седницата одржана на 8 февруари 2005 година свечено ја испрати Емилија Симовска од функцијата претседател на ова тело.

Членовите на Управниот одбор и извршниот директор на Фондацијата, Владимир Милчин, и се заблагодарија на Симовска за нејзиниот голем придонес во развојот на Фондацијата, како долгогодишен член на управниот одбор и негов претседател од 2002 година досега.

Симовска прими и писмо од Џорџ Сорос, во кое тој и изразува признание за нејзиното ангажирање во ширењето на идејата на отвореното општество во Република Македонија и надвор од неа.

За нов претседател на Управниот одбор на ФИООМ е избрана Слободанка Марковска.
Во Битола
Регионален ресурсен центар за обука на локалната администрација



На 7 февруари 2005 година во Битола свечено беше отворен регионалниот ресурсен центар за обука на локалната јавна администрација на Агенцијата за државни службеници на Република Македонија (АДС). На свеченоста излагања имаа г. Владимир Милчин, Фондација Институт отворено општество (ФИООМ), г. Александар Гештаковски, АДС, г. Фроде Мауринг, Програма за развој на Обединетите нации (УНДП) и г. Златко Вршковски, градоначалник на општина Битола.

Реконструкцијата и адаптацијата на просториите во ресурсен центар е една од компонентите на проектот за зајакнување на капацитетите на локалната администрација „Модел на македонска општина“.
Проектот е финансиран од ФИООМ и УНДП.
Специјална награда за Владимир Милчин


На извршниот директор на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, Владимир Милчин, му беше доделена специјална награда за личен придонес и за придонес на ФИООМ во транзицијата и градењето на граѓанското општество, како и за негов личен придонес за развојот на турскиот театар во Република Македонија.

Ова признание му беше врачено на 25 јануари 2005 година, во хотелот “Холидеј Ин” во Скопје, на свеченоста во чест на добитниците на наградата “Кутлук Вели”, која им се доделува на успешни личности со турско потекло, како и други, за придонес во развојот на турската култура.

Оваа награда ја доделува Здружението за развој на медиумите на турски јазик во Македонија.
Програма живо наследство
Сувенирница и галерија во Крушево



На 22 јануари 2005 година, Крушево по долги години доби прва продавница за сувенири и културен простор за изложби, камерни концерти, промоции и други културно-уметнички настани, во реновираниот објект на Домот на култура „Наум Наумовски Борче“. На отворањето присуствуваа голем број крушевчани и гости од цела Македонија. Програмата беше збогатена со мини-концерт на триото Х. Х. Мулар (гитара), Ј. Пенов (гитара) и П. Колески (кларинет), како и со аудио-визуелен приказ „Епопејата на Мечкин Камен“ и настап на КУД „Н. Н. Борче“ од Крушево. Средствата за реновирање на објектот во износ од $29.500 американски долари се обезбедени од програмата “Живо наследство”. (Види и на: www.zivonasledstvo.org.mk)
On.net преписка


На веб-страницата www.on.net.mk е обајавена преписка меѓу Енисе Еминова и уредникот на страницата, Сашо Мацановски – Трендо, во која на груб начин се инволвира ФИООМ. Извршниот дирекор на Фондацијата, Владимир Милчин, испрати порака до уредникот на оваа страница, коja се наоѓа во прилог.

Почитуван уреднику,

Со задоцнување, откако ми укажаа дека на сајтот што го уредувате, се одвива полемика во која се спомнува фондацијата, Сорос, па и јас, ја прочитав кореспонденцијата помеѓу Енисе Еминова и вас.
Без да навлегувам во различните, односно противставените мислења, сакам само да појаснам дека Енисе Еминова не е вработена на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија. Колку што знам јас, таа е консултант на програмата Ромска женска иницијатива при ИОО - Њујорк. Според тоа, нејзината реакција е нејзин личен став.
Неправењето разлика меѓу “јас” и “ние” во нејзината реакција и тешката вербална артилерија што ја употребувате вие, за жал, уште еднаш сведочат за тоа колку лесно кај нас се извртуваат работите.

Со почит,
Владимир Милчин
Центар за поддршка на НВО–Струмица
Трибина за децентрализацијата и изградба на отворена власт



Во организација на Центарот за поддршка на НВО во Струмица и општината Струмица, на 23 мај 2005 година беше одржана трибина на тема „Процесот на децентрализација и изградба на отворена власт во Република Македонија“. Трибината ја поздрави градоначалникот на Струмица, Зоран Заев, а предавања одржаа Тања Алтанџиева, заменик-министер за локална самоуправа, на тема: “Законот за локална самоуправа и процесот на децентализација како основа за подобро локално владеење”, Василис Марагос, советник во Делегација на Европската комисија во Скопје, на тема “Улогата на локалната самоуправа во процесот на ЕУ интеграција” и Василис Василатос, тим-лидер, на ЕУ КАРДС - Проект за техничка помош за имплеметација и координација на процесот на децентрализација.

На трибината присуствуваа градоначалниците од Струмица, Делчево, Радовиш, Василево и Босилово, претседателот на Собранието на Неготино, претставници на споменатите општини, членот на парламентот од Струмица, Лилјана Ивановска, НВО од Струмица, Гевгелија, Кратово, Неготино, Делчево и Берово. На трибината се потпиша Договор за соработка помегу општината Струмица и Центарот за поддршка на НВО.
Работилница за Болоњската декларација
Промена на структурата на степени во високото образование: Како понатаму?



На 24 јануари 2005 година (понеделник) во просториите на Ректоратот на УКИМ (големата сала), се одржува работилница за Болоњската декларација со наслов: ”Промена на структурата на степени во високото образование: Како понатаму?”

Работилницата ја организира Фондацијата Институт отворено општество - Македонија во соработка со Универзитетот: ”Св.Кирил и Методиј” Скопје (УКИМ) со финансиска поддршка од Амабасадата на Кралството Холандија во Македонија, во рамките на Меѓународниот зимски универзитет на Академската тренинг асоцијација од Холандија.

Предавачи ќе бидат David Crosser од Европската универзитетска асоцијација и Србијанка Турајлиќ од Универзитетот во Белград, поранешен Помошник Министер за образование и наука на Србија. Ќе учествуваат и претставници од четирите универзитети во Република Македонија.

Целта на работилницата е да ги помогне претстојните реформи во македонското високо образование и напорите на македонските високобразовни институции за побрзо и поквалитетно вклучување во европскиот простор на високо образование.

Контакт: Сузана Пецаковска, координатор за високо образование
Тел: +389 02/ 2 446 787
specako@soros.org.mk
Конференција
Градење ефективни партнерски стратегии за поддршка на образованието на Роми во Република Македонија



На 25 јануари 2005 година (вторник) во хотелот Александар Палас во Скопје, со почеток во 11:00 часот, се организира конференција на тема: „Градење ефективни партнерски стратегии за поддршка на образованието на Роми во Република Македонија“.

Конференцијата ја организираaт Министерството за образование и наука на РМ и Фондацијата Институт отворено општество – Македонија со финансиска поддршка од УСАИД.

Излагања ќе имаат Претседателот на РМ, претставници Министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика, директорите на УСАИД и ФИООМ како и претставници на невладини организации кои работат во областа на образование на Роми. Поканети на конференцијата се амбасадите на САД, Холандија, Велика Британија, Норвешка, Германија, Франција, Италија, Швајцарија, Австрија и Унгарија; меѓународни агенции и организации како и локални невладини организации коа работат во областа на образование на Роми.

Целта на конференцијата е врз основа на Акциониот план за образование на Роми, изготвен од страна на експертскиот тим ангажиран од Министерството за труд и социјална политика, да се согледаат приоритетните точки за акција, тековните и планираните идни интервенции од страна на донаторите, како и да се утврдат механизми за меѓусебна координација и ефикасна интервенција во образованието на Роми во РМ.

Контакт: Споменка Лазаревска, директор на Програмите за образование Тел: + 389 02/2 44 44 88 локал.150
slazare@soros.org.mk
Програма „Живо наследство“
Ѕвегорската сурва во Скопје



Во средата, 12 јануари 2005 година, скопјани имаа несекојдневно доживување – Ѕвегорската сурва гостуваше на плоштадот „Македонија”. Околу 50 лица под маски ги забавуваа граѓаните и ги повикаа на прослава во нивното село. Здружението “Искон” од селото Ѕвегор доби грант преку програмата “Живо наследство” на ФИООМ за афирмација на традиционалното наследство, меѓу кое е и овој карневал, кој се одржува со векови на Василица. (Види и на: www.zivonasledstvo.org.mk)
Програма „Живо наследство“
Финансирани 8 нови проекти



Во текот на 2005 ќе бидат реализирани уште 8 нови проекти финансирани од програмата „Живо наследство“, и тоа во заедниците во: с. Лешок, Гостивар, Ростуше, с. Звегор, Карбинци, Берово, с. Лесново и Скопје. Вкупната финансиска поддршка за овие проекти е $35,000 американски долари. Детали види на: www.zivonasledstvo.org.mk
Поддршка на Ромки претприемачки
Обука за вовед во бизнис



Во јуни 2005 година во Велес и Штип ФИООМ ќе спроведе обуки за вовед во бизнис, наменети за Ромки претприемачки. Програмата ги опфаќа областите: основи на деловно работење, вовед во истражување на пазарот, принципи на паричен тек, калкулација на трошоци и правна регулатива за основање трговски друштва и правата и обврските кои произлегуваат од регистрацијата. Наредните обуки ќе се одржат во јули во Кочани и во септември и во октомври во Битола и Прилеп.

Обуките се дел од Проектот Поддршка на Ромки претприемачки (Програма за eкономски реформи) на ФИООМ кој се спроведува во соработка со Развојната банка при Советот на Европа (Фонд доверен од Кралството Норвешка и Католичките служби за помош, проект за микрофинансирање Хоризонти). Проектот има цел да ги подобри образованието и социо-економската положба на Ромките. Од октомври минатата година до денес, во Скопје реализирани се вкупно шест обуки на тема Вовед во бизнис.

Преземете ја програмата>>>
 
назад  
 

     © Copyright 2013, Foundation Open Society - Macedonia. Web site developed by Metamorphosis - Foundation for sustainable ICT solutions